Долготрајното изложување на аерозагадувањето предизвикува можно оштетување на кој било орган во телото бидејќи ПМ-честичките преку дишните органи навлегуваат во циркулацијата, а потоа и до сите органи. Ова резултира со развој на хронични заболувања, вклучително и развој на малигни болести, истакнува докторката Искра Лазаревска
Загадувањето на воздухот е глобален проблем и зема сѐ поголем замав. Зимите станаа синоним за смог, густа магла, енормна загаденост и неподнослива миризба. Загадувањето на воздухот во Македонија ги надминува сите безбедносни нивоа, а Скопје е во трка за најзагаден град во светот. Додека градските и централните власти ноншалантно се однесуваат кон проблемот кој одзема животи, со спец. педијатар-пулмолог, бронхоскопист Искра Лазаревска разговараме дали може барем минимално да се ублажи ударот од загадувањето и некако да се надомести секојдневното дишење смог.
Речиси 9 од 10 луѓе се погодени од аерозагадувањето
- Со постепеното заменување на топлите со сѐ поладни денови, актуелноста на аерозагадувањето стана сѐ поголема. Во основа аерозагадувањето означува присуство на мешавина од супстанции во воздухот кои можат да им предизвикаат штета на луѓето и на животната средина. Настануваат или како резултат на природни процеси во природата врз кои човекот нема влијание или како резултат на одредена активност на човекот, па со самото тоа може да се влијае врз нивната концентрација во воздухот. Во оваа група спаѓаат супстанции кои настануваат со согорување горива и гасови за загревање на домовите, издувните гасови од возилата, фабриките. Додека во урбаните средини како главен фактор за аерозагадувањето се издувните гасови од возилата, во руралните средини тоа се изворите за загревање на домовите. Единица мерка на загадување е концентрацијата на ПМ-честичките, од кои најголеми последици врз здравјето оставаат честичките со дијаметар од 2,5 микрони и се главна причина за повеќето здравствени проблеми од аерозагадувањето - вели Искра Лазаревска.
Д-р Искра Лазаревска
Изложеноста на аерозагадувањето ги засега сите
- Речиси 9 од 10 луѓе што живеат во урбана средина се погодени од аерозагадувањето.
Први органи кои се засегнати од контактите со ПМ-честичките се очите и органите за дишење. Во контакт со очите предизвикуваат нивна иритација придружена со чувство на печење, жарење. Кога доаѓаат во дишните органи, прават иритација на нивната слузница започнувајќи од носот преку грлото, па сѐ до најситните дишни патишта. Резултат од оваа иритација е нејзино оштетување. Вака оштетената слузница станува многу поосетлива и приемчива за нови инфекти. Краткотрајното изложување на аерозагадување вообичаено предизвикува кашлица, отежнато дишење, иритација на очите, носот, грлото, главоболка, замор, вртоглавица. Долготрајното изложување на аерозагадувањето предизвикува можно оштетување на кој било орган во телото бидејќи ПМ-честичките преку дишните органи навлегуваат во циркулацијата, а потоа и до сите органи. Ова резултира со развој на хронични заболувања, вклучително и развој на малигни болести - истакнува докторката Лазаревска.
Загаденоста предизвикува и поголемо отсуство од училиште
Аерозагадувањето ги погодува сите, но одредени групи се позасегнати.
- Станува збор за деца, особено под 5-6 годишна возраст, како и за повозрасни лица над 65 години, бремени жени, хронично болни. Во една опсежна студија која го анализира влијанието на аерозагадувањето врз здравјето на децата се потврдува дека повисоки концентрации на аерозагадување го зголемуваат бројот на акутните респираторни инфекции, што е причина за поголемо отсуство од училиште. Потврдена е и поврзаноста на хронични болести на дишните органи со аерозагадувањето - објаснува Лазаревска.
Што можеме да направиме за децата за да го намалиме штетното влијание од аерозагадувањето?
- Првенствено да се избегнува престој на отворено, особено во периодот кога аерозагадувањето е најголемо.
- Да не се отвораат прозорците во период на поголема аерозагаденост.
- Доколку излегувањето е неопходно, да се носат маски со докажана ефикасност.
- Да се избегнува физичка активност, односно да се намали напорната физичка активност како спорт и рекреација кога аерозагадувањето е најголемо, особено на отворено.
- Да се зајакнува имунолошкиот систем со консумирање храна која изобилува со овошје и зеленчук.
- Кога зборуваме за аерозагадувањето, треба да се има на ум и загадувањето во затворен простор. Во основа, механизмот на кој настанува оштетување од аерозагадувањето во затворен простор е идентичен како и оштетувањето од загадувањето од надворешната средина. Различни се само штетните агенси. Основна препорака за заштита е да се внимава на начинот на загревање, да не се пуши во затворен простор и се препорачува да се користи прочистувач на воздух без јонизатор, особено кога треба да се заштитат малите деца, како и оние со хронична болест - истакнува пулмологот Лазаревска.