X
 07.06.2020 Наша тема

Јубилеј - македонскиот правопис денеска слави 75 години

„Јазикот е наша татковина“. Оваа реченица на Блаже Конески никогаш не треба да стане клише

„Јазикот е наша татковина“. Оваа реченица на Блаже Конески никогаш не треба да стане клише. Основоположникот и кодификатор на современиот македонски јазик ни остави трајна порака да го зачуваме, негуваме и унапредување македонскиот јазик зашто е еден од најважните столбови на нашиот идентитет.

Денеска се одбележуваат јубилејни 75 години од усвојувањето на македонскиот правопис. Тоа не е почеток, туку конечен печат, дефиниција на хартија на јазикот на кој Македонците говореле со векови. Конечно, со завршувањето на Втората светска војна и прогласувањето на Федерална Македонија како држава, на првото заседание на АСНОМ (2 август 1944 година) се донесува решение за воведување на македонскиот како службен јазик. Нецела година подоцна, на 7 јуни 1945, се усвојува македонскиот правопис, на што му претходи утврдувањето на азбуката. Со тоа, по многу векови, се кодифицира македонскиот литературен јазик.

Македонската азбука на Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце

Првиот правопис го составиле Блаже Конески и Крум Тошев во 1950 година, а подоцнежните верзии ги подготвувале реномираните лингвисти - Божидар Видоески, Тодор Димитровски, Кирил Конески, Крум Тошев и Радмила Угринова-Скаловска.

- Првото поголемо осовременување на македонскиот правопис е направено со Правописот од 1969 година, по кој следувал подновениот од 1998 година, составен од истите автори без Тошев, кој починал во 1976 година – пишува на интернет-страницата на правописот, која ја издава НУБ „Св. Климент Охридски“.

Според нивните податоци, последните изданија на Правописот на македонскиот литературен јазик биле објавени во декември 2015 година и март 2017 година, со што се осовременила неговата последна верзија направена речиси две децении претходно. Во издавањето на последното издание учествувале и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа „Култура“.



Името на Блаже Конески е неодвоив дел од современиот македонски јазик. Роден е на 19 декември 1921 година во прилепското село Небрегово, каде што го почнал основното образование, но го завршил во Прилеп. Таму завршил и нижа гимназија. Бидејќи бил најдобар ученик во училиштето, добил стипендија да учи виша гимназија во Крагуевац. Се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, но по еден семестар почнал да следи студии по филологија. По капитулацијата на Кралството Југославија продолжил да студира на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

- Со оглед на тешката положба во која се наоѓале Македонците во Кралството Југославија и во Царството Бугарија, Конески на Универзитетот во Белград се запишува како Благој Коневиќ, а на Универзитетот во Софија како Благој Конев - пишува на македонското издание на „Википедија“.

Конески по ослободувањето активно се вклучил во стандардизирањето на македонскиот јазик и ја изработува Граматиката на современиот македонски јазик. Го составил и Правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник и на „Речникот на македонскиот јазик“. Основач е на студиите по македонистика на скопскиот универзитет. А во периодот од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот.
Во 1967 станува член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и е нејзин прв претседател (до 1975). Исто така, бил член на Македонскиот ПЕН-центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година и негов прв претседател. Работел и како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема