X
 08.02.2020 Живот

Финците откриваат зошто се најсреќни на светот

Во 2019 година Финска беше рангирана како најсреќна нација во светот втора година по ред.

Годишниот Извештај за светска среќа ѝ го даде првото место на оваа нордиска земја откако ги анализира факторите како БДП по глава на жител, социјална поддршка, животен век, социјална слобода, дарежливост и отсуство на корупција.

Извештајот ги анкетира и граѓаните од 156 нации да ја проценат нивната среќа преку процена на сопствените животи.

Со оглед на тоа што Финска е многу темна и студена во текот на поголемиот дел од годината, на хартија е изненадувачки што нејзините луѓе се толку среќни.

За да открие зошто Финците се толку среќни, новинарката Рејчл Хоси од „Бизнис инсајдер“ одлучи да отпатува во Хелсинки, а потоа и во Лапонија и да ги анкетира жителите.

1. Државата обезбедува многу, но и понатаму ја имате целосната слобода - Хајди


- Не ги гледате луѓето на улица да се смеат хистерично. Среќата има повеќе врска со задоволството и наоѓањето мир во нештата и среќата во вашиот живот.

Општеството дава големи придобивки и овозможува многу, но сепак имате целосна слобода да одлучите што сакате. Земјата има одличен социјален систем за сите фази од вашиот живот, но немам чувство дека државата се меша во мојот живот.

Ми овозможува да водам живот каков што сакам. Го обожавам балансот помеѓу работата и животот и тоа што сум блиску до природата. Финците не се луѓе познати по тоа што ги искажуваат своите емоции.

finska
Фото: Pixabay

2. Среќата не се гледа однадвор - Хона

Хона го повтори она што го кажа Хајди - финската среќа е кога човек ќе најде задоволство и мир во себе.

Но, таа додава дека и не знае зошто Финците секогаш се на врвот на листата со најсреќни народи во светот и не е сигурна дали таа е среќна.

3. Едноставно, луѓето не сакаат да се жалат - Сина


Сина за „Инсајдер“ изјави дека е среќна, но не знае зошто. Таа посочи дека можеби луѓето само велат дека се среќни кога ги прашале затоа што не сакаат да се жалат.

4. Финците никогаш не лажат - Безад

Пакистанскиот имигрант Безад отишол во Лапонија во 2013 година за да студира, пред да се пресели во Хелсинки. За „Инсајдер“ изјави дека навистина верува дека Финците се среќни, но се претежно резервирани луѓе по природа и не разговараат многу со странци.

Сега тој е фински граѓанин и е среќен таму.

- Луѓето претежно се точни и ефикасни - додава Безад.

5. Имам добро семејство и добри книги за читање - Силке

Силке вели дека станува збор за едноставните задоволства што ја прават среќна.

- Среќна сум затоа што имам добар сопруг, добри деца, добри внуци и добри книги за читање. Имам добар живот - вели таа.

6. Многу работи се поврзани со алкохолот - Јухо


Во Финска алкохолот не се продава во супермаркети, туку во специјализирани продавници.

Милениумецот Јухо верува дека Финците се среќни бидејќи сакаат добар алкохолен пијалак и го пијат за да стигнат до среќата.

7. Немаме големи разлики во приходот - Кимо


- Секако, имаме демократија. Имаме добро здравство. Немаме толку големи разлики во приходот. Добро е и социјалното осигурување. Образовниот систем е еден од најдобрите во светот. Сите одат на училиште и имаат еднакви шанси да се образоваат - вели Кимо.

8. Имаме еднакви можности уште од раѓање - Грита


Грита го повтори истото за образовниот систем на Финска, каде што универзитетите се бесплатни, така што сите имаат еднакви можности.

- Сите имаме еднакви можности уште од раѓање. Сите можеме да имаме добро образование. Постојат мал број приватни училишта - изјави Грита.

9. Постои добар социјален систем - Франсис

Кенискиот имигрант Френсис за „Инсајдер“ изјави дека не е сигурен дали Финците се навистина среќни. Сепак, тој верува дека социјалниот систем во Финска е добар, а квалитетот на животот е висок, но тоа не мери како се чувствуваат луѓето.

10. Сите имаме бесплатна здравствена заштита - Марја


Марја верува дека финската среќа се сведува на фактот дека сите имаат еднаков пристап до здравствената заштита затоа што е бесплатна.

- Откако поминав една недела во Финска, ми стана јасно што мислат сите овие луѓе. Финците однадвор не се весели луѓе што шетаат со огромна насмевка на лицето, туку се чини дека навистина имаат вистинско чувство за задоволство и мир во нивните животи. Тие се среќни, но не го покажуваат тоа јавно. Мислам дека не постои една посебна причина зошто Финците се чувствуваат така, туку комбинација на сето она што резултира во здрав балансиран живот - пишува Рејчл Хоси, новинарка од „Бизнис инсајдер“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот