X
 16.05.2023 Наша тема

„Втора шанса“ за 200 невработени лица што не го завршиле своето стручно средно образование

Имплементацијата се реализира во соработка со училиштата за стручно образование, кои добиваат месечен надоместок за секое лице вклучено во образовните програми за завршување на стручно образование. Образовната програма за завршување на стручно образование и стекнување државна признаена диплома ќе се реализира до крајниот рок за имплементација на проектот до март 2024 година

Агенцијата за вработување на Македонија отвори можност сите невработени лица да го дооформат своето средно стручно образование преку најновата пилот-програма „Втора шанса“. Програмата се спроведува во рамките на ИПА-проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, финансиран од Европската Унија, спроведуван од Агенцијата за вработување на Македонија. Преку „Втора шанса“ 200 граѓани од земјава ќе имаат можност да го завршат своето средно стручно образование.
Со Влатко Стојановски, координатор на програма „Втора шанса“, поразговаравме подетално за потребата од една ваква програма и, секако, интересот за неа.

Шанса за диплома од средно

- Со оглед на структурата на невработени лица во евиденцијата на Агенцијата за вработување, се наметна потребата од воведување на пилот-програмата „Втора шанса“, која има цел невработените лица - баратели на работа со незавршено средно стручно образование да го довршат и оформат своето средно стручно образование и да се стекнат со државна призната диплома за стручно образование. Односно, да се стекнат со диплома за 3. година од стручното образование за занимања (тригодишно образование) или 4. година од техничкото образование (четиригодишно образование). Целна група на оваа пилот-мерка се невработени лица од евиденцијата на АВРСМ со незавршено средно стручно образование, со завршена најмалку втора година од стручното образование за занимања (тригодишно образование) или трета година од техничкото образование (четиригодишно образование), кои спаѓаат во следните целни групи: корисници на гарантиран минимален приход (ГМП); млади лица до 29 години; Роми; жени; лица со попреченост и долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција). Лицата кои преку пилот-мерката „Втора шанса“ ќе ги положат испитите, ќе добијат диплома за завршено средно стручно образование која не ја стекнале додека биле вклучени во редовното образование. На овој начин им се олеснува пристапот до пазарот на труд, можностите за учество во активните мерки спроведувани од Агенцијата за вработување, каде што услов за пријавување е завршено средно образование – информира Влатко Стојановски.


Влатко Стојановски

Пилот-мерката „Втора шанса“ се спроведува преку формирана Техничка работна група (ТРГ) одговорна за проверка и верификација на исполнување на критериумите од установите за средно стручно образование, дефинирање региони и струки во кои ќе се спроведува оваа мерка, одобрување стручни профили и невработени лица кои ќе се запишат како вонредни ученици. Техничката работна група е составена од номиниран член и заменик-член од следниве институции: Агенцијата за вработување, Министерство за образование и наука, Центар за образование на возрасни, Центар за стручно образование, Заедницата на единиците на локалната самоуправа и Министерството за труд и социјална политика, споделува Стојановски.

Интерес за сите струки

- Имплементацијата се реализира во соработка со училиштата за стручно образование кои добиваат месечен надоместок за секое лице вклучено во образовните програми за завршување на стручното образование. Образовната програма за завршување стручно образование и стекнување државна признаена диплома ќе се реализира до крајниот рок за имплементација на проектот (март 2024 година). Во текот на спроведување на програмата училиштата за средно стручно образование доставуваат месечен извештај со придружна документација за потврда на присуството на лицата и/или испитите што ги полагаат, извештај за резултатите од месечната реализација на наставните програми за стручно образование и конечен извештај за секој вонреден ученик поединечно – истакнува Влатко Стојановски.

Оваа програма ќе се спроведе од страна на средни стручни училишта.

- Изборот на струки/сектори беше направен според Анализата за потребите на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“. Во подготовката се користени информации од неколку публикувани анализи, Годишниот извештај на АВРСМ за 2021 година, како и статистички податоци од Државниот завод за статистика. Претставниците од АВРСМ доставија податоци за очекувани вработувања на лица од одредени занимања, добиени врз основа на спроведената анкета за потреба од вештини на пазарот на трудот за 2023 година. Искажаните потреби на работодавците за вработување лица од одредени занимања претставуваа основа за изборот на потребни струки. Важно е да се напомене дека во имплементацијата увидовме дека има интерес за други струки и затоа беше решено да се опфатат сите стручни образовни профили. Значи, сега со оваа пилот-мерка се опфатени сите струки/сектори на средното стручно образование – дополнува Стојановски.

Во тек е имплементацијата на проектот

На прашањето каков профил на лица најчесто се заинтересирани за дооформување на средното образование, тој изјавува:
-Имајќи предвид дека целната група се корисници на ГМП, млади лица до 29 години, Роми, жени, лица со попреченост и долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција), лицата заинтересирани за дооформување на средното образование се од овие групи. Запазен е принципот на диверзитет и инклузивност за сите категории. Засега немаме направено длабинска анализа за профилите на лицата што се пријавиле да учествуваат во ова мерка бидејќи е во тек имплементацијата – дополнува Стојановски.

Целта на проектот е да се олесни пристапот до пазарот на труд, преку завршено средно стручно образование да се зголемат компетенциите на лицата и крајно, да имаат поголема можност за вработување.



- Најчесто услов за учество во некоја од активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот е лицето да има завршено најмалку средно образование. Очекуваме да се исполни предвидениот опфат на лица и по завршувањето на пилот-мерката „Втора шанса“ ќе се подготват соодветни анализи од кои ќе се добијат податоци за интересот и успешноста на активноста. Согласно овие податоци, АВРСМ понатаму ќе донесе одлука дали оваа мерка ќе биде дел од Оперативниот план за следната година – истакнува Стојановски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема