Сите се плашиме од казните за брзо возење затоа што знаат да бидат прилично високи. И не само тоа, во некои земји освен парична казна за брзо возење, се одзема и возачката дозвола на неодреден период.
Неодамна пишувавме за
76-годишниот Финец Андрес Виклоф кој возел со брзина од 82 километри на час во зона од 50 километри на час и бил казнет со 121.000 евра.
Во Нов Јужен Велс истиот прекршок е 970 долари и 5 поени минус, а оние што ќе изберат да одат на суд, може да бидат казнети со 1.300 евра и да им биде одземена возачката дозвола на три месеци.
Во Финска, како и во поголемиот дел од Скандинавија, казните за различни прекршоци се наметнуваат според расположливиот приход на сторителот. Накратко, колку е поголем приходот, толку е поголема казната.
Во случајот на Виклоф, извршен директор на компанија со годишен обрт од 350 милиони евра, огромна сума на пари оди во државната каса.
Финскиот систем наметнува казни за низа прекршоци, а постои и „дневна казна“. Казните се пресметуваат врз основа на дневниот расположлив приход на сторителот, а потоа се множат со неколку дена во зависност од тежината на прекршокот.
Во случајот на Виклоф, неговиот огромен приход во комбинација со прекршок за кој се смета дека вреди 14 „дневни казни“ резултира со казна од огромни 121.000 евра.
И покрај тоа што и претходно бил казнет, Виклоф остана прагматичен велејќи:
- Слушнав дека Владата сака да заштеди 1,5 милијарда евра за здравството во Финска, па се надевам дека моите пари ќе ја пополнат празнината таму.
Сега, ако мислите дека казна од над 120.000 евра за возење 32 километри на час над границата е сурова, тогаш размислете за еден шведски возач кој во 2010 година беше казнет затоа што возел над 290 километри на час во Швајцарија.
Сосема очекувано, швајцарските власти наложија парична казна пропорционална на тежината на прекршокот и приходите на возачот. Иако малку се знае за неидентификуваниот Швеѓанец, може да се каже дека е прилично богат со оглед на тоа што неговата казна изнесувала над 1 милион евра.
Швајцарија се наоѓа на листата со земји со топ-10 највисоки казни за брзо возење, држејќи ги првите три места. Втората највисока казна некогаш изречена е 302.039 евра, која ја платил возачот на „Ферари Тестароса“, иако не се знае со која брзина возел. Третата највисока казна била издадена во 2018 година, на возач во Швајцарија, иако брзината била релативно мала, казната од 290.000 евра сигурно не била.
Првите десет ги заокружуваат возач од Белгија со 72 километри на час, кој доби казна од 205.000 евра, возач од Финска добил казна од 196.000 евра за возење 80 километри на час, 128.000 евра за возење 51 километар на час и 117.000 евра казна за непознат сторител.
Топ-10 казни ги заокружува Швајцарија, овој пат со казна од 109.000 евра за возач на „порше“, и Финска, со казна од 100.000 евра за возач кој возел 77 километри на час.
Фото: Freepik