X
 23.12.2016 Здравје

Древни кинески вештини за подобро психофизичко здравје

Разговараме со Александар Арсов – еден од инструкторите по традиционални кинески вежби (Таи чи чуан и чи кунг) во здружението Јин-Јанг од Скопје.



По струка Александар е продукт менаџер во реномирана приватна компанија од областа на информатичките и телекомуникациските технологии.

Дали се сеќаваш кога и каде прв пат слушна за Таи чи чуан?

Во некој стар кунг фу филм многу одамна, но прикажан како врвна боречка вештина. Во денешната форма, како вештина за подобрување на општата состојба дознав подоцна од документарни и патеписни филмови за Кина.

Кога почна да вежбаш и што те мотивираше да почнеш?

Почнав да вежбам во Maj 2010. Ми беше потребна „лесна физичка активност“ која не бара посебен простор и реквизити и премногу време во денот која денес скоро сите доктори ја препорачуваат за психофизичко здравје (тука мислам на лесната физичка активност, не конкретно на традиционалните кинески вежби).

Колку време ти беше потребно да ги совладаш основните движења?  За основно ниво од 3-6 месеци, за „телесна меморија“ генерализираниот просек е 100 денови вежбање. Под телесна меморија се подразбира кога телото „самото“ ги има запаметено формите и се изведуваат со леснотија и опуштено.

После колку години вежбање стана инструктор? 

По четири и пол години (потребни се минимум 4 според правилникот на Здружението).

Што е чикунг?

Буквално (и највулгарно) е одгледување (кун/gong) животна енергија (чи/qi) или работење со/на животната енергија или малку подетално - врамнотежување и култивирање (одгледување) на енергијата на телото преку усогласување на умот, телото и здивот. Се користи за разни цели од здравје, лечење, медитација, спиритуалност, па се до боречки вештини. Некои вежби ја зголемуваат животната енергија, некои ја раздвижуваат и циркулираат, некои се користат да го прочистат и/или излечат телото, да ја складираат животната енергија или да ја зрачат/емитираат животната енергија за да се помогне да се лекуваат другите луѓе. Тоа е многу стар систем од вежби, движења, ставови на телото и медитации. Може да варираат од благи, нежни и бавни внатрешни стилови (споредливи со таичичуанот) па се до брзи и агресивни надворешни стилови (споредливи и комплементарни на надворешните кунг фу вештини).



Како ги чувстуваш придобивките од вежбањето

Ги чувствувам одлично, и како поминува времето (со повеќе истрајно и постојано практикување) се истенчува чувствителноста (сензитивноста) на ионака многу суптилните манифестации на животната енергија (чи).

Дали би издвоил една компонента од вежбањето за која мислиш дека највеќе ти придонела во здравствен или писихолошки развој

Па (можеби ќе звучи стереотипно, но тоа е вистината) најуниверзалната компонента – медитацијата. Затоа што ги има сите аспекти на чи кун (став на тело, ум, дишење) вткаено во едно и ништо повеќе ниту помалку (не дека другите вежби ги немаат овие основи, но имаат и други елементи). Дишењето е основата и од тука поаѓа и здравствениот и психолошкиот развој. Кус елаборат - ако дишењето е длабоко и рамномерно и правилно органите добиваат доволно кислород, мозокот функционира нормално, нема застој во дишните патишта, срцето работи нормално и без непотребни оптоварувања и тоа е здравствената компонента (намален ризик од инфекции на дишните патишта, срцеви заболувања и слично). За психичката компонента - ако добро работат бубрезите, телото се чисти уредно од отровите, ендокриниот систем е полесно во еквилибриум во таква средина, стресот и неговите нуспојави побрзо се метаболизираат во телото и последиците од нив се помали со што психата станува поотпорна на негативни состојби.

Во чи-кунг е позната стоечката медитација, како една од омилените вежби на големите мајстори. Велат дека ако треба да одберат само една вежба која би ја практицирале би ја одбрале токму неа. Ќе сакаш ли малку повеќе да ни ја објасниш, бидејќи на прв поглед звучи контрадикторно (стоење и медитација).

Сето претходно кажано важи и за стоечката медитација. Неподвижната медитација која ни е првата асоцијација со зборот е најчесто некоја варијанта на седечка медитација. Понапредните видови се активна медитација кога телото (или делови од него) е во движење и не ви е потребен посебен простор или посебни услови и можете да ја практикувати каде било и кога било во секојдневниот живот. Но, за да се стигне до тоа ниво потребно е првин да се научи медитација во разни положби на телото, првин седечката а потоа на пример стоечката. Варијанти има многу, една од нив е стоењето како столб или „гушкање на дрво“ која се има издвоено и како посебна вежба ( https://en.wikipedia.org/wiki/Zhan_zhuang

). Медитацијата се генерализира како вежба на умот, но како и сите споменати вежби тоа е сеопфатна (холистичка) вежба и не е ограничена само на умот, туку и на телото, па ништо не нè ограничува да е телото во движење или стоење или седење.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје