X
 05.05.2015 Живот

За мојата пријателка

Има денови од кои се плашиме и датуми кои не сакаме никогаш да дојдат..... Задлабочена во разговор за момент погледнувам на часовникот онака несвесно без да обрнам внимание дека веќе поминале неколку часови од кога сум овде. Повторно погледнувам на часовникот, се завртувам и гледам во неа, трепкам со очите а потоа погледот го насочувам кон масата, ова е последната шолја кафе, не ми се верува дека ова се последните неколку часови кои ги минуваме заедно, затоа што таа заминува, се иселува од овде.



Стојам на прагот од нејзината куќа потпрена на ѕидот, погледот ми е вперен во куферите сместени сред соба а очите ми се полнат со солзи кои се тркалаат по моето лице. “Време е ” – вели некој од соседната соба. Тоа ми одекнува како ехо во главата непрекинато повторувајќи се. Одмавнувам со главата не сакајќи да ја прифатам реалноста. Ги затворам очите и помислувам на сите оние моменти кои ги минавме заедно, на плановите кои често ги правеме на факултет, на долгите разговори проследени со смеа, на неколку часовните шопинзи, на сите оние мали детали кои само ние ги знаевме и разбиравме.

Премногу ќе ми недостига, не сакам да замине, но како животот да не прашува што воопшто сакаме. Ја гледам како излегува од собата и полека се приближува, застанува пред мене и ме гледа, молчи неколку секунди а потоа тивко мрмори: “Ќе се видиме за скоро”. Кимам со главата бидејќи не можам да изустам било што. Но во тој миг не ни беа потребни зборови, погледите ни кажуваа се. Ја прегрнувам и почнувам да липам, си ја покривам устата со рака додека по моето лице се слеваат солзи, сосема заборавам на се окулу нас, во тој миг како светот да беше застанал. Ја стегав толку силно што мислев дека секој миг ќе и снема воздух. “Добро е” - вели а потоа додава: “Нема веќе плачење, доволно плачевме”. Си ги бриши солзите и се насмевнува но, знам дека длабоко во себе е скршена што заминува а истовремено е и среќна што најпосле го исполни својот сон, кој долго време го сонуваше со отворени очи.

Се радувам за неа како што мало дете би се израдувало на некој подарок но од друга страна веќе чувствувам празнина во срцето. Уште една драга личност во списокот на изгубени пријатели. Туѓината ни ги кради луѓето, еден по еден си заминуваат од нашите животи и сите со истото ветување дека еден ден ќе се вратат, но и самите не веруваат во тоа, знаат дека тоа се само празни зборови. Не сакам да ја пуштам да оди но морам, одложувањето на ова збогување не може да трае уште долго. Издушувам длабоко и несигурно, нешто од внатре не ми дава мир. Се обидувам да земам воздух но некако се гушам во просторијата па затоа истрчав кон прозорецот, го отворив и дишев длабоко. Таа веднаш дојде по мене, стоевме една покрај друга гледајќи се, потоа ја заврти главата и ми се обрати: “Ќе дојдеш и ти за скоро мила, го знам тоа”.



Ужасно е да знаеш дека некој кој го сакаш нема веќе да биде дел од твојата иднина. Нема да биде со тебе кога ќе ти побелува косата, кога на лицето ќе ти се појават брчки и подочници, кога рацете ќе ти се тресат и понекогаш ќе ти испаѓа по нешто од нив. Нема да биде со тебе ни кога ќе се радуваш за да ја сподеди радоста со тебе ниту пак кога ќе тагуваш нема да може да те утеши.

Кога некој ќе си замине од твојот живот веќе ништо нема да биде исто, времето ја менува својата димензијата, часовникот отчукува бавно, часовите минуваат како денови а деновите траат како цела вечност... За прв пат го почувствував неколку сантиметарскиот простор кој не разделуваше како да се беше издигнал двометарски ѕид помеѓу нас, како да бевме неколку илјади километри далеку една од друга, иако таа сеуште беше тука, само на чекор од мене. Ме стега во градите и солзите одново ми потекоа. Постојано вовлекував болни воздишки.

Бевме како нем дует, никоја од нас не можеше да зборува бидејќи емоциите беа посилни од нас. Томку во овие мигови додека молчевме, јас сфатив колку многу ќе ми недостига кога ќе си замине. За кратко време изгубив многу драги личности. Прво еден, по него друг, трет,.. се редеа на една долга низа на која се чини и нема крај. Тоа се премногу, премногу луѓе за цел живот а не за само неколку години.

Се чувстував беспомошно бидејќи не можев да сторам ништо за да ја запрам да не оди, нејзината желба и решителннсот беа поголеми и во тој миг ништо не можеше ја спречи да ги направи последните чекори за да ја напушти оваа просторија во која беа само луѓето кои искрено ја сакаа и безусловно ја поддржуваа во нејзините одлуки иако срцето им се кинеше додека ја гледаа како се оддалечува. Страшно ќе ни недостига нејзиното присуство, нејзината насмевка, позитината енеригија со кои секогаш зрачеше. Она што ние можеме да го направиме не е ни од близу доволно за да застани, да се заврти кон нас и малку да се замисли дали е тоа правилна одлука. Со стиснати плаци ти посакуваме живот исполнет со радост и смеа, со успех, со убави спомени за кои ќе ти треба долго време да ги споделиш со нас.

Се запрашав себеси: “Како ли луѓето ги избираат последните зборови за да кажат збогум, дали воопшто можат да ги изговорат кога срцето силно им чука?” Ќе се обидам за прв пат да ги изговорам гласно и со крената глава бидејќи ретки се луѓето како тебе, горда сум и среќна затоа што си дел од мојот живот. “Мила моја, дали гледаш? Конечно се си дојде на свое место. Започна да чекориш сама и одиш по патеката на која од секогаш си сакала да чекориш за да стигнеш до она што те прави среќна. Знам, нема да биде лесно, впрочем ништо не е лесно и едноставно во животот, но кога го правиш она што го сакаш, тогаш желбата и луѓето окулу тебе ти ја даваат потребната сила за да се бориш до крај и да ја постигнеш својата зацртана цел. Запомни, секогаш кога ќе ти се случи нешто, потруди се твојата болка да ја запишуваш некаде на песокот од морето, а добрите работи запишувај ги на парче харија. Кога ветерот ќе дувне посилно тогаш ќе избриши се она што си го запишала на песокот, но не и она што е врежано на хартијата, тоа засекогаш ќе остане како потсетник на добрите времиња.”

Животот продолжува понатаму, луѓето нема секогаш да бидат тука со нас, некои од нив порано или подоцна си одат. Но зошто не можеме да ги пуштиме така лесно да заминат и да им кажеме збогум? Да ги контролираме емоциите и да им посакаме да бидат среќни таму каде што се, бидејќи овде никогаш и не биле?

Автор: Гордана Талевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот