X
 03.03.2019 Здравје

Постои збор за траумата предизвикана од оддалеченоста од природата

Имате проблеми. Можеби повеќе отколку што мислите. Освен вообичаените секојдневни грижи како работата, парите, времето, врските - цивилизираниот живот може да ви предизвика и психолошка траума.

Исклучувањето од природата може да биде лошо за нашето ментално здравје. Не постоеше збор за оваа состојба до моментот кога австралискиот професор Глен Албрехт го измисли терминот „психотератика“, создавајќи го зборот за да дискутира за односот помеѓу менталното здравје и животната средина.

Оттогаш тој создал цел лексикон. Неговата книга, која наскоро треба да излезе, вклучува зборови како екоагностика, термин создаден за да се опише еколошкото незнаење или индиферентноста кон екологијата. Потоа, тука е соласталгија, психичката болка од климатските промени и недостигањето на домот што се трансформира пред вашите очи.

Џулија Плевин, авторка чија книга „Исцелувачката магија на шумите“ треба наскоро да излезе, целосно го сфаќа терминот. Како студент по дизајн во Њујорк, Плевин вели дека сите сиви згради и недостигот на зеленило ја прават депресивна и вознемирена. Таа се фокусираше на своите студии за „психотератика“ и почна да ја испитува врската помеѓу просторот, природата, здравјето и дизајнот.

Кога се врати во родното Сан Франциско за да работи во Силициумската долина, таа открила што ѝ помага за нејзината психолошка слабост. Било неверојатно едноставно: животот во близина на шума. Како што вели таа, потребно е редовно да ја посетуваме шумата, да поминуваме време надвор, особено меѓу дрвја. Шетањето во шума и зачувувањето на врската со природата се нејзиниот лек, а споделувањето на оваа терапија стана нејзина мисија.

Плевин е основач на шумскиот клуб во Сан Франциско. Кога ја почнала групата во 2016 година, не знаела дека луѓето ќе бидат толку заинтересирани. За неколку месеци се регистрирале повеќе од 500 члена. Прошетките и престојот во шума повторно доживеаја популарност.

Шетањето во шума како терапија започнало во Јапонија во 1982 година кога владата го претставила концептот на „ширнин јоку“ или „шумско капење“. Оваа терапија ги охрабри граѓаните да ги искористат шумите на оваа земја за да ја подобрат нивната благосостојба. Томохид Акијама, тогашниот шеф на министерството за шумарство, сфатил дека шумите го подобруваат здравјето на луѓето, додека оддалеченоста од природата ги прави несреќни и болни.

Набрзо јапонските истражувачи се обиделе да го определат ова, проучувајќи ги ефектите на дрвјата врз луѓето. Тие откриле дека освен што  шумата прави да се чувствуваме добро, таа и лекува бидејќи ги изложува луѓето на здрави етерични масла што ги ослободуваат дрвјата, наречени фитонциди.

Од 2004 до 2012 година јапонските службеници потрошиле околу 4 милиони долари за проучување на физиолошките и психолошките ефекти на „шумското капење“. Денес Јапонија има 62 назначени терапевтски шуми кои привлекуваат 5 милиони посетители годишно. Финска се рекламира како дестинација за „шумско капење“. Во САД, Велика Британија и во Канада постојат програми и водичи за шумска терапија, а постои и Глобален институт за шумска терапија.

Постојат многу начини како да го земете вашиот „природен“ лек. Дури и едноставното копање со прстите во почвата може да го подобри вашето расположение и да го зајакне вашиот имунолошки систем. И земјата, како и дрвјата, има својства што се добри за здравјето на луѓето. Почвата има микробиоми - колку повеќе сме во контакт со нив и колку повеќе дозволуваме да се инфилтрираат во нашите системи, толку се подобри нашите шанси за одржување на физичкото и менталното здравје.

Имаме физичка и психолошка потреба да бидеме во природа бидејќи новите истражувања откриваат дека сме сè поболни кога се исклучуваме од неа. За среќа, лекот за сите нас е нешто евтино и едноставно и нема никакви несакани ефекти.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје