(
Фото: Pinterest)
Пред некој ден ја повикав во својот кабинет гувернантата на моите деца, Јулија Василевна. Требаше да ѝ платам.
– Седнете, Јулија Василевна! – ѝ реков. Дајте да се пресметаме. Вам парите сигурно ви требаат, а вие сте толку фини, па не сакате самите да побарате... Се договоривме по триесет рубли месечно...
– По четириесет...
– Не, по триесет!... Имам запишано... Секогаш на гувернантите им плаќав по триесет... Кај нас поминавте два месеца...
– Два месеца и пет дена...
– Точно два месеца... Така пишува кај мене. Значи, ви следуваат шеесет рубли... Ако се одземат девет недели...во неделите не учевте со Коља, само шетавте... И три празници...
Јулија Василевна поцрвене и почна да го врти карнерот, но...ни збор!...
– Три празници... Според тоа, дванаесет рубли помалку... Коља беше болен четири дена и немаше часови... Работевте само со Варја. Три дена ве болеа забите и мојата жена ви дозволи да не држите часови попладне... Дванаесет и седум се деветнаесет. Одземаме...останува...хм...четириесет и една рубља. Точно?
Левото око на Јулија Василевна поцрвене и се навлажни. Брадата ѝ затрепери. Таа нервозно се закашла, зашмрка, но – ни збор!...
– Во пресрет на Нова година скршивте шолја за чај со чиниче. Две рубли помалку... Шолјата е скапа, семејна беше...но, бог да е со вас! Што сè не ни пропадна! Потоа, поради ваша невнимателност, Коља се качи на дрво и го скина палтенцето... Десет помалку. Поради вашето невнимание и собарката ги украде чевлите на Варја. Вие морате да водите сметка за сè. Затоа примате плата. Според тоа, значи, уште пет помалку... На десетти јануари од мене зедовте десет рубли.
– Не зедов! – прошепоти Јулија Василевна.
– Но сум запишал!
– Па, тогаш...добро.
– Кога од четириесет и еден ќе се одземе дваесет и седум, останува четиринаесет...
Двете очи ѝ се наполнија со солзи... На долгото убаво носе ѝ се појави пот. Кутро девојче!
– Зедов само еднаш – рече таа со треперлив глас. – Од вашата сопруга зедов три рубли... Повеќе не зедов...
– Навистина ли? Види, тоа кај мене не е запишано! Четиринаесет минус три, останува единаесет... Еве ви ги вашите пари, драга! Три...три, три... еден и еден. Повелете!
И јас ѝ дадов единаесет рубли... Таа ги зеде и со треперливи прсти ги турна во џебот.
– Мерси! – прошепоти.
Скокнав и почнав да шетам низ собата. Ме обзеде гнев.
– За што мерси!? – прашав.
– За парите...
– Па јас ве ограбив, по ѓаволите, ве ограбив! Ама, ве украдов! За што тогаш мерси?
– На другите места воопшто не ме плаќаа...
– Не плаќаа? Паметно! Се пошегував со вас, ви дадов сурова лекција... Ќе ви ги дадам сите ваши осумдесет рубли! Еве, во пликот се подготвени за вас. Но, зарем е можно да се биде таков слабак? Зошто не се бунтувате? Зошто молчите? Зарем може да се живее на овој свет, а да не се покажат заби? Зарем е можно да се биде таков мекуш?
Таа кисело се насмевна и јас на нејзиното лице прочитав: „Може!“
Ја замолив за прошка поради суровата лекција и ѝ ги дадов, на нејзино големо изненадување, сите осумдесет. Плашливо се заблагодари и излезе... Погледнав по неа и помислив: Лесно е да се биде силен во овој свет!