Децата може да ве вџашат со нивното знаење за здравата храна. За неа се зборува во градинка, во училиште, на телевизија, читаат на интернет. Поголемите можат, велат лекарите, и предавање да одржат. Но многу често тоа е залудно. Она што го знаат многумина ретко го применуваат. Тоа е една од причините што од година на година има сè повеќе дебели деца. Многу деца имаат премалку физичка активност, сè повеќе се губи маалскиот живот, кога играа во дворовите и пред зградите, понудата на индустриска и брза храна е преголема, а тие учат и од однесувањето на родителите.
Истражувањата на Институтот за јавно здравје покажуваат дека се зголемува бројот на дебели деца во Македонија. Имено, дури 35 проценти од второодделенците во земјава имаат прекумерна телесна тежина, а 17 проценти се дебели, што е за околу три проценти повеќе во споредба со 2010 година. Истовремено, податоците покажуваат и дека половина од возрасното население има зголемена телесна тежина.
Д-р Игор Спировски од Институтот за јавно здравје потенцира оти мора да го промениме овој тренд.
-Препораките на Светската здравствена организација се дека дебелината, ако не се намалува, треба да стагнира. Нашите податоци велат дека имаме определено зголемување. Нашите препораки се да се избегнува преработена храна. Доколку сепак се јаде преработка, количините да не го компромитираат јадењето свежа храна (овошје и зеленчук). Оброците треба да се приготвуваат дома, а не децата да купуваат храна во училиште. Јас сум сигурен дека ако ги примениме овие совети, во следното мерење ќе имаме подобри резултати – вели д-р Спировски.
Премногу седење дома
Мерењата на тежината и на висината, а потоа и пресметката на индексот на телесна тежина го прават лекарите што спроведуваат редовни систематски прегледи во училиштата во прво, трето, петто, седмо и деветто одделение во основно училиште, а потоа и во втора и четврта година во средно.
Д-р Соња Ралева од школскиот диспанзер „Бит-пазар“ објаснува дека секое дете се следи поединечно и има свој здравствен картон.
- Систематските прегледи се прават во овој период затоа што е клучен за растот и развојот. Загрижувачки е што сè почесто забележуваме деца со зголемена телесна тежина. Денешните деца многу време поминуваат дома. Сè повеќе се губи поранешниот маалски живот, кога со играњето надвор се трошат дел од калориите. Има сè повеќе деца што спортуваат, но тоа зависи и од средината во која живеат. Има средини во кои воопшто не го прават тоа – објаснува д-р Ралева.
Лекарите забележале дека децата имаат многу информации за здравата храна.
- Тие се совршено свесни за тоа што е здрава храна. Некои може и предавање да одржат. Но, прашање е колку се применува тоа што е научено. Има семејства во кои се трудат да ги променат прехранбените навики, такви што не можат да си дозволат здрава храна, а и семејства во кои не се обидуваат да ги воведат препораките за тоа како е подобро да се исхрануваат – вели д-р Ралева.
Таа е децидна дека децата учат од нашето однесување.
- Ако ние јадеме брза храна или многу слатка храна, не може да очекуваме децата да ни се однесуваат поинаку само затоа што им кажуваме дека тоа не е добро. Многу работи зависат од нашата волја. Да се потрудиме овошјето и зеленчукот да бидат почест избор на трпезите, а да ја намалиме индустриската и брзата храна – потенцира докторката.
Брзата храна е многу покалорична
Надица Илиевска, дипломиран нутриционист, вели дека статистичките податоци покажуваат алармантен пораст на бројот на деца со зголемена телесна тежина и на светско ниво.
- За жал, и Македонија ги следи овие светски трендови. Се чини дека и покрај тоа што расте свеста за поврзаноста меѓу исхраната и здравјето, посебно кај младите родители, резултатите во практика не се видливи. Причините за дебелина кај децата се мултифакторијални – вели Илиевска.
Основни причини, објаснува таа, се зголемен енергетски внес и мала енергетска потрошувачка. Едноставно, денес децата јадат повеќе отколку што трошат.
- Но за мене е поважно прашањето зошто е така? Ако бараме одговор на ова прашање, мораме да ги вклучиме и другите причини што имаат влијание врз телесната тежина, посебно кај децата. Некои од нив се: видот и достапноста до одредени прехранбени намирници и слободата што им ја даваме на нашите деца да избираат што ќе јадат – вели Илиевска.
Преплавени сме со понуда на брза храна со голема калориска вредност, која истовремено има занемарлива нутритивна вредност, значајна за организмот, а полна е со транс-масти или шеќери.
- Овие оброци имаат за 50 отсто поголема енергетска вредност од домашно подготвените оброци – објаснува Илиевска.
Наследени навики, брз начин на живот и силен маркетинг
Од друга страна, семејните оброци како сè повеќе да го губат своето значење, иако сме свесни дека прехранбените навики се стекнуваат првенствено во кругот на семејството, а подоцна врз нив влијае околината.
- Морам да нагласам дека денес растат деца чии родители се исто така вљубеници во брзата храна. Но, не може целата вина да ја префрламе на семејството и родителите. Големо влијание има брзиот начин на модерно живеење, а недостигот на време честопати упатува кон земање високопроцесирана готова храна, која брзо може да ја сервираме за ручек или вечера. Ако на тоа се додаде дека денес многу лесно маркетиншки нè уверуваат дека нешто е природно и здраво, па затоа може и да бидеме доведени во заблуда – смета нашата соговорничка.
Промена на стилот на живеење
Таа е убедена дека е потребен многу посериозен пристап во решавање на овој проблем, наместо едноставно констатирање статистички податоци.
- Потребна е национална стратегија за едукација на целата популација. Најсигурен пристап е промена на стилот на живеење, корекции во исхраната и зголемена физичка активност. Не се доволни неколку часа спортување неделно, посебно за децата. Научни студии докажаа дека постои директна поврзаност помеѓу број на часови поминати пред телевизиските екрани и бројот на вишок килограми. Децата се нашата иднина и навистина треба да се потрудиме да имаат правилни прехранбени навики кои водат до добро здравје и лесно и безгрижно детство – додава Илиевска.
За да ја намалат дебелината на населението, некои држави воведуваат данок на дебелина, со кој ги поскапуваат производите за кои се смета дека треба да се избегнуваат.