X
 03.10.2018 Наша тема

Јаник Корнет, професор гостин на УИНТ „Св. Апостол Павле“: Велосипедот е здрав и ефикасен начин на транспорт, ама малку се користи

Обврска на академската кариера е да одговори на големите социјални предизвици на нашето време. Во многу градови просечното растојание може да се помине со велосипед, па дури и во ладните и ветровити градови се докажало дека велосипедот е достапен во 50% од случаите. И покрај тоа, повеќето градови немаат голема амбиција за овој здрав, енергетски ефикасен начин на транспорт. Зошто?


Проф. д-р Јаник Корнет од Словачка е истражувач од областа на интелигентните транспортни системи. Минатата недела беше гостин на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Работи во Истражувачкиот парк, кој е дел од Универзитетот во Жилина, Словачка.
Ги завршил докторските студии на Техничкиот универзитет во Данска, на катедрата за транспорт во 2016 година. Додека студирал бил истражувач и на Универзитетот во Оксфорд.

Транспортот е Ваша професионална преокупација. Кажете ни повеќе за Вашите почетоци во оваа сфера.


- Пред да се посветам на академската кариера, мојот најголем професионален успех беше работата за „Нокиа“ во Пекинг како софтвер-менаџер. Беше фасцинантно да се гледа темпото на развој, пред моите очи, но истовремено бев тажен поради тоа што Кинезите сѐ повеќе ги заменуваа велосипедите со автомобили. Во таа средина првпат ги забележав последиците од промената на квалитетот на воздухот кога има застој во сообраќајот. Кина едноставно потфрли во обидот да го надмине лошото искуство од Западот. Откако климатските промени станаа сериозен проблем, почувствував дека треба да ја пренасочам кариерата на главниот предизвик на овој век. Со други зборови, додека секојдневно патував на работното место за развој на софтвер, во пренатрупаниот и загаден Пекинг, сфатив дека транспортниот систем треба да се редизајнира, а ИКТ можат да одиграат важна улога во тоа.
Мојот прв истражувачки проект беа социо-технолошките можности, но и бариери за креирање мобилна апликација за заедничко патување во реално време во 2010 година. Речиси десет години подоцна, по доаѓањето на „Убер“, системот за позајмување автомобили и велосипеди и други транспортни средства, можам да кажам дека мојот инстинкт ми беше точен, иако сѐ уште сме во рана фаза на развојот на идејата.

Што се однесува до имплементирањето на мојата експертиза, би сакал да кажам дека генерално чувствувам дека повеќе ја надградувам својата експертиза отколку што ја применувам. Ова е нужно, не само по дефиниција, бидејќи сум истражувач, но и затоа што никогаш не можеме да бидеме 100% сигурни дека знаеме сè за некоја проблематика. Треба секогаш да бидеме критични, со отворен ум, особено во разбирање и создавање на научните парадигми. Ова е најважниот дел од мојот одговор. Би било себично да се стекне знаење без да се предаде наученото. Обврската на академската кариера е да одговори на големите социјални предизвици на нашето време.

Професорите Јаник Корнет и Александар Карадимче

На пример, во многу градови просечното растојание може да се помине со велосипед, па дури и ладните и ветровите градови докажале дека велосипедот е достапен во 50% од случаите. И покрај тоа, повеќето градови немаат голема амбиција за овој здрав, енергетски ефикасен начин на транспорт. Зошто? Новиот тренд на електрични, поврзани и автономни возила (CAV) ги привлекува индустријата и инженерите ентузијастички да работат на справување со зголеменото влијание на транспортот кон климатските промени, но ако суштински не се реши проблемот, сообраќајот ќе се влоши наместо да се решава. Каква ќе биде иднината? Како да се искористат придобивките од новите технологии и како работите да не станат полоши? Транспортот е полн со нерешени прашања, а некои од нив зависат од визијата за иднината што ја имаме на ум. Ќе има ли секој електронски велосипед или секој ќе има седиште во поврзани и автономни возила или нешто помеѓу? И бидејќи зборуваме за иднината, како нашите деца би сакале да изгледа транспортот во иднина?

Работите во EraChair. Кој е истражувачкиот потенцијал на EraChair кон Универзитетскиот научен парк и општо за Универзитетот во Жилина?

- ERA ја претставува Европската истражувачка област. Таа е резултат на посебна програма „Хоризонт 2020“, наменета за поддршка на истражувачкиот потенцијал, во земјите, кои пред сè, имаат помало истражувачко влијание и помали можности за обезбедување сигурни истражувачки фондови. Македонија е една од нив, како и Словачка, како и повеќе земји од стариот источен блок, од Естонија до Романија. Средствата се значителни, а самата програма издвојува 2,5 милиона евра за пет години. На почетокот средствата се користат за привлекување искусни истражувачи сениори, кои работат на универзитетот како координатори во формирањето на истражувачки тимови, кои ќе користат нови најсовремени технологии и пристапи. Значајно е да се напомене дека ERA Chair програмата за координација и финансирање сама по себе директно не ја финансира истражувачката работа. Наместо тоа, програмата финансира сè друго што може да го направи привлечно за специјализиран тим од истражувачи да истражува на одредена тема со цел универзитетот-домаќин да го подобри интернационалниот кредибилитет.

Јаник Корнет

Клучна задача е да се дефинира истражувачкиот проект и да се аплицира за нови истражувачки фондови, а другите активности се, пред сѐ, фокусирани на дисиминација, на пример, организирање конференции за нови современи истражувачки области, организирање серија предавања и докторски курсеви, учество во интернационални форуми и генерално, поттикнување соработка во и надвор од универзитетот. Една од клучните цели на програмата е поддршка и модернизација на универзитетските процеси и култура имајќи ги на ум приоритетите на ЕУ, како што е поедноставен пристап и обработка на отворени бази на податоци, поедноставени административни процедури, ребалансирање на родовата застапеност и примена на нови менаџерски практики, фокусирани на креативност и зајакнување. Овие промени можат да се соочат со опструкции, но и покрај тоа што промената може да биде бавна, самата програма дозволува да се засадат семињата на промената и да креираат циклус на подобрени ефикасни, интернационално препознаени резултати.

Тековниот тим беше успешен во обезбедување финансии за голем број проекти. Некои од проектите преминаа и се реализираа на специфични факултети, други беа спроведени од тимот на ERA Chair. Како што беше случајот со проектот MoTiV, кој има цел да собере уникатна база на податоци за перцепцијата при патувањата преку мобилна апликација, вклучувајќи субјективно искуство на патниците кои патуваат на различни начини. Проектот акцентира една нова вредност на времето, откривајќи ги факторите што го прават времето на патување продуктивно, релаксирачко, забавно или пријатно, а не потрошено.

Проектот MoTiV е причина за Вашето гостување на УИНТ во Охрид. Објаснете ни повеќе за овој проект.

- Можам да истакнам дека најрелевантна беше средбата со д-р Александар Карадимче и неколку помлади истражувачи кои би можеле да се вклучат во реализацијата на овој проект. Двата главни предизвици со кои моментално се соочуваме се однесуваат на решавање на енергетската ефикасност при детектирање на начинот на патување и примена на напредни аналитички методи за анализа на податоците што ќе ги собереме. Идејата е и Македонија да се вклучи во кампањата за собирање податоци, која ќе придонесе за собирање значајни податоци за транспортот во земјата, како и потенцијал за академски придонес.

Какви се Вашите импресии од Македонија?

- Истражувач сум и не би можел да не ѝ се восхитувам на убавината на Охридското Езеро и околината. Ме интересираат парадокси и научни конфронтирања. Тешко е да се генерализира впечатокот за една земја од само неколку дена, но и тие малку денови оставија силен впечаток. Можеби најинтересниот аспект што го уочив е сличноста со Словачка. Верувам дека постои потенцијал за соработка помеѓу двете земји, пред сѐ, поради сличноста на јазиците, но и затоа што и двете земји се соочуваат со истите предизвици на посткомунистичката транзиција.

Така, на пример, платите на истражувачите во Македонија се слични со оние од Словачка и достигнуваат 1.000 евра месечно, што, на пример, споредено со Данска е четири или пет пати помалку. Разликата е голема. Тоа води и кон другиот проблем, одливот на мозоци, што од друга страна може да е поттик и за Македонија и за Словачка да ги финансираат своите истражувачи соодветно. Едно е сигурно - одличните истражувачи што ги запознав во Македонија заслужуваат препознавање и поддршка за важноста на работата во земјата што ја претставуваат.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема