X
 13.08.2026 Живот

Најбавниот концерт на светот - нота по нота сѐ до 2640 година, а карти за финалето веќе се пуштени во продажба по цена од 2.640 евра

Едни мали оргули на истокот од Германија се главната ѕвезда на најбавниот концерт на светот: едно музичко дело од композиторот Џон Кејџ со „замрзнато темпо“ го свират веќе скоро 25 години и продолжуваат понатаму.

Ретка промена на акордот се слушна во средата - од седум ноти на осум, како завршница на околу четири отсто од 639-годишниот подвиг на „Проектот за оргули“ на Џон Кејџ во Халберштат.

Тоа беше историски момент во средновековната црква „Свети Бурхарди“ во Халберштат, кој ги одразува минатото, сегашноста и иднината на проектот, како и на сите оние што го следат неговиот исклучително бавен напредок.

- Со оглед на тоа колку брзо се развива светот, мислам дека ова е прекрасно место да се посети, да се застане, да се дојде при себе и да се биде допрен од нешто подлабоко - изјави Анели Боргман, претседателка на управниот одбор на овој проект.

Иако самиот проект започна во 2000 година, изведбата официјално започна на 5 септември 2001 година, на 89. роденден на Кејџ, со „пауза на тишина“ која траеше сѐ до 5 февруари 2003 година, кога конечно се слушнаа првите акорди.

Композицијата под наслов „ORGAN²/ASLSP (As SLOW aS Possible)“ што во превод значи што е можно побавно, треба да заврши на 4 септември 2640 година.

Специјален систем од вентилатори постојано дува воздух во оргулите за да создаде непрекинат звук. Промената на акордите, која се врши рачно, значи дека звукот од цевките се менува или со додавање нови звуци или со прекинување на постоечките.

 

Повеќе од 150 луѓе се собраа во малата црква во средата за да бидат сведоци на 17. промена на акордот во изминатите 25 години, додека уште десетици дигитално го следеа видеопреносот надвор.

Цели 3 минути публиката во молк го слушаше „стариот“ акорд од седумте цевки на оргулите. Потоа во малата оргула беше вметната осма цевка, носејќи нов звук кој одекна низ целата црква. Слушаа уште три минути, некои снимајќи со мобилните телефони, а други впивајќи го звукот со затворени очи и наведнати глави.

Кејџ, познат американски авангарден композитор, бил роден во Лос Анџелес во 1912 година, а починал во Њујорк во 1992 година. Тој бил и музички теоретичар, уметник и филозоф, чие единствено упатство за ова дело било дека треба да се свири што е можно побавно и што е можно потивко. Првично го компонирал за пијано во 1985 година, а го прилагодил за оргули во 1987 година. По неговата смрт, група ентузијасти дојдоа до идеја изведбата да трае дури 639 години.

Интерпретацијата на композицијата во Халберштат има таков ритам каде што најмалата музичка единица трае цел еден месец. Другите единици, како и самата тишина, можат да траат и со години.

Проектот целосно ја трансформираше црквата „Свети Бурхарди“, која беше речиси во урнатини пред да се соберат пари за нов покрив и други поправки со цел делото да може да се свири.

Делото е предвидено да трае точно 639 години - од 2001 до 2640 година. Тој временски период е избран како почит кон историските оргули во Халберштат кои датираат од 1361 година, односно точно 639 години пред почетокот на овој проект во 2000 година, објаснува Боргман.

Толку долг период им овозможува на организаторите и посетителите да размислуваат не само за наследството на Кејџ, туку и за самите себе како привремени чувари на инструмент кој ќе ги надживее, бидејќи секоја следна промена на акордот зависи од новите генерации музичари, волонтери и занаетчии кои треба да го одржуваат во живот.

Следната промена на акордот ќе се случи на 5 октомври 2027 година, кога вкупниот звук ќе се намали со отстранување на цевката E4.

Билетите за завршниот концерт на 4 септември 2640 година веќе се пуштени во продажба по симболична цена од 2.640 евра.

Извор: 021.rs
Фото: Screenshot/Youtube

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот