За разлика од Македонија, студентскиот живот во Софија е поскап. Академијата обезбедува месечна стипендија за странците, која е од особена важност за Петар. Од аспект на поволности како студенти, тие имаат или бесплатни или билети со пониска цена за градски транспорт, музеи, кино и театри
Откако на девет години првпат влегол во театар, кај Петар Андреев се јавила љубопитност за актерската уметност и добил желба да застане и тој на сцената, да провери што има зад неа, да види од каде влегуваат и излегуваат актерите и што прават кога не се на сцената. Години подоцна тој работи на реализирање на сонот да стане глумец, студирајќи на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија, отсек актерство за драмски театар, во класата на проф. д-р Пенко Господинов.
- По завршувањето на средното училиште аплицирав на ФДУ, но не успеав да влезам и да се запишам. Во тој момент колку и да мислев дека тоа е крајот, сепак, силната желба ме водеше напред и решив да пробам на некоја од академиите во соседните држави. Поради склоп на околности, една година подоцна аплицирав на академијата во Софија - вели Петар, кој е трета година на студиите во Софија.
Роден и израснат во Велес, Петар се гордее со родниот град, кој со децении беше познат како град на културата, центар на уметнички збиднувања и кој благодарение на долгогодишната театраска традиција, му овозможи да ги има првите допири со оваа уметност.
- При првото влегување во театар како дете ја гледав претставата „Генерална проба за самоубиство“ во велешкиот театар. Нормално, ништо не разбрав, ништо не се сеќавам, само знам дека се појави љубопитност кај мене. Оттогаш речиси секоја вечер одев на театар, ги изгледав сите претстави на репертоарот, некои и по повеќе пати и со текот на времето таа моја љубопитност се претвори во страст. Можеби тоа се првите моменти кога се вљубив во актерството и сакав да сум дел од театарската магија - додава Петар.
Петар Андреев/фото: Дино Јанаќиев
Како мал, Петар имал многу професии што сакал да ги работи кога ќе порасне, од продавач до професор по географија, но отсекогаш знаел дека ќе биде актер.
- Не знам дали сум играл по дома конкретни ликови од филмови или серии, но паметам дека со моето друштво од маало си организиравме маалски музички натпревари, шоуа со водители, измислувавме разни ситуации со различни карактери и ги разигрувавме… Од оваа гледна точка, сите тие наши игри се всушност составен дел од актерската игра - објаснува Петар.
Тој бил дел од сите театарски претстави што се подготвувале по повод патрониот празник на училиштето, како во основно така и во средно училиште. Но, тоа било малку за да го задоволи неговиот актерски апетит, па одлучил да почне со часови за глума, како предвесници за подоцнежното запишување на Академијата во Софија.
- Уште во почетокот на средното образование бев апсолутно сигурен дека ќе се занимавам со глума, па така во втора година средно одлучив да се запишам во актерска школа во Скопје и да патувам неколку пати во неделата, само за да откривам и да учам уште нови работи. Три години бев дел од Детското младинско драмско студио „Сцена“ со моите менторки Миа Кантарџиева и Теа Беговска. Со нив ги поминав најубавите моменти и таму ги научив базичните работи за театарот, кои понатаму ми помогнаа како предзнаења на академија - се присетува Петар.
Приемниот помина многу брзо, бев возбуден, па дури заборавив и дел од текстот
Бидејќи веќе имал претходно искуство со приемни испити, Петар на Академијата во Софија отишол со чиста мисла, самодоверба и без никакви очекувања. Тоа му успеало, иако приемниот во Софија е дури и пообемен отколку на ФДУ во Скопје.
- За приемниот испит во Софија секој требаше да подготви: комичен монолог, драмски монолог, поезија, басна, прозен текст, песна и танц. Активно се подготвував околу еден месец. Пред самиот испит имавме вокално, говорно и физичко загревање водено од професорите. Испитот ми помина многу брзо, бев возбуден, имав позитивна трема и поради материјалите и поради јазичната бариера во комуникацијата со комисијата, во еден момент дури заборавив и дел од текстот, но сè помина во најдобар ред - раскажува Петар.
фото: Теодора Тодорова
Студирањето на Академијата во Софија трае четири години. Првите две се доста напорни, а воедно и најважни, вели Петар. Тој е трета година на Академијата и токму во рамките на тие последни две години секоја класа треба да подготви 3 или 4 дипломски претстави кои влегуваат во месечниот репертоар на театарот.
- Тие средби се доста важни за нас, освен поради тоа што се среќаваме со голем број професионални режисери, композитори, кореографи, сценографи итн. Инаку, во секој семестар се преминува низ најразлични предмети, методи, тренинзи и вежби кои треба да помогнат за себепронаоѓање и да изградат стабилна актерска природа во секој од нас. Веќе во трета и четврта година актерските класи се дел од театарот НАТФИЗ (кој пред неколку години премина од училиштен во акредитиран театар) - вели Петар.
Студентскиот живот во Софија е поскап. Академијата обезбедува месечна стипендија за странците, која е од особена важност за Петар. Од аспект на поволности како студенти, тие имаат или бесплатни или билети со пониска цена за градски транспорт, музеи, кино и театри.
- Во Софија се изнагледав театар! Гледањето претстави е дел од самата професија зашто и така се учи и се отвораат нови хоризонти и точки на гледишта. Секоја година се организира Месец на светски театар, каде што гостуваат водечките имиња и трупи од театрите по светот. Освен тоа, култни режисери доаѓаат да работат со тукашните театри, како Јернеј Лоренци, Тимофеј Куљабин, Боб Вилсон. Тие можности и искуства се непроценливи! - вели Петар.
фото: Теодора Тодорова
Го прашавме Петар кои се главните разлики во студирањето глума кај нас и во Софија?
- Освен разликите во самата структура на образовниот систем во тие четири години од студиите, разликата меѓу глумачките академии во Македонија и овде е и во самите предмети. Освен неколкуте основни предмети што ги има насекаде, спектарот на другите предмети е многу поголем. Започнувајќи од неколку видови борби, акробации и танци, преку мит и религија, семиотика, естетика, разни литературни правци, па сѐ до синхронизирање, клавир, сценска шминка и арт-менаџмент. Таа разновидност од предавања, знаења и различните принципи исклучително многу помага во градењето на современиот човек и актер - објаснува Петар.
Неговата класа ја има таа среќа што професорот уште од првиот час им дал дозвола да учествуваат во разни надворешни проекти, се разбира, со претходна консултација со него. На тој начин Петар добил можност да ја почувствува магијата на сцената во неколку претстави.
- Сум учествувал во режисерски испити на студенти по театарска и филмска режија. Во јануари бев дел од дипломска претстава на колеги од четврта година како актер-гостин. Ја работевме пиесата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Антон Угринов. Иако е во рамките на театар НАТФИЗ, тоа беше мојата прва целосна претстава, надвор од мојата класа, за што сум исклучително благодарен. Инаку, сакам да се запишам и на постдипломски студии, но сѐ уште сум во фаза на размислување што да се запишам и каде точно и дали воопшто веднаш по дипломирањето. Се разбира дека имам желба да играм на професионалната сцена и на македонски јазик, но останува да видиме што ќе донесе времето - кажува Петар.
Фото: приватна архива