X
 15.05.2018 Наша тема

НАЈГОЛЕМИТЕ КУЛТУРНИ БОГАТСТВА НА МАКЕДОНИЈА: Праисториската топчеста флејта од Мрамор - кога предците произведувале звуци и од земја

Таа 1989 година, додека секој миг се коваа нови планови за големата федерација, група археолози од велешкиот Музеј ги почнаа планираните истражувања на неолитскиот локалитет Мрамор, кај селото Чашка. Тимот го предводеше Трајанка Јовчевска. На површината на земјата пронајдоа едно керамичко топче со три дупчиња. Топчето кое одамна, пред седум илјади лета, одамна, човекот со вулкан во градите го испушти од дланката, на залезот на денот, на залезот на неговиот живот


Нешто чудно се случи со него тој ден, одамна, многу одамна, пред седум илјади лета, одамна, додека ја ораше земјата која денес се нарекува Велешко. И тогаш беше во центарот на Балканот... само што ја викаа поинаку. Во раната зора клекна во ораницата и зеде една голема грутка фина земја која уште беше влажна од росата. На оваа грутка сакаше да ѝ даде нешто посебно, нешто што како вулкан избиваше од неговите гради. Сакаше да ѝ даде душа, да ѝ даде звук...


Тимот археолози предводен од Трајанка Јовчевска (последна десно)

Седум илјади години подоцна, голема бура се подготвуваше на Балканот. Таа 1989 година, додека секој миг се коваа нови планови за големата федерација, група археолози од велешкиот Музеј ги почнаа планираните истражувања на неолитскиот локалитет Мрамор, кај селото Чашка. Тимот го предводеше Трајанка Јовчевска. На површината на земјата пронајдоа едно керамичко топче со три дупчиња. Топчето кое одамна, пред седум илјади лета, одамна, човекот со вулкан во градите го испушти од дланката, на залезот на денот, на залезот на неговиот живот. Археолозите го бележаа предметот, го ставија во кеса и го сместија во фиока заедно со другите предмети што ги пронајдоа во таа бурна година.


Локалитетот Мрамор-Чашка, каде што топчестата флејта е пронајдена како случаен, површински наод

Во 2007 година еден врвен музичар, во Универзалната сала во центарот на Скопје, првпат пред светот ги претстави звуците што ги создаде и до крајот на животот ги свиреше човекот со вулкан во градите. Драган Даутовски по 7.000 години свиреше на топчестата флејта... Денес тој вели:
- Овој необичен древен музички инструмент на чудно убав начин покажува колку и со каква љубов нашите предци се обидувале да произведуваат звуци и од земја.

Во документацијата е евидентиран како „свирка“

Топчестата флејта денес е дел од колекцијата на Народниот музеј во Велес и чека да стане дел од новата археолошка поставка. Д-р Анита Василкова-Мидоска, в.д. директорка на Музејот, раскажува дека неолитската населба кај Чашка е еден од најинтересните локалитети од периодот на неолитот.
- Предметот го пронашле моите колеги во 1989 година како случаен, површински наод, за време на археолошки ископувања. И го донеле во Музејот. Повторно е актуализиран во 2005-2006 година. Јас веќе работев во Музејот и имав чест да го конзервирам предметот – раскажува Василкова-Мидоска.


Анита Василкова-Мидоска: колешката Јовчевска раскажуваше дека веднаш ја асоцирало на свирка

Таа не може да ги толкува околностите во кои бил пронајден реткиот предмет, но постхумно ги прераскажува размислувањата на колешката Трајанка Јовчевска.
- Кога го погледнала предметот, ја асоцирало на свирка. Така и беше заведен во документацијата - „свирка“. Но, нели, некогаш она што прво ќе ти текне е точната дефиниција... Така велеше и колешката Јовчевска – „беше потребен одреден период за таа идеја да созрее, да се потврди научно“ – раскажува Василкова-Мидоска.

На почетокот на новиот милениум почнаа големи градежни активности во Музејот - ревитализација на зградата, подготовка на новата археолошка поставка која требаше да биде изложена пред јавноста. Меѓу другите, се појавил и керамичкиот предмет со три дупчиња...


Реткиот неолитски инструмент

- Во неврзан разговор со колегите споменавме дека ако се претпоставува дека е музички инструмент, добро е да се искомуницира со човек кој добро ги познава дувачките инструменти, кој може да даде одредена потврда на првичната идеја. Предметот беше целосно сочуван, без никакви оштетувања и беше сосема функционален. Колешката доби идеја да му се обратиме на Драган Даутовски. Најдовме негов број, го повикавме... – раскажува Василкова-Мидоска.

Артефактот е анализиран со современи технологии

Проф. д-р Даутовски продолжува каде што запреа археолозите:
- Ноември 2005 година. Трајанка Јовчевска, кустос во Музејот на град Велес, на стручна експертиза ми донесе мал топчест предмет моделиран од глина. Археолошкиот наод ми беше доверен со посебна законска одредба, а неговата официјална промоција како музички инструмент ја организира Управата за заштита на културното наследство. Во април 2007 година во Универзалната сала во Скопје и концертно ја промовирав праисториската топчеста флејта. Во исто време се зафатив и со темелно научно проучување на формата и на нејзините физичко-звучни особености. Во 2013 година ја одбранив мојата докторска дисертација „Топчестата глинена флејта од Македонија: праисториски музички инструмент“ – раскажува Даутовски.


Драган Даутовски, човекот кој го прослави артефактот

Значајниот труд од областа на музичката археологија, прв на Балканот и пошироко, редок и во светски рамки, Даутовски им го посветил на македонската археологија и на Трајанка Јовчевска. За Факултети.мк тој во сублимирана форма го наведува својот обемен труд, преку дел од современите органолошко-археолошки научни методи и техники на истражување. Со примена на преносен инструмент била извршена рендгенска флуоресцентна анализа, метода која е целосно недеструктивна и без никакви штетни влијанија врз артефактот. Скениран е со компјутерска томографија, направени се рендген-слики и ендоскопско снимање на артефактот. Крсте Мартиновски изработил единствена копија на топчестата флејта.


Проф. Никола Цивичи, експерт од Институтот за нуклеарна физика во Тирана, Албанија

- Минатата година во Љубљана се одржа светски конгрес на ICTM (Меѓународен совет за традиционална музика). На нескриено задоволство на моите колеги од студиската група за музичка археологија, ги презентирав моите научни согледувања за праисториската топчеста глинена флејта од Македонија, а моето предавање го заокружив со краток перформанс – раскажува Даутовски.



За музичката археологија

Тој вели дека поради физичката сочуваност на оригиналниот артефакт, непречено течело проучувањето на автохтоната техничка (звучна) продукција и севкупните акустично-мелодиски можности со кои располага прастариот музички инструмент.
- Научнопрактичните сознанија за неолитската топчеста флејта од Македонија - праисториски музички инструмент не само што се фундамент, базична научна тежина на емпирискиот материјал на мојата докторска дисертација, туку тие се всушност многу важни и за светската музичка археологија. Бидејќи таа до нови сознанија најчесто доаѓа врз основа на проучување на репродукции (изработени копии) на пронајдени и оштетени звучни предмети, кои честопати и не се музички инструменти – вели Даутовски.


Рендген-снимка на древниот инструмент

Во последните децении археологијата преку научната теренска работа и посебен научен приод е насочена кон интерпретативна реконструкција на проучувањето на животот во минатото (Маер). Даутовски вели дека сличен научен приод може да се примени и во опишувањето на музиката и, воопшто, проучувањето на музичкиот живот во подалечното минато.
- Особено што музичката археологија ги проучува предметите и материјалите слични или идентични со тие што научно ги третира археологијата, а во суштина и двете научни дисциплини се служат со исти или слични научни методологии. Затоа секогаш постои можноста етнографските и етномузиколошките толкувања на симболиката врзана за некој музички инструмент, преку иконографски и текстуални иформации и податоци, кои се однесуваат на обреди кои се тесно поврзани со практикувањето на музиката, да понудат дополнителни насоки и мислења за една поширока рамка на можни толкувања на определен археолошки контекст врзан за периодот кој се проучува – вели Даутовски.


За време на снимањето со компјутерска томографија

Тој објаснува дека прецизно и професионално (научно) извршената класификација на артефактот, како извонредно редок музички инструмент од семејството на топчести глинени флејти, резултирала со многу (сега) релевантни факти кои се однесуваат на процесот на неговата изработка-ергологија, во која група на инструменти припаѓа според начинот на кој се користи (изведувачка техника), неговите звучно-акустични својства, колкаво треба да биде искуството и практичното умеење на самиот изведувач итн.
- Верувам дека на овие фундаментални прашања дадов сосема прецизни и научно издржани одговори – вели Даутовски.

Уметничко-звучна промоција на неолитската топчеста флејта

Од секојдневното усовршување на изведувачката техника, логиката, интуицијата, научните експерименти и малку звучна магија, тој стекнал сознанија кои го обликувале научното јадро врз кое се надградува генералната хипотеза на неговата докторска дисертација.
- Археолошкиот наод од неолитскиот локалитет Мрамор-Чашка, со првобитно непозната утилитарност (пронајдена во недокументиран контекст), високо звучно и духовно (во симболична смисла) претставува добро дизајниран и функционален праисториски музички инструмент, на кој повеќе години модално експериментирав во разни пригоди, со разни музички формации и музички стилови, на многу домашни и светски сцени. Овој необичен древен музички инструмент на чудно убав начин покажува колку и со каква љубов нашите предци се обидувале да произведуваат звуци и од земја. Токму тоа ја прави уште пофасцинантна историјата за неолитската топчеста флејта од Македонија како праисториски музички инструмент! – објаснува Даутовски.


Хроматски тонски редослед (звучниот обем) на праисториската топчеста флејта

Според него, бидејќи музиката како феномен отсекогаш и постојано била менлива и ќе продолжи да се менува (низ старо/нови музички правци), тоа значи дека одвреме-навреме ќе се развиваат нови теории кои можат да ги објаснат и потврдат таквите промени. „Кој ќе посака да навлезе во духот на една цела нација или во одреден период од нејзината историја, за подобро да ја разбере, веројатно ќе треба да обрне посебно внимание на музичката уметност и нејзините творци...“ (Кеssеl.Ј.С.).


Крсте Мартиновски, изработувачот на единствената копија на топчестата флејта

- Непрекинатата уметничко-звучна промоција на неолитската топчеста флејта од Македонија, насекаде во светот (УНЕСКО, Седиштето на Обединетите нации, Светска банка итн.) не само што ја прави убедлива и одржлива генералната хипотеза на докторската дисертација, која ја третира како предмет на научно истражување, туку ги задоволува и очекувањата на познавачите и почитувачите на квалитетната музичка интерпретација на еден уметник, која директно е условена и од техничко-звучните можности на овој редок праисториски музички инструмент - вели Даутовски.

Наскоро на заслуженото место, во нова поставка

Откако се актуализира пред 14 години, предметот постојано беше под будното око на Управата за заштита на културното наследство. Артефактот е каталошки заведен како топчеста флејта. Со оглед на тоа што е случаен наод, предметот нема дефинитивна датација.
- Периодот е секако неолит. Контекстот на локалитетот Мрамор-Чашка е датиран во ран неолит, некаде околу 5.000 години пред новата ера. Тој потег, Вардарско-моравската магистрала на сите ни е позната токму поради сите тие интензивни движења, размена на култура и идеи, материјални средства. Од аспект на неолит, овој простор, особено околу Чашка, е многу интересен зашто дава многу убави примероци. Тоа интензивно го работеле претходните колеги, па речиси најголемиот дел од предметите што ги имаме потекнуваат токму од неолитскиот период од Мрамор-Чашка – вели Василкова-Мидоска.


Наскоро ќе добие посебно место во новата археолошка поставка во велешкиот Музеј

Тимот на велешкиот Музеј ја подготвува новата археолошка поставка. Во неа топчестата флејта ќе има посебно место и ќе биде дополнета со други елементи што ќе го доловат нејзиниот изглед.
- Оти, нејзината импресивност не е толку во изгледот колку во звучната магија што ја поседува. Во секој случај, овој музички инструмент од праисторијата, како дел од нашето нематеријално наследство, веќе има свое заслужено место на светската уметничка и научна мапа – заклучува Даутовски.



„Најголемите културни богатства на Македонија“ е серијал во чии рамки еднаш месечно Факултети.мк ќе објавува приказни за археолошкото наследство откриено во земјава. Ќе бидат опфатени и движни и недвижни наоди. Најголем дел од нив се денес изложени во нашите музеи, но има и многу експонати во музеите во странство. Експертите велат дека е фрапантна црната бројка на културното наследство нелегално изнесено од Република Македонија.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема