X
 02.10.2021 Издвојуваме

„Не се откажувам од семејната традиција, која трае речиси 100 години“, вели Благородна Кулева, единствената жена јажар во Македонија

Го сакам јажарството, се чувствувам убаво кога го работам и не сакам да ја оставам семејната традиција, која почнала во далечната 1927 година, а јас ја одржувам во последните 25 години“, вели велешанката Благородна Кулева-Ноне, која е единствената жена во Македонија што се занимава со јажарството

Ноне е технолог по професија, но откако дедо ѝ ѝ го оставил еден од најстарите занаети во историјата на цивилизацијата, таа решила да изработува јажиња и мрежи кои се барани и денеска во оваа дигитална доба.

- Овој благороден занает е во моето семејство повеќе од 100 години. Дедо ми Благој ми раскажуваше дека во негово време секое машко морало да оди да научи занает и тој почнал да го учи јажарството од своите вујковци. Со помош на неговиот занает ние како семејство егзистираме од 1965 година. Во 1977 година почина дедо ми Благој, а во дуќанот сè уште работеше еден мајстор кој го научи занаетот од него и оттаму во 1989 година си замина во заслужена пензија – раскажа Ноне за годините поминати со дедо ѝ, познат како голем мајстор на јажарскиот занает во Велешко.



Во раните 90-ти години дуќанот бил пред затворање затоа што татко ѝ на Благородна, Аце, не можел да му се посвети на занаетот оти веќе работел како технолог во велешката „Порцеланка“. Но, Општина Велес била загрижена дека ќе пропадне занаетот и го замолила семејството „некако да го одржува“.

- Моите родители веќе имаа своја работа, а сестра ми е помала од мене десет години. Изборот беше јас да продолжам да го негувам наследството на дедо ми Благој и така почнав да работам како јажар, а во тоа време имаше и многу повеќе работа – раскажува Ноне за своите почетоци.

Јажиња и оглави за животни, спортски мрежи, плетени лежалки... Сè може да најдете во дуќанот на Ноне, кој се наоѓа во стариот дел на градот, во непосредна близина на Градскиот пазар.
Таа изработува јажиња кои се бараат претежно за сточарството, оглави, ортоми и сè што е потребно за да се опреми едно животно. Но, плетените јажиња имаат друга помодерна примена и се бараат за спортски мрежи во фудбалот, кошарката, одбојката на плажа и во ракометот. Ноне изработува и мрежи-лежалки, разни лулашки, лустери од јаже во морнарски стил, подлоги.... И сето ова стоечки и само со еден алат – чекрекот.




- Јажињата се изработуваат стоечки, а основно средство за работа е чекрекот. Според стариот и оригинален занает, тројца луѓе се потребни да се изработи едно јаже. Еден ќе го држи чингелот долу, другиот оди, а третиот врти. И мене денес некој мора да ми помага додека ги изработувам подебелите јажиња. За едно подебело јаже ми се потребни неколку часа. Еден оглав за коњ може да се изработи за два до три часа, а за фудбалска мрежа ми се потребни седум дена, бидејќи претходно мора да се изработат јажиња за мрежата - ги откри Ноне тајните на занаетот.

Неодамна добила предизвик рачно да сплете мрежа од коноп за еден станбен објект, но морала да го откаже затоа што требало да создаде мрежа во должина од 24 метри и ширина од девет метри, а тоа без помош од луѓе кои знаат да работат на самото место е тешко да се изработи.



Благородна Кулева не е само единствена дама во машкиот занает, туку и единствена што има меѓународен сертификат за изработка на јажиња со кои се чистат пушките на полицијата и војската.

- Заедно со сопругот од 1994 година почнавме да изработуваме јажиња за чистење на оружјето во касарните. Се сеќавам дека старешините од велешката касарна го замолија татко ми да им помогнеме да се направат специјални јажиња за чистење пушки затоа што немале од каде да ги набават. Пред распадот на Југославија ЈНА добивала јажиња од фабрика од Ужице, но по осамостојувањето нашата армија останала без нив. Ни дадоа едно јаже и ни рекоа да им направиме алат за чистење – се присети таа.

Иако Ноне во последно време работи дома, дуќанот сè уште го посетуваат сопственици на добиток, сточари, земјоделци и сопственици на етнокуќи и ресторани кои бараат специфични изработки од јаже.
Некои од нив бараат завеси од јажиња, некои лустери од јаже, а некои и минијатурни балони за летање од јажиња. Сепак, на Ноне најголем впечаток ѝ оставил муштеријата роден во Истанбул кој живее во Велес и одгледува коњи.

- Ми донесе оглави за коњите и ме замоли да изработам исти. Ми кажа дека во Истанбул постела занаетчиска улица со многу дуќани со изработувачи на јажиња и ми рече дека морам да ја посетам иако и таму немало жена јажар. Едвај чекам да заврши пандемијата и со сопругот да ја посетиме улицата на турските јажари – додаде Ноне.



Порано од овој занает можело да се живее, но сега, со модернизирањето на земјоделството, каде што сè помалку се користат животни за работа, работа има колку да се одржи традицијата. Но, Ноне е среќна и покрај тоа.

- Иако занаетот не е профитабилен и има сè помалку работа, среќна сум што го работам токму семејното наследство. Додека сум жива, ќе ги изработувам јажињата. Моите ќерки го познаваат занаетот и иако работат други професии, се надевам дека некоја од нив ќе го преземе и ќе им го пренесе аманетот од дедо ми на помладите генерации - порача Ноне.


Фото: Орце Костов
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме