X
 20.10.2018 Наша тема

Со рекордни 124 меѓународни медали освоени во 16 земји, ПСУ „Јахја Кемал“ ја заврши ланската школска година

Македонското знаме гордо се вее на светски олимпијади. 39 златни, 30 сребрени, 35 бронзени медали и 20 почесни признанија освоиле учениците на училиштето кое има свои подружници во Скопје, Тетово, Струга и во Струмица


124 медали на меѓународни олимпијади и натпревари освоиле средношколците од гимназиите „Јахја Кемал“ во Македонија минатата учебна година. Од оваа импресивна бројка, 39 се златни, 30 сребрени, 35 бронзени медали и 20 почесни признанија.
Ова е статистика со која приватното средно училиште многу се гордее. Успесите што ги реди ова училиште, кое има свои подружници во Скопје, Тетово, Струга и во Струмица, од година на година се зголемуваат.

- Ако во учебната 2012/2013 година имавме 46 медали и признанија, во 2016/2017 тој број стигна до 118 - велат од успешното училиште.

По предметот физика во последната учебна година, учениците учествувале на четири олимпијади (во Бугарија, Русија и во Португалија) и добиле пет медали. На ИТ-олимпијади во Темишвар, Романија и во Цукуба, Јапонија, имаат една бронза и сребро.
На хемиска олимпијада во Словачка и во Чешка учествуваа два ученика и освоија една бронза. Врвните математичари од оваа гимназија учествуваа на дури седум меѓународни олимпијади и се вратија со девет бронзени медали. На Европскиот математички куп што се одржа во Македонија тие учествуваа со 25 ученици, од вкупно 51 учесник. На Меѓународната олимпијада по природни науки во Тајланд еден ученик освои бронзен медал.

- Една од поинтересните олимпијади на кои учествуваа учениците од ова училиште е Меѓународната олимпијада на проекти „Златна клима“ што се одржа Наироби, Кенија. Таму ученици од гимназиите од Скопје, Струга и од Тетово се закитија со сребрен и бронзен медал. Со два златни медала од меѓународниот натпревар по математика што се одржа во април во Полска се вратија учениците Амар Адеми и Јусуф Џеладини од колеџот од Тетово - велат од училиштето.



На Меѓународниот натпревар за учениците што инспирираат интелектуална љубопитност, кој се одржа на Универзитетот „Кембриџ“, Англија, 11 ученици од „Јахја Кемал“ освоија дури 18 златни, а по шест сребрени и бронзени медали.
Исто така, со полна вреќа медали учениците на ова училиште се вратија од натпреварот „Инфоматрикс“ што се одржа во Букурешт, Романија. Десет сребрени, 14 бронзени и четири пофалници во девет категории (програмирање, компјутерска уметност, лего сумо и други) освоија 28 ученици.
Во мај во основното училиште беше организиран меѓународен младински шаховски турнир, на кој учествуваа 105 шахисти од седум европски земји.


Ученикот Александар Иванов се врати со бронзен медал од Олимпијадата по физика што се одржа во Долгопрудниј, Русија.
На Светската олимпијада што беше организирана под мотото „Ајде да изградиме подобра иднина заедно“, која се одржа во Државниот универзитет „Освего“ во Њујорк. „Јахја Кемал“ учествуваше со 26 проекти и 37 свои ученици. Од нив, 15 ученици освоија медали.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема