X
 28.04.2019 Култура

Најстрашните начини на кои починале некои од најголемите руски книжевници

Лав Толстој и Антон Чехов умирале полека в кревет. Други, пак, како Александар Пушкин и Михаил Лермонтов, се убиени во двобои, а некои писатели имале страшна смрт.

Еве неколку кратки приказни.

Сергеј Есенин - се обесил

- Кога се обидов да го убедам да не пие толку и повеќе да се грижи за себе, стана многу нервозен: Како не сфаќаш, не можам да не пијам... Да не пиев, како ќе го преживеев сето ова - ова бил последниот разговор меѓу Владимир Черњавски и Есенин.

Еден од најголемите книжевници на сребрениот век на руската книжевност (на почетокот од 20 век) од 1925 година бил сам, очаен и предаден на алкохолот.

- Сите мисли на болниот човек прелетуваат како да се обоени во црно - така друг пријател на Есенин, Матвеј Ројзман, го опишал ставот на Сергеј.

Тој исто така потсетил и дека писателот доброволно се пријавил во психијатриска болница во 1924 година, но веднаш побегнал, а Ројзман го пронашол во бар.

„Да се умре не е ништо на овој свет, но ни да се живее не е нешто најново“.

Сепак, постои уште една верзија со која се согласуваат многу експерти, а тоа е дека советските тајни служби го убиле Сергеј Есенин.

Владимир Мајаковски - се самоубил

Владимир Мајаковски (1893-1930) се смета за извонреден советски писател. Освен со поезија, тој се занимавал и со драматургија, пишување на сценарија, а се испробал и како режисер и филмски актер. Неочекуваната смрт на Мајаковски на 14 април 1930 година и денес отвора многу прашања.


Фото: Noizz

Неговото самоубиство оставило многу нејаснотии. Некои сметаат дека не станувало збор за самоубиство, туку за убиство.

Интересно е тоа што тој го осудил самоубиството на Есенин, но во прошталното писмо напишал: „Ова не е начин (не им го препорачувам на другите), но јас немам излез“.

Осип Мандељштам - умрел од глад во логор

Осип Мандељштам (1891-1938), славен писател од сребрениот век, всушност својот живот го завршил во 1933 година откако го напишал и наглас го прочитал познатиот епиграм против Сталин - кратка песна во која ја опишал страшната реалност под владеењето на Сталин. Скептичен кон советската влада, Мандељштам продолжил да го чита памфлетот, иако неговиот пријател Борис Пастернак рекол дека тоа е самоубиство.

Не ја чекал долго казната и властите го уапсиле. Пет години тој и неговата сопруга морале да живеат во оддалечени подрачја во егзил и сиромаштија. Писателот дури и се обидел да се самоубие скокајќи од прозорец, но не успеал. Во 1938 година повторно бил уапсен и испратен на исток за петтата година од затворот да ја мине во работнички логор.

Починал во Владивосток на 27 декември, целосно исцрпен и гладен. Неговото тело е закопано во заедничка гробница.

Всеволод Гаршин - скокнал од петти кат

Познат по неколку кратки приказни, Гаршин (1855-1888) без сомнеж бил талентиран, но слабо читан писател. Неговата смрт била ненадејна.

Животот на Гаршин бил трагичен уште од детството - имал ментална болест со продолжени периоди на депресија. Иако некако живеел, тој секогаш бил свесен дека е болен, обидувајќи се да води нормален живот, но тогаш болеста одеднаш се будела.


Фото: Wikipedia

Во последните години од неговиот живот болеста била најсилна и во 1880 година морал да мине неколку месеци во психијатриска болница. Лекарите можеле да му дадат само привремено олеснување. Во 1888 година Гаршин му рекол на својот пријател, познатиот руски сликар Рјепин: Јас сум толку исплашен дека повторно ќе го загубам разумот... Кога барем би имал пријател кој би ми ги скратил маките кога ќе дојде до тоа.

На крајот самиот го сторил тоа бидејќи веќе не можел да ги трпи стравот и лудилото. Скокнал од петтиот кат на зградата. Неговата смрт, поради релативно малата висина, била бавна и се мачел уште пет дена.

Данил Хармс - умрел од глад во психијатриска болница

За разлика од Гаршин, Хармс (1905-1942), кој е познат по неговите песни и апсурдните приказни, како и духовитите експерименти со јазикот, немал ментални проблеми. Сепак, тој лажирал шизофренија за да не оди во војска и во борба против Германија. Идејата за борба и пукање во луѓе го плашела, особено затоа што имал германско потекло и бил пацифист.

Во 1939 година, кога Втората светска војна веќе почнала, тој ја одглумил менталната болест и добил официјален статус кој му овозможил да не оди во војска. Сепак, во однос на иднината, тој ни малку не бил оптимист.

- Ќе отползиме со исечени нозе, држејќи се за ѕидовите во пламен - вака неговиот познајник Павел Заљцман го цитира во своите мемоари.

Нештата не завршиле добро за Хармс - тој е испратен во психијатриска болница во тогашен Ленинград, каде што на 2 февруари 1942 година умрел од глад во текот на 900-дневната германска опсада, кога немало доволно храна за пациентите.

Насловна фотографија: Сергеј Есенин (Wikipedia)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура