X
 31.03.2026 Живот

Тишината во возовите е правило, а постојат и други строги бонтон-правила: работи што туристите треба да ги знаат за Јапонија

За разлика од многу други земји, во Јапонија бакшишот е непотребен, а се смета и за непристоен. Добрата услуга се подразбира, а благодарноста се изразува преку пристојност и почит.

Древните храмови, футуристичките градови и неверојатната гастрономија привлекуваат многу туристи, но повеќето се изненадени од други работи: беспрекорно чисти улици, возови кои се точни до секунда и ред што за Јапонците е секојдневие.

Одговорот зошто улиците се толку чисти или зошто во возовите владее речиси целосна тишина лежи во јапонската култура, која става голем акцент на заедницата и меѓусебната почит. Затоа постојат многу непишани правила на однесување што на странците понекогаш им изгледаат чудни и збунувачки.

Еве десет работи што многу жители на Јапонија сакаат туристите да ги знаат: 

Внимавајте како ги користите стапчињата

Стапчињата се основен прибор за јадење во Јапонија, но имаат неколку важни правила. Никогаш не забодувајте ги исправени во чинија со ориз, ниту  смеете да префрлате храна од еден пар стапчиња на друг. Тоа се поврзува со погребни ритуали и може да биде непријатно за другите.

Кога не ги користите, ставете ги на држач или преку работ на чинијата. Исто така, пристојно е да ја подигнете чинијата поблиску до устата наместо да се наведнувате над неа.

Сркањето е пожелно


Во западните култури гласното сркање се смета за непристојно, но во Јапонија тоа е сосема прифатливо, па дури и пожелно. Кога јадете рамен, соба или удон, сркањето покажува дека навистина уживате во храната.

Оваа навика потекнува од периодот едо, кога тестенините се јаделе брзо на улични тезги. Сркањето помага и храната да се излади и подобро да се измеша.

Неколку збора на јапонски прават разлика

Не е потребно туристите да зборуваат течен јапонски, но неколку основни изрази се многу корисни.

Ако сакате да повикате келнер, можете да кажете „сумимасен“, што значи извинете. При нарачка често се користи „нама хитотсу“ (едно точено пиво), а „онегаишимасу“ значи „ве молам“. Пред јадење се кажува „итадакимасу“, а по оброкот „гочисоусама“, со што се изразува благодарност за храната и трудот.

Во Јапонија не се остава бакшиш

Во Јапонија бакшишот не е потребен и може да се смета за непристоен. Квалитетната услуга се подразбира, а благодарноста се покажува со тоа што ќе покажете почит. Од друга страна, се смета за културно правилно да се изеде целата нарачана храна.

Не мора да одговарате на поздрав во продавница

Кога ќе влезете во продавница или ресторан, речиси секогаш ќе слушнете гласно „ирашаимасе!“ (добре дојдовте). Ова е само поздрав и не се очекува одговор, доволна е насмевка или благ наклон.

Тишина во возовите


Возовите и автобусите во Јапонија се познати по својата брзина и точност, но и по тишината. Телефонските разговори се многу ретки, а гласни разговори се избегнуваат. Мобилните телефони се држат на тивок режим, а за музика се користат слушалки.

Јадењето на улица не е секогаш прифатливо

Во Јапонија храната најчесто се јаде на местото каде што е купена. Одењето додека се јаде се смета за непристојно.

Исклучок се долгите патувања со воз, особено во „Шинкансен“.

Ѓубрето се носи со себе


Една од првите работи што туристите ја забележуваат во Јапонија се чистите улици, но и малкуте канти за отпадоци. Причината е што од луѓето се очекува да си го носат ѓубрето со себе. Најчесто се користат мали вреќички за отпад. Кантите обично се наоѓаат во продавници, железнички станици или кај автомати.

Правила за капење

Посетата на „онсен“ (термални бањи) е посебно искуство. Таму луѓето се капат без костими за капење. Пред влегување мора да се истуширате, а долгата коса треба да се врзе.

Бонтон на ескалаторите

Во Јапонија постои правило на која страна да се стои на ескалаторите, но се разликува по региони. Во Токио и Источна Јапонија се стои лево, а во Осака и западниот дел - десно. Другата страна е за оние што брзаат.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот