X
 13.01.2020 Образование

Српски директор знае сѐ за своите ученици, им прави чај кога ќе настинат и собира пари за екскурзии

Неправда е да не им се дадат еднакви услови за школување на сите деца. А вистински грев е да згаснуваат селските училишта. Особено во збиени села расфрлани по брдата каде што не возат автобуси, а бројот на децата расте.

За да не мора учениците во средишниот дел на српско-босанскиот регион Подриње да пешачат по шумските друмови за да стигнат на настава, основното училиште „Стеван Јоксимовиќ“ од Рогачица кај Бајина Башта не затворило ниедно издвоено одделение. Ниту она во Љештанско, каде што првачето Марко Тешиќ било единствен ученик, ни во Јасик, каде што во клупата самува Стефан Тодоровиќ.

- Марко од септември ќе ја дели училницата со уште две деца од претшколска, а за три години тука ќе бидат петмина. Не дадовме да згаснат издвоените одделенија, а нема ни сега кога се знае дека ќе има повеќе ученици во матичното училиште во Рогачица и во Јасик и Љештанско, Гвосац, Оклец, Бачевци, Пашина Раван... - вели директорот на училиштето, Раде Јездиќ.

За опстанокот на издвоените одделенија тој му се заблагодарува на целиот колектив.

- Треба со право да каже „не дадов“ и „нема да дадам“. Тој сам го туркаше тоа, лавовски се бореше, со неверојатна енергија нѐ поттикнуваше да го поддржиме. Не само да не се затворат училиштата, туку и сите да изгледаат поубаво и помодерно. Каде и да зачкрипи, да се укаже шанса за подобри услови, ете го Раде се јавува во министерството, ги влече општинарите за рака, ги моли донаторите на учениците да им биде подобро, носи компјутери, нови клупи, столчиња, воведува интернет. И сам се фаќа за тешката работа, како некогаш во Гвосац, кога го поправаше покривот - раскажува Милка Стамениќ, работничка во училиштето во Љештанско.

Во „Стеван Јоксимовиќ“ учат 241 ученик. Директорот ги знае сите - по име и презиме, од кое село се, материјалната состојба, со што се занимаваат родителите, какви ученици се. Ништо не може да му избега. На еден час тој му одзел десетина минути на наставникот за да поразговара со децата.

- Замрзнат ли е патот? Внимава ли возачот кога вози по кривини? Има ли метеж во автобусот? Некој да не се изводени на одморот? Урош, како ќе родат малините? Вукајловиќ, од каде оваа двојка? Ти си четврто дете во фамилијата, знаеш дека сестра ти беше регионален првак во математика и трета по биологија. Сакам да ја надминеш - прашува и сугерира Раде, а децата му одговараат.

Пет девојчиња кренале рака за со него на среде час да изиграат едно оро.

Фото: Blic.rs

- Секој ден е вака. За време на часовите Раде прави обиколка на одделенијата за да разговара со учениците. Секогаш им ги прелистува тетратките, на сите им ги следи оценките, инсистира на убаво пишување и воспитување. Ако слушне дека некој ученик кашла, веднаш му прави чај. Колку пати има одвезено дома дете што се изводенило за да се пресоблече. На истото ги наведува и колегите. Нашите 15 најсиромашни ученици имаат бесплатен појадок, а сето тоа директорот го обезбеди преку спонзорства. Зрачи со заразен оптимизам со кој сите нѐ поттикнува на работа. Редовните административни работи ги одработува кога учениците ќе си заминат дома и во викендите - вели Радмила Тадиќ-Павловиќ, школски психолог.

Живеалиштето на Раде е во Ужице, иако исто време минува и во родното Заовине на Тари. Пред да стане директор во Рогачице, а избран е како невработен учител и единствен кандидат, тој работел во Алин Поток на Златибор. За тоа што го реновирал училиштето во селото, успешно ја спроведувал наставата, ги возел учениците на училиште и назад, во 2008 година добил награда за најдобар просветен работник во државата. Сите ученици од тоа училиште, кое денес е згаснато, сега се добри студенти.

Во училиштето во Рогачица важи правилото: Сите мора да одат на екскурзија! Оправдание за изостанок може да биде болест, но пари никако!

- Имаме фонд во кој вработените издвојуваат од платите, а со кој им помагаме на најзагрозените ученици. Купуваме ученици, тетратки, прибор, ги финансираме екскурзиите. Кога ќе видам дека некој ученик добил лоша оценка, го викам наставникот и го прашувам: „Знаеш ли дека е од сиромашна фамилија, каде живее и кога морал да стане за да стигне на училиште и кога морал да си легне поради обврските околу стоката и домаќинството? Мораш да разбереш зошто не научил“. Не можеме од училиштето да испраќаме само одлични, но мораме да испраќаме добри, вредни луѓе, идни домаќини - вели Јездиќ.

Откако тој е директор, училиштето добило 5 републички и 3 регионални прваци. Ова училиште во 2013 година било прогласено за четврто најдобро во Србија, а од 2017 година Јездиќ го носи Сретенскиот орден за развој на просветната дејност.

Фото: Blic.rs

Една ученичка поради болест дури оваа есен, во деветтата година, тргнала во прво одделение. Таа живее на територијата на општина Љубовија, а иако има и поблиски училишта, патува во ова училиште во Рогачица. Татко ѝ ги вози неа и сестра ѝ 40 километри во двата правца, а парите за горивото ги обезбедуваат наставниците. Раде бил гарант дека девојчето ќе ги има сите услови, тој го убедил таткото да го запише девојчето во тоа училиште.

Еден ученик дури и раскажува како директорот се спуштал низ стрмнина за да спаси повреден возач на шлепер кој се урнал во бездна.

Наскоро училиштето, се знае на чија иницијатива, ќе објави книга во која ќе има по една песна од секој ученик и цртеж што ќе ја илустрира. Тоа нема да биде првенче на Јездиќ, со поранешните ученици од Алин Поток издал збирка.

За бесплатниот превоз на учениците, трите автобуси што ги собираат децата од 17 села и населби, заслужна е општината Бајина Башта.

- Супер соработуваме со локалната самоуправа и месните заедници. Ништо не би било како што е да ја немам поддршката од колегите и родителите на учениците. Во ова училиште нема штрајкови! Како да ја бојкотираме работата или да држиме скратени часови на деца кои од дома до училиште и назад минуваат по 40-50 километри - вели директорот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование