X
 22.03.2024 Наша тема

Мартин Георгиевски е стручен советник за признавање странски дипломи во Германија: „Сакам да го споделам моето искуство со оние што планираат да се преселат“

Ние сме првата станица на патот до признавање на странските квалификации - факт кој не им е познат на многу баратели за признавање на нивните квалификации. Голем дел од нив ги испраќаат нивните документи директно до институцијата одговорна за тоа без претходно да се обратат кај нас, со што се изложуваат на непотребни финансиски трошоци и ја губат можноста за нивно покривање, истакнува Мартин

Мартин Георгиевски има 36 години и по потекло е од Кратово. Основно и средно (гимназиско) образование завршил во родниот град, а по завршувањето на средното образование направил едногодишна пауза пред да се запише на Филозофскиот факултет, поточно на Институтот за социјална работа и социјална политика.

Избрал да студира социјална работа и политика зашто сметал дека со стекнатата диплома ќе има добри шанси за вработување во Германија. Уште по завршувањето на средното образование бил решен да замине таму. Причините за неговата одлука за заминување се многубројни. Неговите родители веќе биле иселени кога почнал да студира, пред сѐ, од економски причини, а и негова и желба на неговите двајца браќа близнаци, четири години помали од него, била да си заминат од Македонија. Љубовта кон фудбалот и клубот Баерн Минхен и германската фудбалска репрезентација биле само уште еден поттик.

Како почна приказната на Мартин

Така, од крајот на 2012 година Мартин живее во Нирнберг.

- Тука најпрво почнав со интензивно изучување на германскиот јазик, што беше голем предизвик, но не ми претставуваше некој проблем со оглед на огромната мотивација, како и претходното познавање на 6 странски јазици. Паралелно со изучувањето на германскиот јазик работев 6 месеци во „Мекдоналдс“, колку да имам сопствени примања, додека да најдам работа по струка. Веќе по завршувањето на Б2 ниво, започнав да работам како педагог во еден дом за лица со психички проблеми, што беше приближно до мојата струка како социјален работник. Но, набрзо сфатив дека за да најдам работа по мојата квалификација, неопходно ми е признавање на дипломата од Скопје. Постапката за признавање на стекнатата диплома ја започнав во истата институција за која работам сега. Тогаш целиот проект беше на почеток, со само едно стручно вработено лице задолжено за цела Франконија (Franken - област во Баварија со околу 1 милион жители. Од поголемите градови тука спаѓаат Нирнберг, Вирцбург, Ерланген итн.). Само колку за споредба, денес сме 15 вработени - вака ја почна својата приказна Мартин.

Кога станува збор за процедурата за признавање на дипломата, ни сподели дека многу луѓе кога ќе се преселат во Германија, лутаат и не знаат каде и кому да се обратат, па затоа реши да стапи во контакт со нас и да ни ја сподели постапката за да им го олесни процесот на сите оние што тргнале на истиот пат.

„Го избрав потешкиот пат“

- Моите документи (диплома, уверение, сертификати итн., претходно преведени од судски преведувач во Македонија) ги испратив на процена и добив прилично разочарувачки одговор. Меѓу другото, стоеше дека немам добри изгледи за целосно признавање на мојата диплома со оглед на големите разлики во студиската програма и, пред сѐ, поради фактот што требаше да ги положам сите правни предмети, како и сите апсолвентски испити во Германија. Ми беше препорачано да поднесам барање за Zeugnisbewertung, што би значело една потврда дека имам степен на образование на ниво Bachelor of Arts, но не и потврда дека сум дипломиран социјален работник/педагог. Сепак, го одбрав потешкиот пат, т.е. постапка за целосно признавање на дипломата (Anerkennung als Sozialpädagoge), што за мене значеше дополнителни студии во времетраење од најмалку една година во Минхен. Откако го положив и испитот за С1, што е предуслов за да може да се студира во Германија, ги отпочнав дополнителните студии на единствениот факултет во цела Баварија, во Минхен, специјализиран и акредитиран за ваков вид студии (Katolische Stifftungsfachhochschule) - раскажува Мартин.

Со оглед на тоа што веќе бил во работен однос, му било дозволено да продолжи да работи со скратено работно време во Нирнберг (20 часа неделно од понеделник до четврток), а предавањата и испитите му биле во Минхен секој петок и сабота.

- Најголемиот дел од предметите беа од правна природа и не беше лесно да се разберат, научат и положат, со оглед на тоа што законите се напишани на посебен стил, што е тешко разбирлив и за родените Германци. Важно е да се наведе дека трошоците за студирање беа покриени од страна на градот Минхен, што беше олеснителна околност. Сите испити ги положив порано од предвидениот рок и по 9 месеци се стекнав со дипломата како признаен социјален педагог во цела Германија (Staatlich anerkannte Sozialpädagoge), меѓу првите странци во Баварија и дотогаш единствен од Франконија. Околу ова достигнување беше организирано и интервју со мене за еден германски весник (по иницијатива на образовниот центар на град Нирнберг) институција за која работам сега - ни раскажа Мартин.



Интеграција на млади мигранти на пазарот на работна сила во Баварија

Потоа сменил неколку работни места додека да почне со работа за градот Нирнберг.
По неговата апликација за работа, чекал околу една година пред да добие повик за интервју и во октомври 2017 започнал со работа за образовниот центар на град Нирнберг.

- Тоа беше најпрво позиција во тимот одговорен за работна интеграција на млади мигранти на пазарот на работна сила во Баварија. Поточно, бев класен раководител на три-четири паралелки на годишно ниво во соработка со неколку стручни училишта во Нирнберг. Задачите беа да ја организирам наставата, да одберам наставен кадар, да предавам одредени предмети, на пример, работна ориентација и основи за изучување и аплицирање за работни места (како правилно се составува СV, мотивационо писмо, како и водење интервју за работа). На ова работно место останав околу 5 години и летото 2023 стигна долгоочекуваната понуда за работа во тимот за стручно советување околу признавање на странските квалификации. Мојата работа е од особено значење ако се земе предвид дека на Германија од демографски причини ѝ се потребни 400.000 квалификувани работници на годишно ниво од сите струки. Нашата институција директно придонесува странските кадри преку признавањето на нивните квалификации, да дојдат до вработување. Според Сојузниот завод за статистика, денес во Германија работат повеќе од 46 милиони лица, што е рекордна стапка во историјата и особено сум горд на мојот скромен придонес кон постигнувањето на овој успех - ни посочува Мартин.

Првата станица на патот до признавање на странските квалификации

Неговите работни обврски сега се состојат во процена на стекнатото образование, проверка дали е признат факултетот или стручното училиште на кое е стекнато образованието, детално објаснување на можностите за признавање, како и целата постапка и упатување до колегите кои ги издаваат документите за признавање, но и издавање документ за парична поддршка (Anerkennungszuschuss).

- Ние сме првата станица на патот до признавање на странските квалификации - факт кој не им е познат на многу баратели за признавање на нивните квалификации. Голем дел од нив ги испраќаат нивните документи директно до институцијата одговорна за тоа без претходно да се обратат кај нас, со што се изложуваат на непотребни финансиски трошоци и ја губат можноста за покривање на истите (100 отсто покривање, максималниот износ е 600 EUR.) кои произлегуваат од оваа процедура. Кога еднаш ќе се поднесат документите, се губи правото на финансиски надоместок. Веќе имав неколку случаи на македонски иселеници кои со непознавање на постапката избрзале и ги испратиле документите до Бон, а сега се препратени да се обратат кај нас. Затоа е од голема важност да се споделат овие информации за да им се олесни патот на многумина до постигнување на саканата цел на најсигурен начин - објаснува Мартин.



„Воопшто не размислувам да се вратам во Македонија“

Мартин е задоволен од животот во Германија, вели дека земјата ги нуди сите услови за убав живот. Почнувајќи од инфраструктурата, можностите за исполнување на слободното време, па сѐ до административниот и здравствен систем, и што е најважно, шансата за градење кариера.

- Секако дека и тука не е сѐ перфектно, особено не на почетокот додека да се приспособите на системот и не го владеете јазикот, но тука имате шанса да се докажете и да успеете ако сте упорни и доследни. Од финансиска гледна точка сум презадоволен. Со работното искуство константно се зголемуваат и платите, што секако е голема мотивација да се трудите и да работите уште повеќе. Колку за споредба, моите месечни примања (не сметајќи ги премиите) изнесуваат приближно 6 до 9 месечни плати што ги добиваат моите колеги во Македонија. Разбирливо е дека воопшто не размислувам да се вратам во Македонија, веќе неколку години поседувам германско државјанство и мојата иднина ја гледам тука. На крајот сакам само да нагласам дека овие информации не ги споделувам со цел да поттикнам поголемо отселување од Македонија. Наменети се за сите што веќе живеат тука (или веќе се во процес на иселување) и имаат соодветни квалификации кои сѐ уште не им се признаени. Германија не е „ветена земја“ за секого, тоа се гледа и по фактот што има сѐ повеќе Македонци кои по неколку години поминати тука се враќаат назад во Македонија - подвлекува нашиот соговорник.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема