X
 30.08.2020 Култура

Книги што ќе го променат начинот на кој гледате на патувањето

Некој еднаш рекол дека успехот на големите патописи не може да се мери со награди, туку со поминати километри. Тоа не се однесува на километрите што се опишани во патописите, туку на сите километри што читателите ги „поминуваат“ во главата во текот на читањето. Овие километри инспирираат на пешачење, возење или летање, а тоа се најважните делови што треба да ги имаат книгите за патувањето.

Понекогаш читањето книги за патување може да биде трансформативно како и самото патување. Следните 10 книги за патување биле одбрани од страна на неколку искусни патници за „Форбс“ како најдобри книги за патување.

„Прстените на Сатурн“ - Винфрид Георг Зебалд

Уредникот на веб-страницата „Лонли планет“, Џејмс Кеј“, смета дека ова е најдобрата книга за патување. Оваа книга има елементи на патопис, мемоари и роман, а впрочем е збирка од мисли кои се родиле во главата на германскиот автор при прошетка во англиската област Сафолк.

Овој роман спојува разни и необични описи на места и луѓе со кои се среќавал Винфрид при прошетка по брегот. Во книгата ќе научите нешто за лов на харинга, за колонијализмот во Конго, па и за владеењето на кинеските царици.


Фото: Freepik

„Уметноста на патувањето“ - Ален де Ботон

Со толку литература за патување што ни покажува каде треба да патуваме лесно може да заборавиме на целта на патувањето, а оваа книга е потсетник на тоа. Де Ботон е брутално искрен и филозофски гледа на тоа зошто патуваме и открива вистини кои не сакаме да ги видиме или во кои не сакаме да веруваме. Тој е неверојатно страстен кога ги опишува секојдневните моменти во текот на патувањето кои најчесто ги помниме.

„Алхемичарот“ - Пауло Коелјо

Поголемиот дел од патниците уживаат во своите авантури, без разлика дали тоа уживање е на археолошко место или во ресторан. Но додека сте зафатени со барање на нешто надворешно, најчесто на крајот откривате дел од себе за кој не сте знаеле дека постои. Токму тоа се случува во „Алхемичарот“, изјавила Кори Варга, експерт за патување и основач на блогот „Ју кулд травел“.

Во книгата се раскажува за искуствата на еден андалузиски пастир додека патува низ египетската пустина во потрага по богатство. За време на своите авантури наместо богатство, тој се запознава себеси.

„Средно печено“ - Ентони Бордејн

Ентони Бордејн има посебно место во срцето на секој патник. Помеѓу неговите наградувани емисии и најпродавани книги тешко е да се одбере кој дел од неговата работа е највлијателен. Меган Дрилинџер, патописец и претприемач, ја одбира оваа книга како највлијателна.

Патувањето го сменило Бордејн. Тоа му ги отворило очите кон светот кој е љубезен и простува, свет кој има помалку среќа од него. Освен тоа, преку патувањето тој научил дека излегувањето од зоната на удобност е средство за растење.


Фото: Freepik

„Земји на изгубени граници: патот на свилата“ - Кејт Херис

Потрагата по непознатото е она што стои зад мотивацијата на многу луѓе додека патуваат. Но каде да тргнете кога ви се чини дека сè е веќе откриено? Кејт Херис размислува за ова прашање во нејзините мемоари, кои ги посветила на своите истражувања за познатиот пат на свилата. Оваа книга наликува на медитација за далечни места за кои ретко се пишува, за истории и граници, пишува Елизабет Силе, виш уредник во „Рил симпл“.

„Жена сама: патописни приказни од целиот свет“ - Фејт Конлон, Ингрид Емерик и Кристина Хенри де Тесан

Прашањето „а што ако“ за време на самостојното патување е доволно за да го смени планот за време на патувањето. Особено кога патникот е жена. Оваа книга помага во победувањето на стравот од самостојното истражување и поттикнува на вакво патување, вели Таника Рене, инфлуенсерка за патување.

Книгата е исполнета со искуства и приказни од самостојни патнички кои се реални, транспарентни и инспирираат. Оваа книга ќе ви даде ветар во грб да се соочите со стравовите и да го видите светот.

„Авантурите на Тинтин“ - Жорж Реми - Ерже

Што би можело повеќе да инспирира еден млад патник (или постар номад кој е млад во срцето) од возбудливите авантури на новинарот и неговото мало кутре што скитаат по светот? Стриповите за Тинтин се нешто што го обележало детството на Инма Грегорио, која води блог за патување. „Авантурите на Тинтин“ е комична серија од стрипови кои ќе ве однесат во Египет, Конго, Тибет и други места, без разлика колку години имате.


Фото: Freepik

„Џебен атлас на далечни острови: 50 острови што не сум ги посетила и никогаш нема да ги посетам“ - Џудит Шалански

Лесно е да се разбере зошто патниците ја сакаат оваа книга. Таа е мала и лесно ја собира во торбата, а во неа има преубави мапи и најважно, ве потсетува дека има уште многу нешта што не сте ги виделе во светот, вели Кристин Хенинг, блогерка за патување. Оваа книга истовремено има детални откритија и одлични фотографии од далечни дестинации. На секој претставен остров има статистички податоци за земјата со нацртана мапа.

„Вагабондинг: Невообичаен водич за уметноста на долготрајните светски патувања“ - Ролф Потс

Некои толку сакаат да патуваат, што годишниот двонеделен одмор никогаш нема да им биде доволен. Тие имаат цел да водат номадски живот. Оваа книга ве учи што ви е потребно за да градите живот на патот. Секој што размислува за патување подолго од просечниот годишен одмор има што да научи од оваа книга.

„Плажа“ - Алекс Гарланд

Веруваме дека не постои личност на светот која не сонува за престој на идеален остров опкружен со кристално чисто море и покриен со златен песок. Сепак, фантазиите никогаш не ги исполнуваат очекувањата, а токму на тоа потсетува и овој роман, вели Клеменс Сехи, патописец.

Книгата го менува начинот на кој луѓето размислуваат за дефиницијата за рај. Гарланд создава слика од рајот и ги поттикнува читателите да читаат и да мислат дека ликовите навистина го нашле рајот на земјата, а потоа почнува да им ја покажува реалноста.

Извор: nationalgeographic.rs
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура