Трошки. Толку старо ракописно книжевно наследство останало денес во Македонија, иако најголем дел од нив биле создавани токму на ова поднебје, пред многу векови. Ракописното книжевно наследство на Македонија веројатно е најболната точка од севкупното културно наследство на овие простори. Од средината на 19 век почнал погромот на ракописните книги во Македонија и траел во наредните 100 години. За еден век од територијата на денешна Република Македонија биле однесени речиси сите важни книги што од 10 век натаму биле пишувани во книжевните центри кои ја продолжиле традицијата на светите Климент и Наум Охридски.
Академик Ѓорги Поп-Атанасов
Ако некој во Македонија ги познава старите ракописи и нивната судбина, тоа е академик Ѓорги Поп-Атанасов, теолог, изучувач на старословенската книжевност и на старите ракописи. Тој е постојан член на Одделението за лингвистика и литературна наука при Македонската академија за науките и уметностите, а тесна специјалност му се македонска црковна книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија, хагиографија. Академик Поп-Атанасов годинава одбележува важен јубилеј. Точно пред половина век дипломирал на Богословскиот факултет во Софија.
- Јас сум од Пиринска Македонија и се занимавам со проучување на старословенските ракописи. Бидејќи, оној што е богослов повеќе ги распознава ракописите, дали е евангелие или библиски или литургиски текст. На тие што не завршиле богословски факултет малку потешко им оди тоа. Годинава одбележувам 50 години откако сум завршил факултет во 1967 година – вели Поп-Атанасов.
Збирките се чуваат во странство
Подвижна енциклопедија е академик Поп-Атанасов. Илјадници приказни се собрале во неговата глава, најголем дел од нив мачни, тегобни, какво што најчесто било и минатото на ова поднебје. Таква е и приказната за ракописните збирки, за македонските ракописи кои денес најмногу се чуваат во странство.
- Тука, во Mакедонија, се останати трошки. Не се сосема безначајни, но се фрагменти. Три-четири листа има на Филолошкиот факултет во Скопје, фрагмент од октоих (литургиска книга) пронајден во Охрид, кај еден свештеник. Блаже Конески го објавил во 1950 година. Ракописот е од 13 век, бил пишуван на пергамент. Тоа е единствен ракопис во кој останало едно ретче на глаголица. Оти било препишувано од глаголица. Тој што препишувал заборавил дека треба да го транскрибира на кирилско писмо и го напишал на глаголица. Тоа е единствен ракопис кај нас што има едно ретче на глаголица. Тоа е можеби и најстариот ракопис, сочуван во фрагмент – раскажува Поп-Атанасов.
Аргировиот триод, 13 век, најголем дел денес се чува во Софиската народна библиотека
Меѓу „трошките“ останати кај нас има еден лист од триод кој се чува во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
- Го донесе еден богослов од Прилепско, Стеван Илиоски од Тројкрсти, го нашол во црквата во селото Стровија, близу до манастирот Зрзе. Во Архивот на Македонија има еден лист од Аргировиот триод. Целиот триод се чува во Софиската народна библиотека, а тука останал само еден лист, и тој е од 13 век. Триодот е од македонска редакција, што значи - настанал во книжевен центар на Охридската книжевна школа. Во Софија има 58 листа, и таму не е целосно сочуван. Но, еден лист останал тука и еден Бугарин, Андреј Бојаџиев, го споредил и видел дека еден лист од Аргировиот триод се чува и во Архивот на Македонија – вели Поп-Атанасов.
До 13 век се пишувало на пергамент
На Филолошкиот факултет се чуваат и 22 листа од Премкчански требник од 13 век. Тома Смиљаниќ-Брадина го пронашол во црквата „Св. Атанасиј“ во кичевското село Премка. Според Поп-Атанасов, од ова време во Македонија нема целосен ракопис. Од 14 век има Кратовско евангелие.
- Си рекле во Кратово дека не им треба и го фрлиле в ѓубре. Некој учител видел дека е стара книга, важна, ја зел и ја однел во Белград. Владимир Мошин, македонски филолог, универзитетски професор и член на МАНУ разбрал дека е таму, дека тој приватно ја чува книгата, алармирал да се откупи и денес е во НУБ. Има едно Вруточко евангелие, сопственик е некое лице од селото Вруток што денес живее во Скопје. Ја депонирал во НУБ, но е босански ракопис. Потекнува од 13 век, можеби до почетокот на 14 век. Сè друго е нешто поново и пред сè хартиени ракописи – објаснува Поп-Атанасов.
Зографско евангелие, 10 век, пишувани на глаголица
Листовите од 13 век се пишувани на пергамент. Во 13 век сè уште пишувале на овој материјал, на хартија може да има само некои грамоти. Бидејќи хартијата била скапа, се увезувала од Италија.
- Може има некој големец, деспот, што купил хартија, па ја употребил. До средината на 14 век преовладува пергаментот, а потоа почнува да се шири хартијата, која преовладува во втора половина на 14 век. Веќе во 15 век речиси и да нема пергамент, сите пишуваат на хартија. Некаде, кога требало да се напише евангелие да биде престолно, специфично, можело да се употреби пергамент. Инаку, сите други ракописи се хартиени. Пергаментот е секако потраен материјал, хартијата полесно се кине, се оштетува од влага. Пергаментот е потраен бидејќи е кожа. Во наредните векови пергаментот сосема се напушта, сè било пишувано на хартија – појаснува Поп-Атанасов.
Значењето на Охридската книжевна школа
Зошто македонските ракописи се толку важни и каква улога одиграле во првите векови од вториот милениум? По смртта на св. Методиј во Велика Моравија биле забранети словенската писменост и богослужение, кои папата Стефан Петти ги забранил со декрет.
- Оние што биле следбеници на светите Кирил и Методиј се протерани од Велика Моравија. Сè што имало, ракописи, богослужение на словенски јазик, е забрането, изгорено и уништено. Сочувани се два Прашки листа и седум Киевски листа. Само тоа останало, сè друго е уништено. Климент, Наум и Ангелариј доаѓаат во бугарската престолнина Плиска, но тука наишле на отпор затоа што Бугарската црква била раководена од византијци. Се богослужело на визнатиско-грчки јазик, писмото било византиско-грчко, сè било византиско-грчко, немало ништо словенско. Кога дошле тројцата ученици на Кирил и Методиј, прогонети од Велика Моравија, тие се нашле пак во една непријателска средина. Бугарскиот кнез Борис Први ги повикал неколку пати на сослушување во дворецот, ги прашал кои се тие да доаѓаат и да го расипат мирот. Едноставно ги депортирал во една новоприпоена област кон Бугарското Царство, во западниот дел на Македонија. Но, таа област црковно не била ниту под Ватикан ниту под Константинопол. Тука Климент и Наум нашле добри услови, плодно место за работа. Фактички, Охрид, црквата на св. Климент, Охридската книжевна школа која дејствувала во рамките на таа Светиклиментова црква ја одиграле улогата на спасители на словенското писмо и богослужение. Тие ја зачувале глаголицата, подоцна се прифаќа и кирилицата, но ова е автентично словенско писмо. Тие го зачувале и ја продолжиле традицијата на светите Кирил и Методиј. Оделе според богослужбените книги, кои не биле според константинополската традиција, туку според солунската традиција – раскажува Поп-Атанасов.
Охридската архиепископија е столб на православна Русија
Во тоа време, Преславската архиепископија била грцизирана. Црквата на св. Климент во Западна Македонија била словенска црква, со словенско писмо и богослужение. Оттука, вели Поп-Атанасов, словенското писмо, писменост и богослужение почнале да се шират кон Босна, Хрватска, Бугарија, па дури и накај Русија во времето на царот Самуил, кога Русите се покрстени во (988 година).
Новгородски листови, 10-11 век
- Од Охрид се испратени епископи, свештеници, ѓакони и е формирана Руската православна црква, чиј прв поглавар бил епископ од Охридската патријаршија во тоа време. Дури им испратиле и градители, оти во Русија не знаеле како се градат цркви, па првата - Десетинската црква во Киев ја граделе македонски мајстори-градители. Испратиле книжевници да им кажат како се пишуваат книги. Требало да се напишат, да се соберат, да се направи подврзје, па кодекс. Сето тоа го правеле наши книжевници. Една Русинка дури вели дека првите ракописи ги пишувале македонски книжевници. Русите гледале како тоа се работи, па учеле од нив. Еден Русин дури вели дека Охридската архиепископија е столб на православна Русија – раскажува Поп-Атанасов.
Однесени од Македонија во 19 век
Глаголицата се употребувала во Македонија до 12 век. Меѓутоа, глаголицата е поврзана со Охридската книжевна школа, додека во Преславската книжевна школа се пишувало на грчки јазик, со грчко писмо, па постепено го приспособиле грчкото писмо кон словенскиот јазик. Така настанала кирилицата, која од Преславската школа, од Источна Бугарија, почнала да се шири кон Македонија.
Манастирот Зограф, Света Гора
- Од десетте најстари сочувани кирилични ракописи, осум се македонски, настанати на теренот на Македонија. Овие ракописи се однесени од Македонија. Постојат Зографски листови, два, кирилични и тие се во манастирот Зограф, на Света Гора. Зографското евангелие пак е составено од 303 листа и е пишувано со глаголица. Тука се Хиландарски листови од 10 век, кои Виктор Григорович ги пронашол на Хиландар. Потоа има Савина книга, која уште во старо време е однесена во Русија. Новгородски листови, за кои Мошин докажа дека се испратени во времето на царот Самуил како урнек, врз основа на него да пишуваат нови ракописи. Најстариот руски датира од 1056/7 година и е напишан врз основа на ова Самуилово евангелие чиј остаток се два листа, т.н. Новгородски, и тоа од оној првобитниот кодекс кој е пишуван најстар датиран руски ракопис - Остромировото евангелие, кој истовремено е најстар датиран словенски ракопис. Сиве овие стари наши македонски ракописи уште во текот на 19 век се однесени од Македонија – вели Поп-Атанасов.