X
 12.02.2022 Наша тема

За таи чи чуан и неговата улога во намалување на стресот со сифу Дана Сиљан

Откако цели 20 години кунг-фу клубовите не успеале да се договорат да основаат Вушу федерација, Дана Сиљан и Елена Ставреска  успеале некако да ја формираат Македонската вушу федерација, која пред 5 години станала и дел и од Интернационалната вушу федерација (IWUF)

За време на пандемијата најчестата мотивација за тренирање е стремежот да се надмине колективниот страв и подобрување на општата кондиција. Стресот е причината поради која спортската дисциплина таи чи чуан стана една од најпознатите медитативни вештини во светот. Дисциплината таи чи чуан е присутна во Македонија уште од осумдесеттите години на минатиот век. Клубот за кој се врзуваат почетоците на таи чи чуанот и чи гонгот во Македонија е именуван како „Јин Јанг“ и сѐ уште постои. Таи чи чуан е спорт кој е дел од вушу-дисциплините. Вушу е кинески термин во кои се обединети сите кунг-фу дисциплини. Тука влегуваат санда, тао лу, чангчуан, винг чун и уште многу други.

Откако цели 20 години кунг-фу клубовите не успеале да се договорат да основаат Вушу федерација, Дана Сиљан и Елена Ставреска успеале некако да ја формираат Македонската вушу федерација, која пред 5 години станала и дел и од Интернационалната вушу федерација (IWUF). Токму со претседателот на Федерацијата и основач на клубот „Феи Лонг“, Дана Сиљан, поразговаравме за оваа необична спортска дисциплина, која кај нас станува сѐ попопуларна.

фото: Владислав Гавриловски

- Самиот термин таи чи чуан се состои од два дела - таи чи и чуан. Таи чи е врвен принцип на самото постоење, чие суштинско значење се содржи во симболичниот визуелен приказ на двете контрасни енергии јин и јанг, кои меѓусебно се надополнуваат, стремејќи се кон постигнување совршената урамнотеженост. Чуан ја претставува борбената компонента и во превод значи тупаница или врвен, ултимативен бокс, со што се нагласува и борбената димензија на таи чи чуанот. Познати стилови во таи чи чуанот се: ву (Wu), ву/хан (Wu/Han) и сан (Sun). Инаку, таи чи чуанот е дел од трите, да се изразиме така, најмеки кинески борачки вештини - вели Сиљан.

Практикувањето таи чи чуан има цел да придонесе кон целосна ревитализација на духот и на телото. Совршените и фини движења со кои се одликува оваа вештина овозможуваат да се спроведе енергетскиот тек во мускулатурата, во умот, во емоциите и во самиот дух на човекот. Таи чи чуанот нѐ учи да бидеме свесни за мигот и да ја живееме сегашноста. Бавните движења ги смируваат мислите, а концентрацијата и фокусот ги задржуваат присуството и свесноста за моментот. Освестувањето за овде и сега ослободува од стегите на стресот.

- Корените на оваа вештина датираат од пред 2000 години, кога самата вештина зазела форма на еден засебен систем на тренирање. Но, големиот таоистички мудрец Чанг Санг Фенг, гледајќи ја борбата помеѓу жеравот и змијата, систематизирал 13 основни движења во таи чи чуанот. Она што може да се издвои како основен принцип на таи чи чуанот, како борбена и медитативна техника, е воспоставувањето превласт на психо-физичката флексибилност над ригидноста, како и исполнување со квалитетна енергија со помош на минимални движења со телото.

фото: Киклоп
 

Патувала во Белград за да стане мајстор и инструктор на оваа вештина

Дана Сиљан уште како средношколка се заинтересирала за таоизмот и за будизмот. Таа најпрвин се запознала со поимот чи, а потоа и со таи чи чуанот како вештина. По препорака од нејзин другар, Дана го нашла тогаш единственото место во Скопје каде што можела да се тренира оваа вештина, но нејзините апетити брзо пораснале. Честопати соработувала со тренери од САД и од соседна Србија, патувајќи на часови во Белград, а нејзината упорност се исплатела со добивањето мајсторски чин дуан веи, со кој и официјално станала учител (сифу) на оваа древна вештина, и тоа првиот сертфициран учител по овие вештини во нашата земја.

- Како дете бев гимнастичар, речиси една деценија, а во средношколските денови се заинтересирав за таоизмот и за будизмот и буквално бев филозофски опседнат тинејџер и поради тоа понекогаш не многу пријатна за во друштво (секоја чест на тие што ме трпеле). Најпрво се запознав со поимот чи, а потоа и со таи чи чуанот како вештина. Да појаснам за читателите зошто сум се заинтересирала за чи. Во кинеските речници хиреоглифот чи се толкува како сила, дух, расположение, духовна сила и животна енергија. Тогаш во градов од кунг-фу дисциплини постоеше само винг чун, а тоа ми беше премногу популистичко, а и не сум се фаќала на приказни за улични тепачки и до одреден степен тоа ми е примитивно. Често одев на часови во Белград кај Саша Баланесковиќ, основач и претседател на Чи гонг асоцијацијата на Србија.

- Заминав за Белград, каде што имаше организирани подготовки и полагања и за инструктори/тренери и за мајстори, и во 2014 година се стекнав со мајсторскиот чин дуан веи (прво ниво, од вкупно 6), со што официјално станав учител по вештинава. Инаку, проблемот е тоа што е тешко да се дојде до полагање бидејќи тоа мора да се направи во некоја друга држава, затоа што комисијата од Кина не доаѓа толку често. Треба да има повеќе кандидати за полагање, а тие треба да одат и на подготовките што ги организираат.

фото: Ѓорѓи Вацев


Може да ја практикуваат луѓе од сите старосни групи

Посветеноста, упорноста и интересот за вештината се единствените предиспозиции што треба да ги поседува секој што сака да почне да ја тренира оваа дисциплина. Старосната граница и фактот дали кандидатот поседува спортско минато не се воопшто важни доколку сакате да почнете да ја практикувате оваа дисциплина, која докажано го намалува стресот и влијае врз психо-физичката рамнотежа на телото.

- Доаѓаат луѓе од сите возрасти и со различни или без никакви спортски предиспозиции. Нема некое правило. Таи чи чуанот нѐ учи да бидеме свесни за мигот и да ја живееме сегашноста. Бавните движења ги смируваат мислите, а концентрацијата и фокусот ги задржуваат присуството и свесноста за моментот. Освестувањето за овде и сега ослободува од стегите на стресот. Еден тренинг трае час и половина. Десет минути кардиовежби, малку подинамични, половина час растегнување, 20-30 минути борбени апликации и 20-30 минути таи чи чуан (и чи гонг) форми и 2-3 минути „стоење како дрво“, односно телесен став во имитација на дрво, со кој го затвораме часот.

фото: Владислав Гаврилоvски

Таи чи чуанот во некои земји е изборен предмет на факултет

Познавањето и искуството што Дана ги има во сферата на таи чи се поткрепени и со освоените златен и бронзен медал на првото Вушу натпреварување на земјите од Југоисточна Европа. Таа има учествувано на низа натпревари како натпреварувач, но и како тренер, и е претставник на Македонската вишу федерација. Како тренер и селектор на репрезентација, Сиљан има освоено два сребрени медали на второто Балканско вушу натпреварување одржано во Грција во 2015 година.

- Имам добиено признание за ширење на вушу спортот на овие простори од страна на Балканската вушу федерација. Сум учествувала на неколку натпревари, како натпреварувач, како натпреварувач и претседател на федерација, како тренер и само како претседател на федерација. Лично, како вежбач, имам освоено златен и бронзен медал на првото Вушу натпреварување на земјите од Југоисточна Европа.

Може да се каже дека интересот расте и дека луѓето се сѐ повеќе запознаени со карактеристиките на вештината, но тоа и не е доволно во споредба со другите земји, каде што таи чи чуанот и чи гонгот наоѓаат поширока практична примена. Баш пред некој ден еден мој ученик, кој студира во Унгарија, ми сподели вест дека на најстариот универзитет таму, Универзитетот во Печи, има таи чи чуан и чи гонг во редовната програма за изборни предмети, а кај нас во некои болници физиотерапевти првпат слушаат за вештиниве. Исто така, и многу наставници и професори по физичка култура не слушнале за таи чи чуан. Како и да е, одиме понатаму да го буткаме тркалото...

фото насловна: Лилика Стрезоска


Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема