Случајот со наставничката од германскиот град Дуизбург, која речиси 17 години не одржала ниеден час, а цело време била вработена во државниот училиштен систем, доби нов епилог, пренесува ВДР.
Откако Окружната управа во Диселдорф донесе одлука за нејзино пензионирање врз основа на службен лекарски преглед, наставничката поднесе тужба со која бара поништување на таа одлука.
Со години била на боледување
Наставничката последен пат редовно предавала во 2009 година во градското училиште во Везел. Оттогаш отсуството го оправдувала со лекарски дијагнози за психичко заболување.
Сомнеж за измама и работа на црно
Покрај управниот спор околу пензионирањето, Обвинителството во Дуизбург води кривична истрага. Истражителите се сомневаат дека наставничката ја лажирала неспособноста за работа, додека истовремено работела како алтернативен терапевт. При претресот на нејзиниот стан во март беа собрани докази за можна измама на државниот буџет.
Дисциплинската постапка и истрагата против службениците кои со години го игнорираа овој случај и понатаму се во тек, додека случајот продолжува да предизвикува остри дебати за контролата на долготрајните боледувања во германскиот јавен сектор.
Фото: magnific