Лондонската полиција во четвртокот го уапси основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, кој пред речиси седум години доби засолниште во еквадорската амбасада во Лондон.
Асанж има пријател од Балканот - хрватскиот филозоф Среќко Хорват, кој последен пат во амбасадата бил во ноември минатата година.
- За мене ова не е изненадување, но сум шокиран, пред сè, поради фотографиите од човекот кој британската полиција го изнесува надвор. Тоа е човек кому му е потребна лекарска помош во овој момент. Тој моментално се наоѓа во подрумот на лондонската полиција, на уште полошо место отколку во амбасадата - вели тој.
Хорват додава дека со Асанж се познаваат со години. Тој раскажува и анегдота за да покаже колку му било тешко на Асанж во изолација, без можност да излезе надвор.
- На една од нашите последни средби му однесов шише вода од Јадранското Море и прво што направи, спонтано, се напи чаша вода само за да вкуси како е тоа - се присетува Хорват.
Тој нагласува дека сега се случило она што сите што го поддржуваат го зборуваат со години - дека постои барање за негова екстрадиција, издадено од американските власти, иако британските служби досега одбиваа да потврдат или да негираат дека тоа постои.
- Дури кога го повлекоа азилот, што е противзаконско според еквадорскиот закон, британската полиција го приведува, а Тереза Меј пушта информација во јавноста дека постои барање за екстрадиција во САД - вели Хорват.
Тој верува дека британската премиерка има и лична корист од апсењето бидејќи го одвлекува вниманието на јавноста од лошата бесконечност на Брегзит.
- Што и да мисли некој за Асанж, за неговите ставови, мислам дека ова е преседан кој сигурно радикално ќе ја промени иднината на новинарството - вели Хорват.
Тој е сигурен дека ова апсење за Асанж претставува продолжување на борбата, а не нејзин крај.
- Исклучително е важно сите професионалци во медиумите исто така да се огласат за ова - прво дојдоа по Асанж, ќе дојдат и по другите -
заклучува Хрватот.