„Гугл“ лансира нова апликација за диктирање под името „Елоквент“ која, засега, доаѓа на „иОС“ и функционира дури и без интернет-врска.
Станува збор за експериментална алатка заснована на моделите „Џема“ на „Гугл“ за препознавање говор, која им овозможува на корисниците изговорениот текст да го претворат во уредени и готови реченици. Откако моделите ќе се преземат на уредот, апликацијата може да работи локално, без испраќање податоци во облак.
За разлика од класичните апликации за диктирање, „Елоквент“ не го пренесува говорот буквално, туку автоматски ги исправа прекините и самокорекциите во речениците. Резултатот е текст кој е поблизок до пишаниот отколку до говорниот израз.
Апликацијата овозможува и целосно локален начин на работа, но достапна е и опција за користење на облак обработка, при што за доработка на текстот се користат моделите „Џемини“ на „Гугл“. Исто така, може да повлече поими, имиња и стручни изрази од „Џимејл“, а корисниците можат да додадат и сопствени зборови.
Eloquent ја памети историјата на диктирање и овозможува пребарување на претходните записи, со дополнителни статистики како што се брзината на говорот и вкупниот број на изговорени зборови.
Конкуренцијата расте, „Гугл“ влегува во трката
Со овој потег „Гугл“ влегува во сè поконкурентниот сегмент на апликации за претворање говор во текст. Популарноста на таквите апликации расте како што се подобруваат моделите на вештачка интелигенција за препознавање говор.
Иако моментално е достапна само на „иОС“, од описот на апликацијата може да се заклучи дека се подготвува и верзија за „Андроид“. Според најавите, таа би можела да овозможи користење на апликацијата како стандардна тастатура и диктирање во кое било поле за внесување текст.
Фото: freepik