X
 09.10.2018 Образование

Академијата за наставници ќе почека до следната учебна година

На собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска на дневен ред се направија измени во Законот за Академијата на наставници

Повторно се одлага отворањето на Академијата за наставници, проект кој требаше да започне уште во септември 2016 година.
На собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска на дневен ред се направија измени во Законот за Академијата на наставници. Тие се однесуваат на одложување на започнување со примена на овој Закон. Во образложението стои дека целта на предложените законски решенија е да се создадат оптимални услови за отпочнување со примената на Законот за Академијата за наставници.

Во членот 68 зборовите „учебната 2018/2019 година“ се заменуваат со зборовите „учебната 2019/2020 година“.
Ова значи дека Законот ќе стапи во сила следната учебна година.

Идејата за отворање ваква Академија е со цел да се подигне квалитетот на наставниот кадар, но и да се обезбедат услови за кариерно напредување на просветните работници.
Според Законот, Академијата, која ќе биде лоцирана во Скопје, треба да организира обуки за наставници, а по успешно завршената обука наставникот ќе добие лиценца за работа. Програмата за обука се организира за наставниците да се стекнат со практични и теоретски знаења и вештини, со цел да се создадат високообучени, стручни и ефикасни наставници во основните и во средните училишта, како и за стекнување професионални компетенции за изведување настава во основно и во средно училиште. Законот предвидува кандидатите да полагаат приемен испит за упис, а времетраењето на Програмата за обука е различно.

Кај учесниците со завршени студии на наставнички факултет, програмата за обука ќе трае вкупно осум месеци. За оние со завршени студии што немаат наставна насока, програмата за обука ќе трае вкупно 12 месеци. Кај учесниците вработени наставници во основните и во средните училишта програмата за обука ќе трае шест месеци. На крај, секој кандидат ќе полага завршен испит. На кандидатот што се стекнал со лиценца за наставник при вработувањето во училиште му се исплаќа плата за наставник зголемена за 3.000 денари месечно. Лиценцата ќе треба да се обновува, а по третиот пат станува трајна.


Подготвил: M.A.M

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование