X
 30.09.2020 Наука

Сахара позеленува на секои 23.000 години - кога повторно ќе се случи тоа?

Пустината Сахара се трансформирала по завршувањето на последната ледена доба. На песочните дини пораснала вегетација и зголемените дождови ги претвориле сувите пештери во езера. Околу 9 милиони квадратни километри од Северна Африка позелениле, привлекувајќи животни како нилски коњи, антилопи, слонови и видови говеда. Овој рај одамна е загубен, но дали некогаш ќе се врати?

Краткиот одговор е да. Зелената Сахара, позната и како африканскиот влажен период, била предизвикана од циклусното менување на орбитата на Земјата околу нејзината оска, што се повторува на секои 23.000 години, според Кетлин Џонсон, професор на Универзитетот „Ирвин“ во Калифорнија. Но поради климатските промени, не е јасно кога Сахара повторно ќе стане зелена.


Фото: Pixabay

Менувањето на Сахара се случило бидејќи се сменил наклонот на Земјата. Пред околу 8.000 години наклонот почнал да се движи од 24,1 степени кон денешните 23,5 степени. Ова направило промена бидејќи сега северната хемисфера е најблиску до Сонцето во текот на зимските месеци. За време на африканскиот влажен период северната хемисфера била најблиску до Сонцето во текот на летото.

Поради ова имало повеќе сончево зрачење на северната хемисфера во летните месеци, а тоа ги засилило африканските монсунски промени. Ова донело повеќе влага од Атлантскиот Океан во сувата пустина.

Но, зошто воопшто се сменил наклонот на Земјата? Според анализи на други планети во нашиот Сончев Систем, врз ротацијата на планетите влијаат гравитациски интеракции со Месечината и поголемите планети во системот, а со ова се предизвикуваат промени во орбитата на нашата планета. Една таква промена е предизвикувањето треперење на оската на Земјата, објаснува експертот Питер де Менокал. Поради треперењето, северната хемисфера се поместува поблиску до Сонцето во текот на летото на секои 23.000 години.


Фото: Pixabay

Она што е интересно за зелената Сахара е тоа што исчезнала за кратко време, односно за 200 години. Промената во сончевото зрачење била постепена, но Земјата одеднаш се сменила.

Следниот пат кога северната хемисфера ќе се помести поблиску до Сонцето во текот на летните месеци ќе биде за околу 10.000 години, но научниците не се сигурни дека тоа ќе се случи бидејќи не може да предвидат како ќе влијае глобалното загревање врз овој природен циклус.

Сепак, постојат геолошки докази дека ваквите настани се случувале и пред милиони години во периоди кога нивото на јаглероден диоксид во атмосферата било исто или повисоко од денес. Затоа, големи се шансите Сахара во иднина да биде зелена, иако привремено.

Автор: Донабин Кофи
Извор: livescience.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука