Во
Таџикистан, во едно мало гратче на северот од земјата, околу 7000 жители сè уште живеат во
Комунизам. До гратчето води еден оштетен пат, полн со дупки во асфалтот. По тој пат помина московскиот дописник на Гардијан, Шон Вокер, за време на истражувањето за репортажата од Таџикистан, земја чие население 25 години по прогласувањето на независност, е принудено да признае дека планската економија од советско време е заменета со чиста клептократија, дека демократскиот систем е хакиран и дека всушност и денес имаат еднопартиски систем, само од поинаква природа, кој нуди многу полоши услови за живот од претходниот. Гратчето
Комунизам, Вокер го опишува како место кое и денес го ‘краси’ болшевичка иконографија: Маркс, Ленин, приказни на работнички, селански и воени херои.
Интересно е дека во Палатата на младоста, главната градска зграда на местото на кое некогаш висела сликата на Ленин, денес се наоѓа портретот на номинално демократски избраниот претседател Емомали Рахмон. Останатото, наведува Вокер, остава впечаток на комплетен распад. Во петте „станови“ кои во 1991 година се одвоија од СССР –
Казахстан, Узбекистан, Туркменистан, Киргистан и Таџикистан, националниот идентитет е обновен релативно брзо и лесно. Меѓутоа, со економиите било многу потешко, а просечниот стандард на граѓаните, како и граѓанските слободи, во сите овие земји се катастрофални. А Западот за овие состојби нема поим до таа мера што минатата година во Њујорк Тајмс направиле катастрофален гаф, именувајќи држава „
Кирзбекистан“.
Подрачјето на овие пет земји опфаќа регион на моќни и величествени цивилизации кои се раѓаа на неверојатно прометниот јазол меѓу Кина на исток, Русија на север, Турција, Блискиот Исток и Медитеранот на запад и Авганистан и Пакистан на југ. Од таа огромна историска моќ и значење, денес се останати само археолошките споменици. „За време на СССР, бевме свесни дека не ни е добро – но Партијата нè убедуваше дека ќе биде подобро. Знаевме дека постои план, и дека за пет или 10 години навистина ќе ни биде подобро. Сега не знаеме што ни носи утрешниот ден, ја изгубивме надежта“, вели Медеткан Шерикулов, кој во ССР Киргистан беше главен идеолог во 80-тите , а денес предава политички науки на универзитетот Бишкек. Меѓутоа тој за денешната состојба наоѓа оправдување со објаснување дека „не може преку ноќ да се очекува успешна транзиција во демократија по 70 години поминати во СССР. Инаку би настанал хаос“.
Сепак, 25 години е четвртина век и не е временски период што може да се нарече „преку ноќ“. Во раните 90-ти, претседателите на комунистичките партии станаа национални водачи, пополнувајќи го настанатиот вакуум со нови легенди и јунаци, изградени неретко без потпирање врз историските факти.
Од Астана и Ашгабат, казахстанското и туркменистанското водство подигнаа фантастични нови градови речиси од темел. Сликите од Ленин ги заменија со сликите на националните водичи. Во престолнината на Таџикистан, Душанбе, речиси од секој дел на градот е видлив големиот портрет на Рахмон.
Туркменистанскиот претседател Бердимукхамедов си подигнал златен споменик на кој е прикажан на коњ.
Астана е на прагот да се преименува според Нурсултан Назарбаев, претседателот на Казахстан, затоа што самиот е наречен „водач на нацијата“. Рахмон е „втемелувачот на мирот и националното единство“.
Бердимукхамедов е „заштитникот“. Сапармурат Нијазов до својата смрт во 2006 беше „Туркменбаши“ или „татко на сите Туркменци“. Секоја држава има свој идол и сите семејства на водачите се енормно богати, имаат имунитет пред законите, но и пред опозицијата. До промена на власта (освен во случај кога водачот ќе почине) дошло само во Киргистан, и тоа после две револуции во 25 години кои ги рушеа корумпираните власти. Еднаш така побегна и Курманбек Бакиев, наводно со стотици милиони долари во Минск, а неговиот син Максим во Лондон, за денес да е на сигурно во САД. Денес никој од нив не е испорачан на Киргистан, ниту пак таму се живее подобро под власта на Алмазбек Атамбаев.
Во сите пет поранешни социјалистички републики, дедовците и бабите се подобро образовани од своите внуци. Кој имал можност побегнал во Русија , во потрага по подобра работа, образование, стандард, здравствена заштита... Земјите преживуваат со полураспаднатата индустрија и инфраструктура од советско време. Бишкек е излепен со плакати на кои се рекламираат автобуски врски со градови од Русија, каде ги чекаат работни места во лоши услови, ниски плати, слаби работнички права, но сето ова и натаму е подобро од условите што ги имаат во своите земји. Националните граници се посебна приказна.
Тие настанале не заради определени национални потреби, затоа што тогаш не им биле важни, туку со определена административна условеност. Па така денес постојат низа енклави со национални малцинства, при што се истакнува тромеѓето меѓу Киргистан, Таџикистан и Узбекистан. А да не зборуваме за екстериторијалните подрачја... Гратчето Сок, кое со околината брои околу 50.000 жители, има постојани проблеми со околниот Киргистан. Па потоа доаѓа секуларизмот. Од една страна, сите овие земји го наследија секуларизмот од СССР, а од друга страна и не е толку ирационално што панично реагираат на секоја назнака за политичкиот ислам, во страв да не бидат погодени од бранот на радикализацијата. Затоа, во Узбекистан е забрането носење брада, во Таџикистан полицијата води евиденција на жените кои носат марами, а мажите брада, а во Киргистан течат кампањи каде се споредуваат манекени облечени во костуми со мажи во традиционална облека.
Нормално, секогаш доаѓа до збрка. Така Шабнам Кудодојдов од Таџикистан која живее во Русија, дошла во ситација да мора да побегне во Минск заради обвиненијата дека регрутирала борци за ИСИС. Во истражниот затвор во Минск добила и ќотек пред да ги увери дека обвинението е теоретски невозможно затоа што самата е атеист. Исто како и милиони луѓе кои живеат во „становите“. Сепак, факт е дека од земји како Узбекистан и Туркменистан многу радикали стигнале до Сирија за да ја нападнат владата во Дамаск, и дека во тие земји повремено се бележат терористички напади. Сите овие земји денес сè уште се стабилни, но ако цивилизацијата не им понуди барем одреден стандард на граѓаните, прашање е до кога ќе ја одржуваат таа стабилност.