Виното од памтивек е дел од човековиот живот, од неговата култура и начинот на исхрана. Во античка Грција, виното се сметало за пијалок на боговите, било воспевано од поетите, го славеле историчарите и уметниците, а често било споменувано во делата на Езоп и Хомер.
Дионис, грчкиот бог на виното, ја претставува неговата опојна моќ, но и социјалните и корисни влијанија што ги поседува.
Виното е многу постаро од историографските записи за него и би можело да датира пред 20 милиони години, а се чини настанало со квасна ферментација на овошки и цветови од растенија.
Се претпоставува дека луѓето прво одгледувале пченица, а нешто подоцна грозје, околу 8000 година п.н.е. Во дамнешни времиња, виното се сметало за магичен, природен дар.
Најстарата винарница во светот беше откриена во пештера во планините во Ерменија. Меѓународен тим од истражувачи откриле бокал, мелница за грозје, чаша и други садови за подготовка на вино кои датираат пред 6100 години. Ги нашле во пештера, во областа наречена Арени-1 во Ерменија.
Откриени се и постари докази за конзумирање вино, но овој е најраниот пример за целосната подготовителна постапка.
Комплексот пештери Арени-1 се наоѓа во селото Арени во провинцијата Вајоц Ѕор. Седум месеци пред откривањето на винарницата, во истата пештера беше пронајден и најстариот кожен чевел во светот. Селото Арени е познато по производството на вино.
Се покажало дека пронајдоците во пештерата соодветствувале на опремата за подготовка што ја користеле луѓето низ целиот регион дури и во 19 век.
Ботаничарите потврдиле дека откриените видови се vitis vinifera, истородни со тие што денес ги користиме за производство на вино.
Грегори Арешијан, ко-директор за ископувања и помошник директор во Институтот за археологија при Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес, вели дека виното може да се споредува со модерното нефилтрирано црно вино и да има сличен вкус со мерло.
Пред да биде откриена винарницата во Ерменија, за најстара во светот се сметала таа во Израел, што датирала од 1650 година п.н.е.
Археолозите не можат да кажат многу за луѓето кои го дестилирале и конзумирале виното, но според нив, тие што произведувале вино во пештерската винарница го користеле во церемонијални цели. Веројатно во погребните церемонии, откако се потврдило дека некогаш пештерата претставувала важна гробница.
Ова откритие покажало дека тукашните жители имале развиено земјоделство и хортикултурни вештини уште во 4000 година п.н.е. Арашијан додава: „
Производството на вино сигурно претставувало висока технологија во тоа време, кое вклучувало детални познавања за наводнувањето, чистењето, снаодливоста околу штетниците и за целиот процес на ферментација, што претставува покомплексен потфат од подготовката на пиво.“