X
 28.10.2015 Образование

Училница во која знаењето е преценето

1

 

Сугата Митра бара прашање. „Потребно ни е навистина силно и моќно прашање“, им вели тој на десетина ученици во четврто одделение во основното училиште Џон Б.Русвурм ПС 197, кое се наоѓа во њујоршкото соседство Харлем. Учениците, кои се седнати со прекрстени нозе на подот, со нетрпение ги креваат нивните раце во воздух.


Митра му вели на едно момче да стане. „Ајде да го слушнеме твоето прашање“. Момчето станува и вели: „Сакам да знам, зошто кучињата ги бркаат мачките?“

„Никогаш не сум размислувал за тоа порано“, вели Митра, чешајќи ја својата глава пред да повика друг ученик.

„Зошто машките морски коњчиња имаат бебиња, а женските немаат?“, а потоа следува друг ученик со друго прашање: „Како се создава еден компјутер?“, вели едно младо девојче.

Митра, кој е истражувач од Универзитетот во Њукасл и добитник на ТЕД наградата од 2013 година, размислува за предлозите, пред да одлучи кое прашање ќе го одговори прво. „Зошто кучињата ги бркаат мачките“ - е едно од најинтригантните. Тој ги информира учениците дека имаат 20 минути да ги најдат одговорите на прашањето, но под неколку услови. Прво и основно, не смеат да зборуваат со возрасните. Второ, со 24 деца и само 6 компјутери во собата тие ќе мора да формираат групи и да работат заедно. И на крај, добиените одговори ќе мора да им ги прочитаат на другите.

„Им велам дека ако сакаат да дознаат што другата група прави, едноставно можат да одат и да погледнат. Децата често пати велат дека ова е мамење, меѓутоа јас им велам не, тоа не се нарекува мамење, туку споделување на знаењето“.

 

1


Митра и неговите ученици се на сред SOLE сесија. SOLE кратенката е Self Organized Learning Environment (Самоорганизирана средина за учење). Ова е нова техника за подучување развиена од Митра, која користи начин за охрабрување на децата да имаат автономија во нивниот процес на учење. Предавањето преку користење на SOLE методот вклучува наставник кој поставува големо прашање и ученици кои самите се организираат во групи и го истражуваат одговорот користејќи онлајн алатки. Училницата во која се Митра и неговите ученици е првата SOLE лабораторија која е отворена во Америка, иако тој има отворено шест во Англија и Индија од 2013 година.

Наташа Спан, директорката на училиштето објаснува дека јадрото на наставната програма која наставниците ја следат останува истата, но техниките на предавање се менуваат. Така на пример, децата од градинка учат за дрвјата, такашто големото SOLE прашање може да е нешто како, „Дали можеме да ја јадеме кората од дрвјата?“ Или пак учениците од трето одделение кои учат за географија, може да бидат прашани „Како животните можат да го променат пејзажот на одреден географски регион?“ Целта на овие големи прашања е да ги поттикне учениците да размислуваат активно.

Наталија Аредондо, студентка на Митра на Универзитетот во Њукасл, вели дека училиштата ќе продолжуваат да ги оценуваат учениците на ист начин како и досега иако признава дека тоа не е идеално. „Откако ќе им овозможите на учениците да го користат интернетот, вештините кои ќе бидат тестирани треба да се променат“, вели таа.

Митра го опишува SOLE како „учење на работ од хаосот“, и навистина, како што учениците создаваат групи, така се` повеќе се слуша врева - неорганизираноста останува неколкку минути, а после тоа учениците се смируваат и започнуваат да го пишуваат прашањето на Google. „Зошто кучињата ги бркаат мачките?“. На Google, се отвора мала кутија со кратко објаснување од американското друштво за спречување на суровоста кон животните. Децата го запишуваат објаснувањето. Некои групи одат на Youtube за да погледнат видео. Скоро сите пишуваат сличен одговор.

 

2


Митра не е обичен наставник. Можеби го знаете од неговиот TED говор од 2013 година во кој го опишува познатиот експеримент наречен hole-in-the-wall (оној кој ја инспирира приказната за Slumdog Millionaire). Во 1999 година, Митра исекол дупка од ѕидот на неговата зграда, која граничела со сиромашната населба Калкаџи во Њу Делхи, и во неа ставил компјутер. Тој бил љубопитен како децата ќе реагираат без претходно познавање за тоа како работи компјутерот. Децата веднаш научиле како се користи компјутерот без никаква настава. Тие дури и започнале да ги учат основите на англискиот јазик за да можат да ги користат пребарувачите и меилот.

Тој започнал да работи со поамбициозни експерименти во други неразвиени заедници. Во 2010 година, вооружен со компјутер со едукативен материјал за молекуларната биологија на англиски јазик, го оставил во индиското село Тамил Наду. Децата, на возраст од 10 до 14 години поминале 75 дена запознавјаќи се со компјутерот и содржината. Кога се вратил, Митра им дал тест на децата за да го види нивниот напредок, и открил дека тие можат да одговорат на едно од четирите прашања точно. Тој повторно ги остави да учат, но овој пат со локален наставник кој го водел разговорот и одговарал на прашањата. Кога повторно се вратил, учениците можеле да одговорат на 50% од прашањата правилно и разбирале концепти како ДНК, хромозоми и наследност.

Овие наоди го довеле Митра до теоријата која ја дефинирал неговата професионална кариера: на децата не им се потребни наставници за тие да учат. Тие се си се потребни еден со друг и секако, интернет конекција. Митра, како и другите радикални поборници, верува дека индустриската ера на образовниот систем е на работ на истребување.

 

3


„Мислам дека традиционалниот модел на учител и предавање нема да преживее во наредните 10 до 15 години“, вели Ричард Елмор, професор на Факултетот за образование на Харвард. Замена за тоа ќе биде технолошки стил на учење кој ќе им овозможува на децата да имаат повеќе средства кои ќе им овозможат пристап до интернетот кој ќе ја задоволи нивната љубопитност.

Овој стил на учење, или поточно, неучење се нарекува „минимално инвазивно образование“. Митра верува дека интернетот ја направи нашата колективна база на знаење толку голема и достапна, што повеќе не е потребно децата да седат во редови и да им се ставаат факти во нивните глави. Митра овој стар метод на предавање го нарекува „за секој случај“ образование и според него, ова е целосно губење на времето. Нема потреба наставникот да објаснува како вулканот еруптира, бидејќи ако ученикот сака да знае, може да погледне онлајн.

Елмор верува дека наставниците потценуваат колку добро децата можат да го само-регулираат процесот на учење.

 

4


Назад во училницата, во групи учениците застануваат еден до друг и ги презентираат нивните резултати. Како што учениците ги читаат одговорите, некои од нив се збунуваат, но тука се нивните соученици кои им помагаат.

Со SOLE, Митра сака кај децата да создаде „вештини за 21-от век“, што е негов начин на опишување на квалитети како креативност, критичко размислување и социјална комуникација. Ова се вештини кои се доста ценети во Силиконската долина, но е тешко да се измерат објективно.

Митра верува дека неговиот стил на учење ќе создаде попаметни, поиновативни генерации на деца - генерации кои се уникатно способни да се адаптираат во светот околу нив. „Ако знаењето станува старомодно мислам дека ни остава простор за нешто што е веројатно многу поважно - а тоа е создавање“, завршува тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование