Часовите што ги сработувате порано во животот може да бидат поврзани со полошо здравје во годините подоцна, според студијата објавена во списанието од отворен карактер „Плос уан“, од страна на Вен-Џуи Хан од Универзитетот „Њујорк“, САД.
Студиите постојано покажуваат дека нестандардните работни распореди, односно работата која се врши надвор од традиционалниот работен ден од 9 до 17, или од 8 до 16 часот - може негативно да влијае врз физичкото и менталното здравје, како и врз социјалниот и семејниот живот.
Хан користел податоци од национални лонгитудинални истражувања за млади, база на податоци за повеќе од 7.000 луѓе во САД над 30 години, за да види дали моделите на работа во помладата зрелост се поврзани со спиењето, физичкото здравје и менталното здравје подоцна, на 50 години.
Хан открил дека околу една четвртина од учесниците (26%) работеле стабилно стандардно работно време, а уште една третина (35%) работеле главно стандардни работни часови. Околу 17% првично работеле стандардни часови во нивните 20-ти, подоцна преминувајќи во менливи работни обрасци - комбинација од вечерни, ноќни и променливи работни часови; 12% првично работеле стандардни часови, а потоа се префрлиле на променливи работни часови. Последните 10% главно не работеле во тој период од животот.
Во споредба со поединците што главно работеле стандардни работни часови, оние чии кариери имале понестабилни работни распореди спиеле помалку, имале понизок квалитет на сонот и имале поголема веројатност да пријават симптоми на депресија на 50-годишна возраст. Највпечатливите резултати се забележани кај оние што имале стабилно работно време во нивните 20-ти, а потоа преминале кон понестабилни работни часови во нивните 30-ти.
Хан, исто така, открил и расни и родови трендови. На пример, Афроамериканците имаат поголема веројатност да имаат нестабилни работни распореди поврзани со полошо здравје.
Хан сугерирал дека нестабилните работни распореди се поврзани со лош сон, физички замор и емоционална исцрпеност. Студијата, исто така, посочува дека позитивните и негативните влијанија на работните распореди врз здравјето може да се акумулираат во текот на животот, истовремено нагласувајќи дека моделите на работа можат да придонесат за здравствени нееднаквости.
- Работата што треба да донесе ресурси за да ни помогне да одржиме пристоен живот сега го нарушува здравиот живот поради зголемената несигурност во нашите работни аранжмани во ова сè понееднакво општество. Луѓето со ранливи социјални позиции (на пр., жени, црнци, личности со ниско образование), непропорционално ги поднесуваат овие здравствени последици - заклучил Хан.
Извор: Medicalxpress.com
Фото: Freepik