X
 25.12.2018 Живот

Како Франција, Норвешка, Холандија и други земји го решиле проблемот со загадениот воздух?

Проблемот со прекумерното загадување на воздухот во нашата земја може да се реши со примена на најдобрите искуства од светот, приспособени на нашите околности.

Предуслов е да се натера политичката елита здравјето на луѓето да ѝ стане приоритет. Сѐ додека градовите се третираат како низа градежни парцели што треба да се откупат, а не како места каде што живеат луѓето, нема да има решение.

Во 1952 година една епизода на смог во Лондон однела дури 12.000 животи. Овој настан го забрзал донесувањето мерки за сеопфатна контрола на загадувањето на воздухот во Велика Британија. По оваа трагедија, владата го усвоила Актот за чист воздух во 1956 година, кој денес се смета за пресвртница во заштитата на животната средина во Велика Британија. Законот вклучува овластување за воспоставување зони без чад во градовите, во кои може да се користат само горива што нема да создаваат чад. Законот вклучува мерки за да обезбеди промена на електраните од градовите и зголемување на висината на оџаците. Исто така, биле обезбедени субвенции за домаќинствата за да се префрлат на почисти горива - цврсти горива, природен гас и струја, што ги намалило емисиите на штетните гасови.

Транзицијата кон чисти горива не се случила преку ноќ и биле потребни уште речиси три децении и уште еден закон за чист воздух во 1968 година со кој биле пропишани дополнителни обврски, пред програмата за контрола на чадот да биде конечно успешно донесена докрај.

Велика Британија и сега има проблеми со загадениот воздух, но главен извор на загадување се моторните возила.

Ирска, пак, во 1990 година вовела забрана за рекламирање, продажба и превоз на јаглен. Биле воведени и зони без чад и сето тоа довело до подобрување на квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето, намалување на бројот на смртни случаи од белодробни и кардиоваскуларни заболувања.

Просечната концентрација на црн чад во Даблин е намалена за 60 отсто по забраната за јаглен, а бројот на смртни случаи паднал за 5,7 отсто. Бројот на смртни случаи од респираторни заболувања е намален за 15,5 отсто, а бројот на смртни случаи од кардиоваскуларни заболувања е намален за 10,3 отсто.

Во Краков, Полска, земја која е главен производител и потрошувач на јаглен, во 2019 година ќе се воведе забрана за користење јаглен во домаќинствата, рестораните и во бизнис-секторите.

Се проценува дека 88 отсто од загадувањето од неиндустриските извори во Полска доаѓаат од домаќинствата што се греат на јаглен. Во Краков домашните камини се извор на речиси 50 отсто од вкупното загадување на штетни честички. Со забраната на јаглен се планирани дополнителни мерки, како што е проширувањето на мрежата за централно греење, подобрување на градскиот превоз и ограничувања за пристап на автомобилите во центарот на градот.

Грац во Австрија бил прв град во Европа кој уште во 1992 година како мерка за намалување на вревата, загадувањето и зголемување на безбедноста вовел ограничување на брзината на моторните возила на 30 километри на час во населените градови и 50 километри на час во транзит.

И Луксембург воведува успешни мерки за намалување на загаденоста - од 2020 година воведува бесплатен градски превоз за сите.

Хелсинки, Финска, планира драстично да го намали бројот на автомобили на улиците преку понатамошен развој на јавниот превоз, поголеми цени за паркирање, нови велосипедски патеки, проширување на пешачките зони. Целта е да се создаде толку добар градски сообраќај, што никој повеќе нема да сака да вози автомобил.

Бангалор, град во Индија, направил конверзија на сите 6.000 автобуси за јавен превоз на природен гас, што го намалило загадувањето предизвикано од сообраќајот. Фрајбург, град во Германија, има повеќе од 500 километри велосипедски патеки и евтин и ефикасен јавен транспортен систем. Во делови од градот паркирањето е забрането, дури и за станарите. На оние што се одлучуваат за живот без автомобил понудена им е поевтина кирија.

Франција, Велика Британија, Норвешка, Холандија, листата секоја година е сѐ подолга, планирајќи целосна или делумна забрана за дизел и бензин-мотори за да се поттикне транзиција кон електрични возила.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот