Овците најчесто се одгледуваат за волната, а понекогаш и за месото. Во Сенегал, некои видови овци се многу скапи домашни миленици и дури учествуваат на натпревари за убавина.
Фотографот Силван Черкуи првпат дознал за овците ладоум во текот на пандемијата. Тој ги видел овие овци во реклама во која се нудела овца доколку се купи автомобил. Животните во рекламата биле величенствени и големи, за разлика од обичните овци кои во Сенегал често се жртвуваат за празниците.
Черкуи почнал да ги истражува овците, кои се појавиле во 70-тите години како хибрид помеѓу мавританска и малијска раса на овци. Овие овци се високи, имаат искривени рогови и може да тежат до 180 килограми. Ги одгледуваат ограничен број фармери и многу се барани.
Богатите Сенегалци често плаќаат по 10.000 долари, а понекогаш и повеќе за една ваква овца. Рекордот за најскапа продадена овца од овој вид е 80.000 долари.
- Често велам дека ладоумите се „ролекс“ меѓу овците: поседувањето ладоум овца е луксуз и престиж - објаснил Черкуи.
Цената на овие овци варира во зависност од величината и тежината, обликот и симетријата на роговите и слично, а овните најчесто се повредни од овците. Многу сопственици ги пријавуваат своите овци на натпревари за убавина кои се емитуваат на телевизиите.
Заинтригиран од феноменот, Черкауи направил повеќе портрети кои ги слават овие животни и нивните сопственици.
Извор:
National geographic
Насловна фотографија: Силван Черкуи/
Instagram