X
 14.07.2022 Наша тема

Автобуси без кочници возат по македонските патишта: Ниту големите несреќи не ги исплашија некои од превозниците

Неисправни сопирачки и други уреди за безбедност, истечени дозволи, фалсификат документи и регистарски таблички се најчестите проблеми или ситуации кои полицијата ги затекнува при зачестените контроли на автобусите и комбињата што вршат јавен превоз на патници.

Користењето автобуски превоз, било да се работи за меѓуградски било за меѓународен превоз, односно за специјален превоз на туристичка дестинација, е најевтина варијанта за патување, но убедливо најнебезбедна на македонските патишта.

Во двете автобуски несреќи кај Ласкарци, Тетовско, и на автопатот Софија-Благоевград во Бугарија загинаа вкупно 59 патници. Министерството за внатрешни работи ги засили контролите на внатрешниот патнички превоз особено по несреќата на автопатот Струма во близина на Ќустендил, на 23 ноември, во која животот го загубија 45 патници од Македонија кои изгореа во пожар откако автобусот кој се враќал од Истанбул кон Скопје удрил во банкината и за момент се запалил.

При контролите на терен МВР постојано испраќа автобуси или комбиња на вонреден технички преглед и притоа се констатираат многу неправилности во системите за безбедност, особено кај сопирачките.




Од 1 јануари 2021 година до 16 декември 2021 година санкционирани 468 автобуси со неисправни сопирачки

- Според податоците со кои располага МВР, во периодот од 1 јануари 2021 до 31 декември 2021 година на територијата на целата држава се санкционирани 2.252 технички неисправни возила, а во периодот од 1 јануари 2022 до 31 мај 2022 година се санкционирани 1.008 технички неисправни возила - велат од МВР.

Оттаму додаваат дека во периодот од 1 јануари 2021 година до 16 декември 2021 година биле санкционирани 468 автобуси кои превезувале патници, а имале проблеми со системот за сопирање, односно немале сопирачки.

Дел од јавноста смета дека не се сопрени сите автобуси и комбиња со целосно неисправни сопирачки, но за МВР терминот „неисправни кочници“ е ист со терминот „нема кочници“ затоа што критериумот за утврдување неисправни сопирачки кај автобуси или комбиња што вршат превоз на патници е повисок и утврден со правилник за технички преглед. Додека возилата треба да ги исполнат барањата од Директивата на ЕУ.

- Правилникот за технички преглед на возила („Службен весник“ на РМ, 81/2010) ги пропишува поблиските критериуми што треба да ги исполнуваат возилата за да бидат технички исправни. Во однос на тест-резултатите од проверките на системот за сопирање, тие треба да ги исполнуваат барањата од Директивата 71/320/ЕЕ3 - соопштија од МВР.

Исклучувањата од сообраќај на автобуси и комбиња, вклучувајќи ги и тие што превезуваат ученици, влеваат страв кај граѓаните затоа што се појавуваат сѐ повеќе возила во делумно исправна состојба.



Овие превозници го заобиколуваат законот затоа што регистрираат неисправни автобуси и комбиња во станици за технички преглед и добиваат потврди за технички исправно возило. Полицијата присуствува само на вонредните технички прегледи, но не и на прегледите кога се регистрираат возилата во станиците за технички преглед.

- Нашите автобуси не може да бидат регистрирани ако не го поминат техничкиот преглед. Доколку е нешто неисправно со системите за сопирање, осветлување или подвозјето, возилата ни ги враќаат назад во сервис и не помислуваме да одиме на технички додека не го отстраниме дефектот. Згора на тоа, полицијата ни врши и вонредни контроли. Ние имаме проблем со дивите превозници кои си играат со безбедноста на учениците и патниците, а целиот товар паѓа на легалните превозни компании - истакна техничкиот директор на голема автобуска компанија од Југоисточниот Регион.

Според член 42 од Законот за возила, доколку се утврди техничка неисправност на возилото, возачот добива казна од 400 евра затоа што вози возило без исправни сопирачки, неисправен систем за управување, уред за поврзување на влечното или приклучното возило или лоши пневматици.

Правното лице сопственик на возилото кое е неисправно ќе добие глоба од 2.000 евра, а одговорното лице во компанијата ќе плати 500 евра.



Но, доколку при контрола на автобусот се утврди дека е регистриран како технички исправен, а притоа системот за сопирање покажал дека е неисправен, ќе му се одзеде Решението за работа на правното лице за вршење технички преглед и ќе му се изрече казна од 5.000 евра.

- Доколку при контрола над овластено правно лице за вршење технички преглед на возила се утврди конкретново прашање, дека е регистрирано возило како техничко исправно, а притоа системот за сопирање покажал дека е неисправно, согласно член 65 од Законот за возила следува одземање на Решението за овластување, а глоба од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластеното правно лице за вршење технички преглед кое постапува спротивно на одредбите, глоба од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице кај овластеното правно лице за технички преглед кое постапува спротивно, како и глоба од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на раководителот и стручниот работник - соопштија од МВР.

Фото: МВР
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема