Уште од 70-тите години на минатиот век многу луѓе во светот пријавуваат дека слушаат необично, длабоко и упорно брмчење со ниска фреквенција, чиј извор никој не успеал да го објасни. Овој феномен, познат како „хам“ (англ. Hum), со децении ги збунува научниците, но новото истражување посочува дека одговорот конечно би можел да биде пронајден.
Сè започнало на почетокот на 70-тите во британскиот град Бристол, каде што многу жители, главно во текот на ноќта, почнале да слушаат мистериозно зуење. Звукот бил толку упорен што граѓаните масовно испраќале писма до локалниот весник „Бристол ивнинг пост“, жалејќи се на необјаснивата бучава.
Многу брзо се појавиле различни теории за потеклото на звукот. Се споменувале индустриски погони, далноводи, летечки чинии, па дури и тајни државни проекти. Меѓутоа, неколку години подоцна се случило нешто неочекувано - истиот феномен почнал да се пријавува и на други места.
Најпрво слични пријави пристигнувале од британските градови Хајт, Плимут, Саутхемптон и Свонси, а потоа и од Лондон. Подоцна мистериозното брмчење се појавило и во САД, прво во Таос во Ново Мексико, а потоа и во Кокомо во сојузната држава Индијана.
Денес, „Ворлд хам дејтабејс проект“, база на податоци која од 2012 година собира пријави за овој феномен, содржи стотици случаи од различни делови на светот, при што најголем број се забележани во Европа и Северна Америка.
Многу теории, но ниту една не даде конечен одговор
Во текот на изминатите 50 години научниците понудиле повеќе можни објаснувања.
На конференцијата на Институтот за биологија уште во 1973 година одредени експерти сметале дека звукот настанува поради интеракција на млазните воздушни струи во атмосферата. Подоцна, во 2015 година, француски истражувачи изнеле претпоставка дека причината би можеле да бидат непрекинатите океански бранови кои создаваат многу ниски фреквенции.
Најновото истражување, објавено во научното списание „ПЛОС уан“, понуди поинаков пристап. Наместо да трагаат по надворешен извор на звукот, научниците од Германија и Норвешка одлучиле да ги испитаат лицата што тврдат дека го слушаат овој феномен.
Тимот предводен од Маркус Дрексел од Норвешкиот универзитет за наука и технологија вклучил 28 испитаници од Германија кои пријавиле дека редовно го слушаат мистериозното брмчење. Најпрво го тестирале нивниот слух за да утврдат дали имаат исклучително развиена способност да регистрираат многу ниски фреквенции.
Резултатите покажале дека само две лица навистина имале натпросечно чувствителен слух во тој опсег, што не било доволно за да се објасни феноменот.
Потоа истражувачите провериле дали испитаниците слушаат таканаречени отоакустични емисии, односно звуци кои внатрешното уво само ги произведува.
- Повеќето луѓе никогаш не ги слушаат овие звуци, но мал број лица навистина можат да ги регистрираат сигналите што ги произведува сопственото уво, а тие можат објективно да се измерат - објасни Дрексел.
Меѓутоа, ниту оваа претпоставка не била потврдена.
Бидејќи претходните теории не дале одговор, истражувачите сметаат дека најверојатното објаснување е дека повеќето луѓе што пријавуваат дека слушаат звук, всушност, патат од специфичен облик на нискофреквентен тинитус, кој настанува во самиот слушен систем.
Според зборовите на Дрексел, научниците многу подобро го разбираат начинот на кој човечкото уво ги обработува звуците со повисоки фреквенции отколку многу ниските тонови или инфразвукот.
Сепак, авторот на истражувањето нагласува дека не е можно целосно да се исклучи можноста во одредени случаи навистина да постои надворешен извор на мистериозното брмчење.
Без оглед на тоа, резултатите од истражувањето укажуваат дека тинитусот би можел да биде една од главните причини поради кои илјадници луѓе во светот повеќе од половина век пријавуваат дека слушаат необјаснив звук.
Извор:
Popular Mechanics
Фото: Magnific