X
 21.08.2022 Наша тема

Андреј Попчевски е новата уметничка надеж во Македонија. Црта графити, а најмногу се гордее со украсувањето на автобусот

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Деветнаесетгодишниот Андреј Попчевски од Берово е новата уметничка надеж во Македонија, а се истакнува од своите врсници по својата уникатност. Годинава го заврши средното образование во „Ацо Русковски“ во Берово, а академското образование планира да го продолжи на Факултетот за урбанистичко планирање во Софија.

Љубовта кон уметноста ја има наследено од неговото семејство, како што вели тој, целата негова фамилија се занимава со сликарство, па затоа и толку го засакал цртањето.


Андреј Попчевски

- Уметноста ми е вродена. Уште од најмали нозе таа беше присутна во моите вени – преку моите гени. Најверојатно тоа придонесе да ја засакам уметноста, но и тоа што таа ни го овозможува – слобода и вистина која само ретките ја уживаат. Кога бев дете многу сакав да цртам, кога и да имав можност, цртав. Не ми беше битно дали е тоа на улица, на хартија или на ѕид. Со текот на годините и со моето созревање уште повеќе ја засакав уметноста, ми стана пасија бидејќи таа е неверојатна - ни сподели Андреј.

Љубовта кон уметноста почнал да ја изразува преку цртањето графити

- Веќе подолг период цртам графити. На почетокот цртав поради тоа што сакав да се усовршам, да научам подобро за да можам да цртам и професионално. Па така, последните неколку години почнав да цртам и во куќи/станови, на почетокот од летово цртав графит и за навивачката група во која членувам - „Комити - Скопје“ - поврзан со патриотизмот и дел од востаничките борци за слободна Македонија.



Со оглед на тоа што Андреј подолго време се занимава со цртањето, го прашавме на кое дело е најгорд, а тој изјави:

- Секое дело за мене има големо значење. И првото, но и последното. Преку нив си го гледам својот напредок, своите недостатоци, но најважно од сѐ, го гледам успехот што го имам постигнато. Но секако дека има едно дело на кое сум исклучително горд – автобусот. Тоа беше еден проект при кој на почетокот бев најмногу разочаран од самиот себе, проект за кој неколку пати се запрашав: „Како ќе успеам?“, за на крај да си кажам: „Уф, ова испадна подобро отколку што мислев!“ Дефинитивно автобусот е делото со кое најмногу се гордеам - вели Андреј.


Станува збор за патничкиот автобус кој го нацртал со ликови од детските цртани филмови, кои никого не оставаат рамнодушен, будат носталгија и го привлекуваат вниманието на сите. Го прашавме како дојде до тој проект, со оглед на тоа што автобусите во Македонија не се цртани, туку на нив се наоѓаат реклами.

- Со оглед на тоа дека живееме во мало место каде што секој со секого се знае, и не беше толку тешко да се дојде до овој проект. Имено, автобусот е стар и не е во функција, па сопственичката дошла до идеја да го претвори во соба за своите деца. Со самото тоа посакала да изгледа интересно и за нејзините деца, но и да им го разубави дворот. Па во разговор со нејзин пријател, кој ме познава мене и мојата работа, таа дошла до мојот број, ме побара, се договоривме и еве го денес автобусот кој никого не остава рамнодушен - вели Андреј.



Тој изјави дека веќе се занимава со професионално цртање и не планира да го прекине тоа додека не ја оствари посакуваната цел.

- Веќе неколку години се занимавам со професионално цртање. Освен што цртам графити, во моето портфолио можат да се најдат и изработки на портрети, карикатури, икони и слично. Секако дека сѐ уште го немам постигнато тоа што го сакам, но целам кон тоа да се развијам уште повеќе - вели Андреј.





Фото: приватна архива
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема