X
 25.07.2021 Здравје

Јадењето преработено месо го зголемува ризикот од срцеви заболувања, тврдат истражувачи од „Оксфорд“

Јадењето преработено месо ги зголемува ризиците за срцеви заболувања за една петтина, покажува најголемата анализа на истражувања за влијанието на консумацијата на месо врз здравјето на срцето.

Истражувачите од Универзитетот „Оксфорд“ им порачуваат на луѓето да го намалат консумирањето на црвено и преработено месо за три четвртини или целосно да престанат да го јадат за да ги намалат ризиците од умирање од коронарни заболувања.

Тимот утврдил дека јадењето 50 грама преработено месо, вклучувајќи ги и сланината, шунката и колбасите, го зголемува ризикот од срцеви заболувања за 18% поради соленоста и заситените масти.

Процентот е помал кај непреработеното црвено месо како говедско, јагнешко и свинско и изнесува 9%, но не била пронајдена врска помеѓу срцевите заболувања и јадењето месо од живина, како пилешко и мисиркино, кои имаат помалку заситени масти.

- Знаеме дека производството на месо е голем придонесувач за емисиите на стакленички гасови и треба да ги намалиме производството и консумацијата на месото за да придонесеме за подобра животна средина. Нашата студија покажува дека намалувањето на внесот на црвено и преработено месо, исто така, носи придобивки и за здравјето - истакна Аника Кнупел, еден од авторите на студијата.

Таа додава дека нема согласување околу тоа кое е безбедно ниво и препорача што е можно помала консумација, односно најмногу еднаш неделно. Таа им порача на политичарите да ги охрабрат луѓето да го ограничат внесот на преработеното црвено месо.

Иако во истражувањето не се наведени причините за поврзаноста, се смета дека големиот внес на заситени масти ги зголемува нивоата на штетните липопротеини со мала густина (ЛДЛ), т.н. лош холестерол, додека консумацијата на повеќе сол го крева крвниот притисок, а тие две нешта се содржани во големи количини во преработеното месо и се ризик-фактори за срцеви заболувања.

Секоја година речиси 9 милиони луѓе во светот умираат од срцеви заболувања, што е предизвикано од стеснети артерии.

Извор: Guardian
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје