X
 21.12.2023 Образование

Поради долг, втор ден нема струја во тетовската гимназија и не се одржува настава

Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово втор ден е без електричната енергија, по што нема затоплување во просториите и не се одржува настава.

Според информациите на родителите на учениците, уште вчера е прекинато снабдувањето со електрична енергија, а со проблемот се соочуваат и во централниот објект, како и во објектот познат под името Стара медицина.

- Нема струја, а со тоа нема и греење во училиштата. Уште вчера е во прекин електричната енергија, па децата порано се вратија дома. Денес во првата смена заминаа на настава, но повторно се вратија дома затоа што немаат услови за следење настава - информираат родители на ученици во тетовската гимназија.

Директорката Теута Лала денеска информираше дека снабдувањето со електрична енергија е исклучено од електродистрибутивната компанија поради неплатен долг. Од јули 2023 година гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ е под ингеренции на Министерството за образование и наука.

- Електричната енергија не е платена затоа што гимназијата има долгови, па средствата кои ни доаѓаат од Министерството за образование ги земаат извршители. Првите седум месеци од оваа година нашите средства, според мои сознанија, останувале во општината и затоа имаме долгови. Барав директно од Министерството за образование и наука да најде решение за проблемот - информираше директорката Теута Лала.

Од Секторот за јавни дејности при Општина Тетово информираат дека немаат надлежности да зборуваат за гимназијата поради одземените ингеренции.

Во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ настава следат 1.300 ученици.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование