X
 25.07.2024 Живот

Како ќе се одвива вработувањето на специјализантите: 300 годинава, 300 следната година

Претставници на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари денеска остварија средба во Министерството за здравство на која биле дискутирани критериумите и постапката за вработување. На средбата присуствувале министерот за здравство Арбен Таравари, д-р Бесник Хамити, д-р Александра Георгиева, д-р Бојан Трајковски, д-р Христина Илиоска-Чешлароска и членови на кабинетот.

- На средбата се дискутираше за вработувањата, односно за критериумите за вработување. Првите 300 вработувања ќе им бидат понудени на колегите од 4., 5. и 6. година на специјализација. Критериуми ќе бидат година на специјализација, вид на специјализација и просек. Истите ќе се вршат според место на живеење. Доколку бројката од 300 вработувања не се исполни со специјализанти од 4., 5. и 6. година, ќе се оди на подолните години. Следната година ќе има уште 300 вработувања - наведуваат од Асоцијацијата.

Оттаму додаваат дека медицинските лица што нема да прифатат вработување, засега ќе останат со истите услови. По двата конкурса за вработување ќе се види колку ќе останат невработени, па тогаш дополнително ќе се одлучува за висината на платата.

- Во текот на август Министерството ќе објави линк преку кој ќе се собираат потребните податоци за специјализантите и ќе се направи потребната база на податоци. Условите за договорите ќе бидат согласно сегашниот Закон за здравствена заштита, онака како што е наведено при вработување на државните специјализанти - стои во соопштението.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот