X
 27.07.2019 Економија

Речиси половина од Македонците работат во сабота, а 60,3 отсто од вработените имаат нетипично работно време

Сонот на секој човек е во сабота и недела да одмора од работата во текот на претходните пет работни денови. Меѓутоа, постојат дежурни служби кои мораат да работат и тие денови, како што е итната помош.

Вообичаено за време на викендот повеќе работат мажите отколку жените, но има и земји, како Словенија, каде жените се „повредни“ од мажите.

„Евростат“ има база на податоци која вклучува работа во несоцијални часови, па тука има и работа навечер, ноќна работа, но, најпрвин ќе посветиме внимание на работата во сабота и недела.

Според анализата на српскиот економист Мирослав Здравковиќ, Македонија се најде на третото место на листата со високи 43,6 отсто од населението кои работат во сабота и 20,7 отсто кои работат во недела. Во однос на половите, 46,9 отсто од мажите работат во сабота, а 23,8 отсто во недела. Процентот кај жените е помал, па може да се забележи дека 38,5 отсто од жените работат во сабота, додека 16 отсто работат во недела.


Фото: Makroekonomija

Повисок процент од нас имаат само Турција и Црна Гора. Во Турција 53,4 отсто од населението работи во сабота, а 26,6 отсто работи во недела. Црногорците, пак, се покажале како највредни, па од табелата може да се види дека 55,2 отсто од населението во Црна Гора работи во сабота, додека 29,8 отсто работи во недела.

Грција и Србија ги заземаат четвртото и петтото место. Во Грција 41,9 отсто од населението обично работи во сабота, а 16,8 отсто работи во недела. И во Србија процентот на луѓе кои работат за викенд е висок. Дури 40,6 отсто од Србите работат во сабота, а 24,2 отсто работат во недела.

Во Словенија во сабота работи 19,1 отсто од населението, а во недела 12,6 отсто. Кога станува збор за оваа земја, може да се забележи дека и во двата дена од викендот поголем е процентот на жени кои одат на работа.

Бугарите се едни од подобрите во регионот. Таму 17,5 отсто од населението обично работи во сабота, а само 7,8 отсто во недела.

Хрватите, пак, се покажале како луѓе кои најмногу си го почитуваат викендот од целиот регион. Во сабота работат 13,8 отсто од Хрватите, додека во недела само 6,4 отсто. Забележително е што и во оваа земја е поголем процентот на жени кои работат за викенд.

Доколку сакате да не работите за викенд, Унгарија и Португалија се земјите за вас. Тоа се единствените две земји каде процентот на луѓе кои работат за викенд е помал од 10. Само 8,1 отсто од Португалците работат во сабота и 4,8 отсто во недела.

На ниво на Европската унија, процентот на жители кои обично работат во сабота е 25,4, додека 14 отсто од жителите на Унијата работат во недела. Кога станува збор за половите, во ЕУ мажите се повредни за викенд. Во сабота работат 26 отсто од мажите и 24,7 отсто од жените. Во недела работат 14,2 отсто од мажите и 13,8 отсто од жените.

Кога станува збор за работење во нетипично работно време, Македонија повторно е на врвот на листата. Полоши од нас се само Црногорците.

Од табелата може да се види дека 60,3 отсто од Македонците имаат нетипично работно време. 22,4 отсто имаат вечерна работа, а 9,3 отсто ноќна. Процентот на мажи и жени кога станува збор за вечерна работа е ист. Така, вкупно 22,3 отсто од мажите и 22,6 отсто од жените имаат вечерна работа. Но, кога станува збор за ноќна работа, процентот на мажи е поголем. Така, 11 отсто од мажите и 6,8 отсто од жените работат ноќе.


Фото: Makroekonomija

Во Црна Гора вкупно 64,1 отсто од населението има нетипично работно време. На третото место, веднаш по Македонија, е Турција, каде 60 отсто од населението има нетипично работно време, а потоа следуваат Србија и Грција со 59,5 и 58,2 отсто.

Кога станува збор за земјите од регионот, во Хрватска 41,7 отсто од населението има нетипично работно време, додека во Словенија 41,1 отсто.

Бугарија е најдобра во оваа категорија од регионот и таму 29,6 отсто од населението има нетипично работно време.

Шведска, Литванија и Унгарија се земјите каде најмал процент од населението има нетипично работно време.

Треба да се забележи дека Словачка е најлоша кога станува збор за ноќна работа. Таму дури 15 отсто од населението работи ноќе.

Од сето ова можеме да заклучиме дека одморот за викенд е сон за голем број Македонци. 
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија