X
 27.05.2017 Култура

Учениците и наставниците првпат по 70 години останаа без детските списанија

Децата, наставниците и родителите, оваа учебна година за првпат по 70 години останаа без детските списанија Другарче, Развигор и Наш свет. И покрај нивното и инсистирањето на стручната јавност за неопходноста од списанијата во наставниот процес како дополнителна алатка во усвојувањето на наставните планови и програми, нивната употреба годинава изостана.



- Сакаме да ја известиме јавноста дека детските списанија до крајот на оваа учебна година нема да се печатат и дистрибуираат, што не значи дека ќе се откажеме следната учебна година. Причината за неизлегувањето на списанијата оваа учебна година е кај Министерството за образование, односно Бирото за развој на образованието. Имено, од Бирото побараа од нас да приложиме три различни пилот броеви со опис на концептот на секое списание одделно, но оттаму решија да молчат и да не се произнесат, што секако не беше коректно кон нас како издавач, но и кон читателите и наставниците кои со нетрпение ги очекуваа. Законскиот рок во кој требаше да добиеме мислење за списанијата кои со децении ги издава Детска радост неколкукратно е пробиен и покрај тоа што станува збор за извонредно концепирани и современи списанија за кои постои заинтересираност и во неколку соседни земји. Зошто годинава нема детски спианија знаат само одговорните во Бирото - велат од Просветно дело. И покрај реакциите на писателите и стручната јавност и нивните упатувања на значењето на детските списанија пред сè, заради негувањето на литературата на мајчин јазик и создавањето на навиката за читање од најмала возраст, но и како извор на дополнителни знаења во реализацијата на наставната програма, надлежните сè уште не се произнесле во врска со нивниот концепт.

Зошто е важен детскиот печат

Во едно од своите излагања, писателот за деца и долгогодишен уредник на списанијата Наш Свет и Развигор, Киро Донев, вели:

- Детскиот печат , во кој литературата за деца го има главниот збор, има многуслојна цел - да ја надополнува и освежува наставата, да го осовременува наставниот процес, помагајќи во примањето и утврдувањето, проширувањето и надградувањето на знаењата, да одговори на мноштвото љубопитства на младиот човек - читател.

По повод тематската расправа на тема "Литературно-уметничките и воспитно-образовните специфики на списанијата за деца“, одржана во април 2016 година, во организација на Педагошкиот факултет "Св.Климент Охридски“, при УКИМ, Скопје и "Клубот на писатели за деца и младинци“ при ДПМ, писателот и професор по литература за деца на Педагошкиот факултет, проф. д-р Мито Спасовски, исто така истакна колку е важно децата да другаруваат со своите омилени списанија.

-Ако во детството не создадеме навика за читање книги, тогаш што можеме да очекуваме кога ќе станат возрасни - рече Спасовски.

Анета Велкоска, одделенски наставник во ООУ „Браќа Миладиновци“, општина Аеродром, во своето обараќање на истиот настан истакна дека списанијата за деца се од големо значење и за наставниците-практичари, како и за учениците и родителите.

- Тие ја олеснуваат, надополнуваат нашата работа и ни помагат поуспешно да ја реализираме наставната програма која е во корелација со содржините од овие списанија. Во воспитно-образовната работа со деца, со примената на современите стратегии на учење, концептот на списанијата го промовира холистичкиот пристап во поттикнување на учењето и развојот кај учениците. Тие се патоказ од кој треба д се раководат наставниците и родителите кога работат со своите деца. Овие списанија ги надминуваат традиционалните облици и форми на учење и ни нудат широк спектар на содржини и илустрации, кои им се интересни на децата, кои со нетрпение го чекаат секој нов број. Нивните трудови, изработки се објавуваат во списанијата, со што кај учениците се создава натпреварувачки дух и се стимулираат за читање, творење и креативно изразување - истакна таа.

Писателот за деца Васил Мукаетов, соработник во списанијата за деца, во писмото до МОН, потпишано од деветнаесет потписници меѓу кои универзитетски професори, писатели за деца и публицисти, во правец на поддршка за употреба на списанијата во основните училишта нагласува:

- Во Македонија повеќе од 70 години непрекинато излегуваат од печат литературно-едукативните списанија за деца Росица, Другарче, Развигор и Наш Свет, чија содржина покрај културната мисија е и составен дел од образовната пограма. Така и се уредуваат. Учениците добиваат знаења што не се наоѓаат во учебниците, се формираат како идни читатели и остваруваат активен и творечки однос со свои литературни и ликовни творби печатени во списанијата - вели Мукаетов во писмото.

Во трудот “Списанијата за деца и млади во Р.Македонија, нивната интермедијалност со книжевноста за деца, нивната сознајна, естетска и социјално воспитна функција, Јованка Д. Денкова од Филолошкиот факултет при УГД во Штип, пишува дека независно кога се појавиле, колу се стари, на каков начин се отпечатени, списанијата за деца имаат функција да ги забавуваат децата, да ги поттикнуваат на одредени нешта, и, што е најважно, да ги подучуваат.

- Со самиот развој и промените во секојдневието се менувале и списанијата за деца. Но нивната намена и поставеност исклучиво за децата не се променила. Се читаат и ден-денес, а секое едно дете се радува на секој нов број. Вклучуваат во себе различни области, актуелни теми примамливи за сечиј детски вкус и ги поттикнувааат децата со нетрпение да го очекуваат следното издание. Во себе кријат различни содржини кои носат некаква порака за децата. Нивната поврзаност со книжевноста е повеќе од очигледна. Обработуваат делови од познати дела на познати автори. Во нив е сместена поезија на врвни поети. На интересен начин, достапен за децата, ја доловуваат главната порака која еден книжевник, автор, поет сака да ја пренесе во своето дело - пишува Денкова во својот труд.

Печатот за деца, односно литературните списанија за деца се повеќе од потребни и непоходни во современото воспитание и образование. Од Просветно дело сметаат дека литературно-уметничките и воспитно-образовните специфики зацртани во концепциската поставеност на списанијата помагаат во негувањето на јазикот преку литературата за деца, овозможуваат градење на уметничко-естетски критериуми, почитувајќи ги педагошките аспекти преку примената на најсовремените дидактичко-методолошки принципи на усвојување на знаења и вештини согласно целите и барањата на актуелната наставна програма.

- Со помош на печатот за деца се потикнува љубовта кон читањето и пишувањето, се создаваат позитивни морални навики и вредности и се регрутира нова читателска публика. Токму затоа списанијата за деца треба да бидат нераскинлив дел од современото воспитание и образование кое има за цел да изгради личности со високи морални вредности, едуцирани и подготвени да одговорат на предизвиците на новото време - велат од Просветно дело.

За прв пат во историјата на печатот за деца, во учебната 2016/2017 година процедурата за одобрување за употреба на списанијата за деца во основните училишта трае невообичаено долго, при што оваа учебна година помина без печатот за деца во училишните клупи.

Факултети мк. се обрати до Бирото за развој на образованието за одговор, зошто процедурите сè уште не се завршени, но не добивме одговор.
Подготвил: М.Ф - С.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура