X
 15.02.2021 Наша тема

Кларинетистот Благој Ламњов во Шведска ги спои велешката чалгија и класичната музика: Поезијата на Рацин ми ја разбуди креативноста

Создавајќи го својот прв албум „Носталгична љубов“ во моменти на мечтање по некого, во моменти на носталгија по неговиот роден град Велес, виртуозот Благој Ламњов му додаде нова димензија на кларинетот

Музичарот, кој повеќе од 15 години живее и твори во Шведска, во своето дело успеа да ги спои македонскиот фолклор, чалгијата и изворните инструменти со модерниот звук користејќи ја германската класична музика и класичниот тон на кларинетот, кој го привлече уште на четиригодишна возраст.
Солистичкиот концерт со Симфонискиот оркестар на Норшопинг, Шведска, пред точно една година беше потврда на неговиот раскошен талент, кој го разви во текот на студирањето на Универзитетот „Лунд“ во Малме и со посетувањето часови кај истакнати кларинетисти од филхармонијата во Чикаго, САД.
Гласниот одѕив на публиката, која заспива и се буди со кларинетот на Благој, беше повод македонскиот музичар да почне да работи и на вториот албум “Nostalgic Love 2“, кој планира да излезе во првата половина од 2021. Ламњов годинава ќе работи за операта на Малме, а продукциска куќа во Шведска креира музичко-сценско дело од 30 минути со музика од албумот „Носталгична љубов“.



Што те привлече кај звукот на кларинетот и како почна твојата музичка приказна?

- Искрената желба и сонот на едно човечко суштество имаат моќ да создадат едно таканаречено рециклирање и константно регенерирање на истите, при што тие почнуваат сами по себе да се остваруваат. Кога некој денес го живее сонот, јас сум сигурен дека тој не само што точно знаел што сакал и што сонувал, туку бил и убеден дека ќе му оствари. Бев четиригодишно дете кога мојот постар брат почна да свири на кларинет. Како што тој напредуваше, така кај мене се зачнуваше таа силна и искрена желба да бидам како него. Покрај тоа, во нашето семејство музиката отсекогаш била важен додаток во нашето секојдневие. Некако ни беа потребни чувствата и емоциите што ни ги создаваше слушањето музика. Имавме посебен респект кон музиката. Ја почитувавме моќта на музиката.

Цела 2020 година го привлекуваше вниманието со својот албум „Носталгична љубов“. Што претставува албумот и каква носталгија те инспирира?

- Nostalgic Love е креиран за време на различни емотивни состојби. Моменти на мечтаење по некого, носталгија по некои други времиња од мојот живот, носталгија по мојот роден град Велес, исчекувања. Во моменти кога сум имал потреба да кажам некому што чувствувам. Сум барал начин како моите чувства да ги конвертирам во музика со цел да си помогнам себеси, да се искажам. Тоа е една многу интересна состојба која не ми доаѓала така лесно. Не се случува секој ден. Некогаш со месеци не сум можел да ја најдам. Некогаш сум користел разни техники, на пример, емотивни сцени од филмови, или пак слушајќи ја љубовната поезија на Кочо Рацин и љубовните поеми на Александар Сашко Кукулев, со цел да ги разбудам тие искрени емоции кои ми помагаат да влезам во таа замислена, креативна скривница.


Колку време работеше на албумот?

- На албумот почнав да работам годината кога се преселив во Шведска, 2004. Значи 14 години. Толку долго е затоа што кога почнав, немав изградено стил. Јас не ги создавав песните цели 14 години, туку го создавав мојот стил на свирење и пишување музика, користејќи ги тие различни емотивни моменти кои ги набројав. Кога почувствував дека сето тоа е зрело и излегува искрено од мене, тогаш одлучив да влезам во студио и да го документирам. Албумот го снимивме во два дена, сите музичари свирејќи во исто време, исто како на концерт. Не влегов во студио сè додека точно не знаев како сакам да звучи секоја песна од албумот. Јас, “Nostalgic Love” го имав слушнато во глава уште пред да ја направам првата проба со музичарите. Не оставив други да ми го креираат албумот, туку точно знаев какви инструкции да им дадам на музичарите кои свиреа со мене и бев прилично строг кон нив.



Провејуваат ноти и на велешката чалгија во твојата музика. Кога и како сфати дека фолклорот и модерната музика можат да се спојат во современо музичко дело?

- Убаво сте препознале кое влијание го има мојот стил на музика. Најголемото влијание во Nostalgic Love доаѓа од македонската фолклорна музика и тоа: чалгијата, изворните инструменти и таа наша фестивалска музика од крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години. Покрај тоа, имам користено идеи и од екс-југословенската рок и поп-сцена од 80-тите и 90-тите години. И на крај, сето тоа го свирам со респект кон слушателот, кон самиот себе, кон светот, користејќи ја традицијата и префинетоста на германската класична музика и класичниот тон на кларинетот. Сега албумот го слушаат луѓе кои никогаш претходно во животот не можеле ни да замислат да слушаат албум со кларинет дома, во автомобил, во канцеларија...

За време на пандемијата го стави албумот на бесплатно интернет-преслушување, што е потег за поздрав. Какви се реакциите на публиката?

- Nostalgic Love редовно го слушаат неколку илјади луѓе. Сум добил пораки од луѓе што велат дека сум му дал друга димензија на кларинетот. Заспивале и се буделе со Nostalgic Love. Го слушаат секаков тип луѓе: деца, тинејџери, рокери, блузери, џезери, турбофолкери... Значи, успеав да допрам до секоја група на луѓе со разни карактери, навики и стил на живеење. Многу е убаво кога добивам пораки од луѓе кои неколку месеци го слушаат албумот секојдневно. Многу е убаво кога ќе добијам порака од средношколци, студенти и професионалци кларинетисти кои ми пишуваат: „Сакам да свирам како тебе.“



2020 година ја почна со солистички концерт со симфониски оркестар. Дали е тој пресвртница во твојата кариера?

- Тој концерт ми ги зајакна надежта и ентузијазмот. Многу е важно човек да ја негува надежта и да не дозволи никој да му ја убие, туку константно да бара начин како таа надеж да се регенерира. Овој концерт направи најголема пресвртница кај мене лично, во мојата надградба, но малку и придонесе во мојата кариера за само една година од тој настап.

Како Швеѓаните ја примија твојата музика на тој концерт? Ги привлекува ли нашата балканска енергија?

- Ние, музичарите од Балканот што стапнуваме на светска сцена ја ублажуваме таа лоша слика што светот ја има за нас како последица на лошите политичари во изминативе 30 години. Кога еден Швеѓанец гледа вести и се смее на апсурдите на нашите политичари, добива слика дека цел народ е таков. Но утре ме гледа мене или друг уметник на концерт, чита моја биографија во програмата и таа лоша слика за нас му се ублажува и почнува да мисли малку поинаку. Почнува да размислува да ја посети Македонија. Почнува да размислува во неговата фирма да вработи Македонец. И така натаму. Затоа моќта на уметниците е нешто што некои земји од Западот го разбираат и многу умешно го користат.


Сите наши уметници што творат низ светот ги нагласуваат носталгијата, одговорноста и искрената желба да свират пред домашната публика. Што ја прави толку моќна македонската публика или сцена?


- Сите ние музичарите што патуваме секогаш кажуваме колку е убаво да се свири дома, а можеби и не знаеме ни самите да објасниме зошто. Можеби затоа што чувствуваме дека публиката ја гледа Европа во нас, ја гледа Америка, Кина, Јапонија, го гледа светот во нас. Можеби ни годи да сме сакани од нашиот народ, ни годи да го гледаме народот како се гордее со нас, како нè сака. Гледа еден космополит во нас, човек кој самиот себе никогаш не може да се доживее како што нашата публика го доживува. Тука се и старите другари и другарки, пријатели, драгите комшии, луѓето кои никој на светов не може да ги замени во мојот живот. И покрај сè, има и еден психолошки момент: свирењето во Македонија мене лично ми создава чувство дека живеам во Македонија, а само одам за Шведска и потоа пак се враќам во Македонија.

Се подготвува ли втор албум? Во кој правец би се движел тој?

- Откако се забележа сето пријатно и питомо влијание што го нанесува албумот Nostalgic Love во општеството, сфатив дека тоа е мојата мисија и дека морам да продолжам. Го подготвувам вториот албум, Nostalgic Love 2. Планирав да го снимам во текот на оваа 2021 година, но не знам дали ќе успееме да најдеме спонзори кои ќе ги покријат тие 15-ина илјади евра за да се платат музичарите и студиото, и неколку други помали трошоци.

Зошто одлучи музички да се дообразоваш во Шведска наместо во Македонија?

- Во 2002 година почнав на факултетот за музичка уметност во Скопје. Јас не барав многу: барав учители кои ќе ми покажат како се свири класична музика. Кај нас немаше, и сè уште нема (со исклучок на еден-двајца). Бев шокиран од незаинтересираноста на професорите на тој факултет. Бев вџашен од програмата на факултетот, која беше тотално бескорисна. И најлошото: атмосферата беше токсична. И не само на тој факултет, туку во многу други факултети во Македонија. Кај голем дел од професорите владее синдромот „Мене така ми правеа кога студирав, сега и јас ќе им правам така на студентите“, без притоа да се покаат за долготрајните последици што ги нанесоа врз општеството. Погледнете колкав број од одговорните работни позиции во државата се заземени од крајно неодговорни луѓе. Јас дојдов во Шведска за да избегам од сето тоа, за да најдам учители кои знаат да свират класична музика, да студирам на факултет во кој не постојат омилени студенти на професорот. Дојдов во земја каде што деканот на факултетот свикува состанок заедно со професорите, на кој сериозно разговараат за иднината на исклучително талентираните студенти, разговараат за иднината на целото општество.

Кавер на албумот /  Фото: Роберт Крстевски

Што научи во Шведска сите овие години и колку скандинавската култура те промени музички и како личност?

- Во Шведска, а исто така и во Америка за време на мојот петгодишен престој како студент, сретнав луѓе чие однесување позитивно влијаело врз мене и врз креирањето на мојот карактер и мојот поглед кон општеството. Луѓе чие однесување остава позитивни последици во општеството. Денес кога предавам на факултет, ми се случува некој студент да ми се обрати со: „Еј другар, како си?“ Затоа што тоа нема да му го намали респектот кон мене, а ниту пак мене ќе ми нанесе несигурност во самиот себе. Јас знам колку знам, но и колку не знам. Мене не ми е потребно персирање за да почувствувам дека вредам во ова општество. Јас самиот знам, јас сум свесен. Искрената самодоверба и самокритика кај еден човек решава многу од проблемите што ги имаат земји како Македонија. Зошто еден доктор во Македонија ѝ наредува на медицинската сестра да му свари кафе? За тој да се почувствува важен, да се почувствува дека вреди. Тоа е чиста психологија. Јас имав среќа да сретнам луѓе во Шведска и во Америка, луѓе кои биле над мене, но при разговор правеле да се чувствувам еднакво важен како нив во општеството. Сите ние сме еднакво важни во ова општество, но не сите придонесуваме еднакво. Во Македонија има случаи каде што чистачките во факултетот придонесуваат повеќе во општеството од деканот на тој факултет. Тоа е тоа што го научив, меѓу многу други работи. А музички како се сменив, говорат коментарите на луѓето во Македонија кога ме слушаат. „Ти ми смени цела димензија за кларинетот.“ „Кај тебе нешто е различно.“ „Твојот кларинет различен ли е од овие на кои свират во Македонија?“ Тоа се тие коментари кои го одговараат ова прашање.

Што да очекуваме од тебе на почетокот од 2021 година?

- Моментално се случуваат неколку работи. Една продукциска куќа овде, во Шведска, креира музичко сценско дело од 30 минути со музика од мојот албум Nostalgic Love. Истовремено годинава ќе работам за операта на Малме и за една голема циркуска компанија од Стокхолм. Работам на мојот втор албум “Nostalgic Love 2”. Предавам во приватно училиште. Имам приватни часови со луѓе од секаде во светов кои побарале совет или час од мене. Продолжувам и понатаму да сонувам и да се надевам, да верувам дека искрената желба, сонот и копнежот на еден човек прават чуда. Овие се нешта кои никој на светот не може да ни ги земе ако самите секојдневно ги негуваме во нас, наоѓаме начини како да ги храниме за да растат поголеми.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема