X
 26.04.2018 Образование

Ангела Стојановска, најдобар студент на ФДУ: По првиот семестар сакав да се откажам, денес сум среќна што се премислив

Кога се запишав, ми порачаа да бидам внимателна со желбата за пари и слава. Ама тоа не го мислиш додека студираш, тогаш си заштитен во стаклено ѕвоно и е прекрасно. Би им порачала на идните студенти да уживаат најмногу што можат, додека траe


Ангела заедно со својата класа и професорот Златко Славенски

Кога си студент, многу ти се појасни недостатоците што ги има во образовниот систем и ентузијазмот некогаш те тера да се обидеш да ги поправиш. Сега, не знам. Веќе не знаеме дали нешто вреди да се поправа – вели Ангела Стојановска, најдобриот дипломец на Факултетот за драмски уметности во Скопје за 2015/2016 година, со просек 9,81. Денес таа нема ниеден театарски ангажман, не работи за тоа што учела.

Какво искуство беше студирањето на ФДУ за тебе?

- Моите приемни на ФДУ почнаа по мојата трета година средно (имав уште неколку колеги што го направија истото). Воопшто не бев спремна за тоа што значи да се студира, ама знам дека многу сакав да ме примат на тој факултет. Бев 13-та на список (на ФДУ примаат 12), сите ме убедуваа дека ќе се прошири квотата и, да, се прошири. Таа генерација на ФДУ примија 20 луѓе во класата на македонски јазик. Нѐ поделија во две групи по десет луѓе, оттогаш мојата класа ми стана семејство. Пред крајот на првиот семестар за малку ќе се откажев од студиите зашто не можев да се справам со една задача и почнав да си мислам дека ФДУ можеби и не е за мене. Сега ми е мило што не се откажав. Како класа, поминавме низ сѐ и сешто, се разбира дека имаше многу среќни и тажни моменти.

Дали некогаш ти било понудено да соработуваш со факултетот, да бидеш асистент можеби и дали го посакуваше тоа?

- Сметам дека многу случајно сум најдобар студент, на ФДУ малку луѓе „маваат просек“, а и зошто би го правеле тоа. Не ми било понудено да бидам асистент, претпоставувам дека со оглед на примањата што се добиваат додека да станеш асистент, никој професор не сака да те стави во таква незавидна позиција. Како и да е, сакав да останам на факултетот, таа желба траеше речиси до дипломирање, можеби и малку потоа. Кога си студент, многу ти се појасни недостатоците што ги има во образовниот систем и ентузијазмот некогаш те тера да се обидеш да ги поправиш. Сега, не знам. Веќе не знаеме дали нешто вреди да се поправа.


Ангажманот во кампот за мигранти на Табановце - незаборавно искуство

Работиш ли сега во дејност поврзана со професијата?

- Баш пред некој ден ме примија на позиција која не е поврзана со мојата професија. До пред некој месец работев на еден проект кој се вика „ТВ Бокс“, тоа беше процес од две години кој ќе го паметам засекогаш. Паралелно работев во кампот за мигранти во Табановце и тоа беше процес од две години кој ќе го паметам засекогаш. Кога веќе ги спомнавме искуствата, тие ми се незаборавните.

Би заминала ли во странство дури и по цена да не се занимаваш со професијата?

- Секој ден си го поставувам прашањево. Еднаш заминав и за малку немаше да се вратам, се вратив само за да дипломирам на факултетот кој го сакав и во струката што сакав да ја работам до крајот на животот. Штом сѐ уште не сум си дала одговор, веројатно постои надеж дека работите ќе тргнат на подобро.


Ангела Стојановска

Што би им препорачала на актуелните студенти на овој факултет? Што е најважно додека студираш актерска игра?

- Кога се запишав, ми порачаа да бидам внимателна со желбата за пари и слава. Ама тоа не го мислиш додека студираш, тогаш си заштитен во стаклено ѕвоно и е прекрасно. Би им порачала да уживаат најмногу што можат, додека трае.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование