Ања Николова учела на едни од најдобрите светски образовни институции во Англија, Италија и САД, магистрирала двапати - на „Јејл“ и на Универзитетот во Пенсилванија, а денес работи во банка во Њујорк каде што соработува со брендовите Лореал, Пепси, Ролекс, Џонсон и Џонсон, Најк и други.
Потекнува од Велес, од дипломатско семејство, па имала несекојдневна можност да учи во Лондон, Њујорк и Венеција, да студира на Универзитетот во Павија, Италија, кој е еден од најстарите колеџи во светот, и да магистрира на престижниот американски универзитет „Јејл“ во САД. Уште како мала, родителите, заедно со нејзината сестра, ја однеле на „тура“ низ сите универзитети што се на престижната Ајви лига во САД, па тогаш најмногу ѝ се допаднал „Јејл“, меѓу другото и поради студентскиот кампус. По повеќе години, во 2015 година Ања се вратила на „Јејл“ како постдипломец на програмата менаџмент за заштита на животната средина и магистрирала за две години, поточно во 2017 година.
- За магистерската теза, темата што ја избрав беше околу производството на мед во Македонија и одржлива заштита на пчелните - вели таа.
Додипломски студии завршила за две и пол години и без проблем се запишала на „Јејл“
Магистрирала на факултетот за животна средина на „Јејл“, кој е препознатлив по студиите за природни науки и како најстара програма на студии по животна средина и шумарство во САД. Таму се примаат само 15 проценти од апликантите на програмата. За апликацијата ѝ помогнала мајка ѝ, која е советник за високо образование преку нејзината компанија Crown Education MK. Рокот за пријавување бил повеќе од една година пред почетокот на постдипломските студии.
„Јејл“ ја примил врз основа на нејзиното богато си-ви, искуството од поминатите пракси, високиот просек на факултетот, кој го завршила за две и пол години, хобито да се занимава со коњички спорт и други активности, препораките, есеите за кариерен развој и други успеси. Исто така, го поминала и стандардизираниот тест GRE. Добила стипендија од Ротари клубот од Тексас, Оклахома и Скопје. Додека била на магистерски студии, на Универзитетот имало уште неколку македонски студенти, нејзиниот колега Стефан Кузмановски, кој сега работи во „Тесла“, и нејзината поранешна соученичка Александра Ѓоргиевска.
„Јејл“ нуди врвно образование и има врвни предавачи
- „Јејл“ е огромен универзитет со 13 професионални факултети и додипломски колеџ. Студентите можат да се запишат на курсеви речиси на сите факултети без разлика кој им е матичен факултет. Како дел од „Јејл“, имав можност да присуствувам на курсеви на сите школи низ универзитетот, на пример, историја на уметност, економија, финансии, право и, се разбира, природни науки. Ова овозможува да истражувате повеќе области и да имате пристап до познати професори, настани, можности од различни области и големо дружење. На денот на магистрирањето, еден од говорниците беше пејачот Стиви Вондер. Во текот на студиите секогаш имаше можност да се посетат гостински предавања на истакнати алумни-професори од факултетот. Имав среќа да следам предавања од Индра Ноји, извршен директор на „Пепси“ (Pepsi), Стевен Шварцман, извршен директор на „Блекстон“ („Blackstone“), Џон Кери, Хилари Клинтон, Паул Полман, извршен директор на „Унилевер’’ (Unilever), Маурен Кикет , директор на „Шанел“ и други - раскажува Ања.
На „Јејл“ му се придава посебна важност на заедничкото учење (team based learning) со практично искуство. Со професорите се зборува отворено со поставување многу прашања и дебати. Речиси на сите часови има задолжителен дел за учење од случаи (case study) на кој се посочуваат примери од компании и институции или директно се прават консултации со нив. На некои од курсевите Ања и нејзините колеги биле консултирани од фирмите „Патагонија“ и „Нестле“ за актуелни проекти што ги работеле.
Ќерка на дипломат
Николова е ќерка на Димче Николов, дипломат во пензија, кој порано работел во Министерството за надворешни работи, во амбасади, а потоа и во Обединетите нации, во одделот DESA (Одделение за економски и социјални прашања). Така, имала можност да живее и да се школува во повеќе држави. На возраст од 2 до 6 години живеела во Лондон, од 8 до 13 години во Њујорк, a од 15 до 18 години во Венеција. Меѓу сите мандати на татко ѝ, живееле во Скопје по една година. Таа денес зборува пет јазици.
- Јас и сестра ми Лаура, која сѐ уште живее во Венеција, имавме многу среќа и сме благодарни за можностите што ни беа понудени - вели Ања.
Првично сакала да студира ветеринарство. Но, додека учела средно училиште во Венеција, при пракса во ветеринарна клиника, речиси секој ден се онесвестувала од гледање крв, па ѝ станало јасно дека ѝ треба нов предизвик. Одлично ѝ оделе природните науки, особено билогијата и хемијата. Во текот на студиите, а и потоа со работното искуство во секторот на производи за широка потрошувачка, се заинтересирала за аспектите на менаџментот и финансиите, па затоа во 2023 година магистрирала на мастер студиите за бизнис-администрација при Универзитетот во Пенсилванија.
Учества на меѓународни конференции
Таа е учесник на многубројни конференции за заштита на животната средина. Во 2015 година била дел од македонската делегација со Министерството за животна средина на конференцијата во Париз каде што се потпиша Меѓународниот договор за климатски промени на Обединетите нации. Во 2018 година во Торонтио, Канада, како ротари-стипендист и амбасадор на добра волја, била повикана да биде главен говорник пред 25.000 публика на тема одржлив развој и негова примена во секторот за производи за широка потрошувачка, како што се храната, козметиката и друго, а на настанот присуствувал и канадскиот премиер Џастин Трудо. Бидејќи работела во компании од овој сектор, како што се Лореал (L'Oreal) и ЛВМХ (LVMH - Louis Vuitton Moet Hennessy), била повикана на повеќе конференции да презентира како можат производите да се направат поодржливи преку амбалажа и друг материјал.
Николова од лани повторно живее во Њујорк, а е вработена во американска банка како инвестициски банкар, при што соработува со големи компании од секторот на производи за широка потрошувачка и мода, како што се фирмите: Лореал, Пепси, Ролекс, Џонсон и Џонсон, Најк и други.
- Наша работа е да ги советуваме нивните извршни директори за спојување или преземање други компании и работиме на таквите договори. Исто така, работиме и со стартап-компании од истиот сектор кои сакаат да се понудат на берзата. Интересно е тоа што големите глобални компании сакаат да растат купувајќи други помали компании, стартапи кои често се помодерни, еколошки, одржливи, иновативни. Оваа работа ги комбинира моето искуство и знаење во последните шест години, и тоа од областа на производите, екологијата, финансиите и менаџментот - вели Николова.
Во Македонија доаѓа по пет пати годишно
Иако живее и работи во Америка, таа доаѓа во Македонија по 4-5 пати годишно.
- Обожавам да доаѓам дома, во Македонија. Моите родители се вратија во Скопје пред 10 години и сега живеат таму. Летоска бев во Охрид, а во преостанатиот дел од годината во Скопје. Годинава дојдов во мај, јули, октомври и сега доаѓам за Нова година. Летот од Њујорк е само 9 часа. Додека беа живи баба ми и дедо ми, многу сакав да одам во Велес. Инаку, најсреќна ме прави домашно зготвената македонска храна - вели Ања.
Фото: приватна архива