Спорот за името меѓу Грција и Македонија носи првенствено идеолошки печат. Група антрополози од двете земји, меѓу кои и професорот Јоанис Манос, се борат против него. Нивно оружје се размената и науката.
Минатата недела, кога во македонскиот главен град Скопје се сретнаа премиерите на земјите од Западен Балкан, таму беше и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск. Во овие времиња, кога дипломатските односи со Русија се покажуваат првенствено од критичката страна, Брисел е сѐ позаинтересиран за земјите од поранешна Југославија. Во прашање е нивно привлекување кон Запад и стабилност на регионот во кој владее клима на политички конфликти на интереси. Овде сеќавањата на времињата на Студената војна се помешани со силната поврзаност на Балканот со Турција, второто големо кризно градилиште на ЕУ.
Туск го пофали домаќинот Македонија, која од изборот на социјалдемократот Зоран Заев за премиер прави напори за наоѓање решение во долготрајниот спор со соседна Грција. За Скопје многу нешта се во игра - можен пристап во ЕУ и членство во НАТО, од што на предности се надеваат и Македонија и Брисел. За Поранешната Југословенска Република, која стана независна во 1991 година, важен е економскиот развој. Брисел од своја страна, пак, сака да го привлече на своја страна поранешниот социјалистички регион, кој го мерка и Москва. Грција го блокира приемот на Македонија во западните институции сѐ додека северниот сосед опстојува на своето сегашно име.
Контра националниот интерес
Јоанис Манос е Грк, професор по антропологија од Солун, а потекнува од Лерин, мал град во северногрчката провинција Македонија, блиску до границата со Република Македонија. За Грците, ова име на соседот е навреда, присвојување на грчката култура и историја, што оди заедно со чести територијални претензии од страна на македонски националисти кон сегашната грчка државна територија.
Манос веќе 20 години соработува со Институтот за антропологија во Скопје, неформално, зашто голем дел од јавните канали меѓу двете земји се блокирани. Минатиот викенд, истовремено со Балканскиот самит и посетата на претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, таму по 16. пат се одржуваше конференција со студенти од целиот балкански регион и Грција. Целта на овие средби е преку меѓусебна размена да им се контрира на крутите, емоционално набиени национални дискурси. Додека Манос во скопските ресторани ја слуша традиционалната македонска музика, пее и самиот - на македонски. „Овие песни ги знам од детството, ги пеевме и ние во Лерин“, вели тој.
Додека спорот во медиумите се води првенствено на идеолошко рамниште, многуте културни сродности и заедничката историја по правило се игнорираат. Притоа, според Манос, токму тука се наоѓаат потенцијали за решение на конфликтот.
„Нашите искуства покажаа дека оние елементи што нѐ поврзуваат се многу побројни од оние што нѐ раздвојуваат. Ако го ставиме фокусот на сличностите, би можеле многу поедноставно да ги пребродиме проблемите кои во моментов стојат на патот кон наоѓање решение.“
Македонците посакуваат стабилност
Но, се чини дека така размислуваат само малкумина. Затоа, Манос смета за малку веројатно спорот за името да биде надминат уште оваа година. Премногу црвени шамии од двете страни спречуваат постигнување прифатлив компромис. Притоа, меѓу двете земји постои дебаланс. Анкетите покажуваат дека 63 проценти од Македонците посакуваат скоро решение. Напротив, 61 процент од Грците се стриктно против употреба на името „Македонија“ од страна на Поранешната Југословенска Република, како на пример еден 27-годишен фризер од Солун: „Тие немаат никакво право да се нарекуваат Македонија. Ниту Нова ниту Северна Македонија“, вели тој.
За еден 42-годишен такси-возач од Скопје конфликтот речиси не игра никаква улога. Таткото на три деца страда поради социјалните и економски проблеми на земјата. Тој не знае дали прием во ЕУ и прием во НАТО можат да ја подобрат критичната ситуација со вработување во неговата земја. Неговата доверба во политиката е мала. Порано работел како возач во Министерството за правда, за што добивал плата од 250 евра месечно. Но, без вистинската партиска книшка во џебот, човек може да заборави вработување во јавните служби. Од прием во ЕУ тој се надева барем на поголема транспарентност: „Сеедно ми е дали ќе мораме да го промениме името. Јас сакам иднина за моето семејство.“
Против парализирачките идеологии
Манос и неговите студенти, стигнувајќи во Скопје на викендот за да се сретнат со студенти по антрополгија од целиот регион, очекуваа првенствено помирлива клима. „Овде многу нешта потсетуваат на Грција, исто и луѓето“, вели една учесничка на конференцијата од Грција, која првпат е во посета кај северниот сосед. „Кога на еден човек на улица му рековме дека доаѓаме од Солун, се чини му беше непријатно што меѓу нас постои овој конфликт поради името.“
Љупчо Ристевски, професор по антропологија на Универзитетот во Скопје, не е изненаден од тоа. Пречките во приближувањето, не само меѓу Грците и Македонците, туку меѓу сите земји на Балканот, доаѓаат првенствено од политичка страна. Притоа, антропологијата им е трн в око на политичарите: „Нашата наука не случајно е маргинализирана во балканските општества. На македонската државна телевизија дури имаше укажување дека е подобро да не се студираат вакви предмети. Ние, антрополозите, го истражуваме настанувањето на идентитетите и често сме отворено критични кога владите овој развоен процес го користат во своја полза.“
Затоа, не зачудува што на важни антрополошки сознанија за културните заедништва во двете земји во спорот, кој трае, речиси не им се дава важност. А токму тие би можеле да доведат до придвижување во блокираната ситуација.