X
 25.10.2021 Колумни

Ученикот - ниту една воспитно-образовна реформа не го зема предвид

Мојот тридецениски професионален габарит ми дава за право да тврдам дека само фокусот кон ученикот е она што ќе го спаси нашето образование, во кое има место за сѐ, само не за него

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Сведочиме на низа реформски зафати кои, под закрила на амбициозните резови во најсуштествената сфера на општественото живеење, веќе со децении ја обликуваат училницата, формираат ставови кон учењето и креираат амбиент во кој, за жал, образованието предолго се облекува и пресоблекува во обид кога ќе се погледне во огледало да го види својот лик онаков каков што треба да биде – вистинска воспитно-образовна сфера која продуцира млади умови, полни со знаење и подготвени за животните предизвици. За жал, тој лик е сосема поинаков и како што може да се види, не постои шминка со која таа несоодветност може да се покрие, особено затоа што сите досегашни резови се сведуваат само на естетски зафати, кои многу бргу покажуваат дека зад новите слоеви, сепак, живее грдото лице на кое му треба поинаква, посуштинска и посериозна помош.
Нејсе. Би кажала дека постои еден многу важен аспект кој во сите досега реализирани зафати за разубавување на образованието никако не го наоѓа своето место. Останува постојано на маргините, без јасна претстава дека токму тој аспект е оној од кој треба да се тргне и од кој треба да произлезе резултатот што го посакуваме, но не го достигнуваме: убав, сериозен воспитно-образовен лик, втемелен во вредностите важни за секој млад човек. Тој аспект се вика УЧЕНИК.

Зошто? Имено, секогаш цврсто стојам на ставот дека ниту една реформа досега не тргна од овој базичен субјект, неговите реални потреби, можности, афинитети и ставови кон она што треба да го усвои и да го изнесе од клупите како доза на „самиот себе“, изграден и подготвен за живот. Предолго се соочуваме со маса демотивирани деца, кои сѐ помалку се гледаат себеси конектирани со нас, нивните учители. Сѐ помалку учат, сѐ помалку сакаат да се со нас на оној начин кој една здрава училница треба да го подразбере – како пријатели кои учат едни од други. Годините минуваат во атмосфера во која се давиме во лоши учебници, оптоварувачки наставни програми, голем број часови, обврски кои за нас подразбираат пишување и пишување и пишување од кое децата ги гледаме, но не можеме да ги видиме. Се давиме во реформи кои нѐ дочекуваат неподготвени, освен кога е во прашање револтот кон нив – тука сме секогаш на готовс и подготвени на неприфаќање, па озабени и исплашени за самите себе меѓу забите на тој рез, можеби пропуштаме и нешто што би дало резултат. Секако, и тоа е дел од тажната сложувалка која никако да ја составиме – за тоа, во некое друго наредно писание.

Што е она што на децата им недостига? Би рекла, пред сѐ, учител кој ќе ги разбере. Оти секоја промена мора да подразбере првин промена во светогледот на оној што е модел за однесување по сите основи - и како учител и како човек. Оти секоја промена мора да тргне од реконструкцијата на учителот, кој ќе постави прозорци од кои ќе го гледа само ученикот – не надлежните, бидејќи сфативме веќе: многу долго, она што тие го гледаат не е истиот хоризонт.
Ќе ви пренесам неколку сликички од воспитно-образовното милје, кои за мене лично се само еден показател за она што би им овозможило посреќен живот во клупите. Затоа што ние сме таму заради нив, не обратно. Толку малку, а толку убаво:

Слика 1:


Часови за повторување. Децата работат. Имаат вежба поврзана со симулирана ситуација на менаџерско однесување, во формат на обединување на менаџерските способности и карактеристики, во дадена ситуација во која треба да одиграат конкретна менаџерска улога. Го поминавме овој материјал и сакам од нив да видам како размислуваат вон учебникот, вон „кутијата“. Секој задлабочен во своите размисли. Едно перче меѓу прстите. Едно око црно зад очилата, замислено во својата идеја. Се движам полека и тивко меѓу нив.
-Може малку музика, професорке? – гласот од последната клупа.
-Може, секако – се смешкам зад очилата.
И ете. Стапало во ритам под столчето. Една рака крената угоре како да го фаќа звукот. Сите во тивок ритам, фатени со себе во ментална дружба.
-Може да станам до прозорецот, професорке? Веднаш ќе се вратам.
-Можеш – го гледам како застанува до отворениот прозорец, под кој мириса првото есенско зацрвенето жолтило. Стои некоја минута со склопени очи, се враќа во клупата. Со себе го носи здивот на проветрена мисла, која ми ја подари мене низ насмевка и која го врати на задачата.

Слика 2:

Умно девојче од средната редица. Втора клупа. Помалку дрско, за мене објасниво – научено дека за незнаење се добива единица. Цела низа, која веќе и не ја потресува. Отседува низ годините, смирено, без напор да покаже амбиција за нешто повеќе.
-Ќе ме дружиш денес? - ја прашувам во обид да и покажам дека зад таа совршено добро навежбана саркастична насмевка живее ум кој многу може.
-Не сум баш дружељубива денес – ми вели додека својата острица ја вперува право во мене, мирно подготвена да добие уште една слаба.
-А да се обидеме, па да видиш дека баш има за што да си помуабетиме? – учителот во мене не сака да се откаже во битката со нејзината сеедност.
-Не знам, професорке, ништо не сум читала – таа со вообичаениот одговор кој толку долго е таа самата.
-Во ред. Ајде кажи ми вака: Ако ти си менаџер и ако........................- ја ставам во состојба во која она што не го читала ѝ се избиструва и ѝ се распостила пред неа како можност да размислува. Таа се исправа во столчето, се потпира на ѕидот и вели:
-Па веројатно тоа би значело дека јас како менаџер треба да ...........- ја гледам додека ми зборува. Не сакам да се помрднам, ми стои дека ќе ѝ ја прекинам мислата.
-А ако сега имаш состојба во која................- нашиот муабет продолжува. Таа сега веќе ги трга очилата, ги брише со крајот на својата блуза. Зборува и зборува. Некаде и прави грешка. Но, размислува. Сака да ми каже. Јас стојам, ја слушам и сфаќам - промената е можна само ако на децата им понудиме промена и во приодите кон нив. Таа заврши, за момент се потпре на ѕидот, а нејзиниот поглед вперен во мене ја изгуби својата острица. Се смешкаме двете, фатени во прегратките на свесноста дека детето знае ако му се даде шанса вон клишето на лекцијата која има краткорочна употребливост. Токму она што толку им недостига, а за што ние учителите најчесто немаме време, фатени во стапицата на испочитување на формализмите кои немаат допирна точка со децата – да им предадеме, да ги испрашаме, да направиме тест. Да имаме оценки. Без да сакаме да видиме дека зад нив сѐ поретко има сознаен габарит кој се вика Знаење.

Слика 3:

-Да видиме, што мислите за.........-поставувам прашање врзано со новата лекција, која треба да ја предавам и сакам да видам каква им е конекцијата со материјалот кој веќе го поминавме. Некоја чудна тишина.
-Со мене ли сте, деца? – се обидувам да внесам ведрина во атмосферата која почнува да тежи. Нова доза тишина.
-Професорке, имавме два теста пред вас и едно испрашување. Не ни се зборува баш – срамежлив глас од гласот на народот - претседателот на класот.
Ги гледам како седат во своите клупи, изморени, во позиција на чекање и овој час да мине. Како и сите други. Да мине и да си одат, со себе носејќи жалење што биле со нас.
-Станете, деца. Земете ги јакните, одиме надвор – ме гледаат со сомнеж.
-Си одиме дома? Ќе нѐ пуштите ли?- интонација на надеж. Толку болна за нас, учителите, оти ни покажува дека не сакаат да се со нас.
-Не, одиме надвор, во дворот ќе си муабетиме – одвраќам во напор да им ја вратам енергијата. Онаа која полека и мене почнува да ми недостига, изгубена во костец со секојдневните битки за враќање на стариот сјај на училницата, одамна веќе избледен.
Ги пропуштам низ вратата пред мене. Во дворот седнуваме кој каде може, некој останува да стои. Стојам и јас потпрена на мојот бастун, оти сакам да ги гледам. Муабетиме полека, се обидувам да ги врзам за себе. Нема дете кое не ми кажа што мисли. Изморени, апатични, но подготвени да ми се оддолжат за таа мала доза воздух, мал обид да направиме нешто заедно. Не беше тоа најуспешниот час. Воопшто не. Можеби не ја совладаа лекцијата онака како што знам дека можат. Но беше можност за нивен израз тогаш, кога сѐ што сакаа беше само едно - да ги пуштам да си одат. Да си одат од мене. Но останаа, и нивните насмевки кога ѕвончето се разлеа низ дворот ми беа доволни да си ја најдам силата.

Многу слики има нашата воспитно-образовна сага. Секој учител има свој албум, кој го држи жив и му овозможува и понатаму да остане на браникот на училницата. Затоа што секој учител знае дека децата не се виновни. Тие се последицата. Причината живее на друга адреса. Таму каде што живеат реформаторите кои кога реформираат, не сфаќаат дека секој зафат мора да води сметка за детето, кое пак мора да е поврзано со учителот – сѐ друго се импровизации.

Ќе завршам вака: мојот тридецениски професионален габарит ми дава за право да тврдам дека само фокусот кон ученикот е она што ќе го спаси нашето образование, во кое има место за сѐ, само не за него. Тогаш кога овој аспект навистина ќе се земе предвид кога се прават обиди за ревитализација на предолго болниот воспитно-образовен организам, тој ќе заздрави. Затоа што без овој аспект, и понатаму ќе лекуваме последици. Оние што сме ги предизвикале.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни