До пред пет-шест години никој Хрват не би помислил дека во ресторан во Прелог некогаш ќе го служат Украинци, дека во фабриките ќе работат Пакистанци и Сиријци или Непалци. Но, поради тоа што Хрватите се селат од нивната татковина, во земјата сè почесто се доселуваат странци од посиромашни земји.
Во Вараждинската жупанија сега работат работници од повеќе од 6.100 километри оддалечениот Непал.
- Вработивме 17 Непалци, а чекаме уште тројца. Сите зборуваат англиски, а веќе знаат и доста хрватски бидејќи многу брзо учат. Неколкумина веќе имаа искуство, а останатите научија - велат од компанијата „Марлекс“, каде што работат и жители на Босна и Херцеговина.
Непалците патувале 22 часа до Хрватска, а постапката за вадење работна дозвола траела околу еден месец. На келнерите и готвачите од Украина им било потребно пократко време за да стасаат до хотелот „Панорама“ во Прелог, а лани работници од Украина вработила и компанијата „Метал продукт“ од Брезнички Хум. На северот од Хрватска, во Вараждинската и Меѓимурската жупанија, моментално работат повеќе стотици странци, главно во преработувачката индустрија. Се бараат шивачи, металци, возачи, електричари...
Се зборува и за увезување Индијци и Филипинци, кои, пак, се на понудата на агенциите за посредување. Работодавците со нетрпение очекуваат да се донесе новиот закон за странци, кој би им го олеснил влезот на странците, не само за работниците, туку и за студентите, а моментално се само делумно задоволни. Потребни им се повеќе работници отколку што се увозните квоти, кои неодамна беа и малку зголемени, а се жалат и на долготрајната процедура.
- Веќе пет години вработуваме Унгарци, дневни мигранти кои со автобуси ги носиме на работа од пограничните места. Многу сме задоволни од нив, тие се одлични работници, а со оглед на тоа дека се од ЕУ, не спаѓаат во ниедна квота. Поедноставната и поевтина процедура за увоз на работници дефинитивно е приоритет. Поради процедурите, лани загубивме работници, а не ни се доволно 60-ина Украинци - вели Маријан Батина, член на управата на компанијата „Боксмарк“.
Тој вели дека тие со најголемо задоволство вработуваат Хрвати, но немаат избор.
- По препорака на странците што работеа кај нас, ќе доведеме и десетина Пакистанци на проба, а планираме и увоз на работници од Филипините - додава Батина.
Во неговата компанија се вработени и неколкумина Сиријци, но долгорочно недостигот од домашни работници нема да може да се надомести со странци, смета тој.
- Конечното решение ќе биде роботизација - вели Батина.
Сепак, со оглед на тоа дека до неодамна странските работници беа ретка глетка, мештаните на една населба на северот на Хрватска направија хаос мислејќи дека станува збор за илегални мигранти, повикале полиција. Но, на крајот се покажало дека станува збор за легално вработени
странци.