X
 14.05.2019 Живот

По серија самоубиства, Универзитетот во Бристол нуди часови по среќа

Откако се најде на мета на критики по серијата самоубиства, Универзитетот во Бристол сега нуди лекции за среќа за студентите во рамките на нивните студии.

Универзитетот во Бристол нуди 12-неделен курс за студентите од сите универзитетски дисциплини од наредната година што ќе носи 20 поени од нивните 120 кредитни поени за прва година.

Одлуката дошла откако 12 студенти од универзитетската група „Расел“ се самоубиле во текот на изминатите три години. Курсот, кој треба да го предава професорот Бур Худ, психолог што истражува како функционира мозокот и како размислуваат луѓето, ќе истражува што е среќата и како може да се постигне.

Минатата година 400 студенти се пријавиле за пилот-курсот на овој универзитет, меѓутоа, курсот не давал никакви академски кредити, туку бил дел од напорите на универзитетот за подобрување на благосостојбата на студентите.

бристол
Фото: РА

- Навистина сме возбудени што универзитетот застана и го поддржа курсот „Наука на среќата“. Очекуваме стотици студенти да се пријават, не само поради психологијата, туку и поради секоја област од интерес - инженеринг, хемија, медицина и така натаму. Курсот ќе биде изграден и воспоставен врз основа на она што веќе го научивме во првата година, но овој пат ќе ги следиме студентите повнимателно бидејќи станува збор за курс што носи кредити. Затоа, ќе мора да вложат напори и да се ангажираат - вели тој.

Доброволниот курс првично бил воведен поради зголемената загриженост во врска со менталното здравје на учениците.

Минатата година студентите од Бристол демонстрираа барајќи поголема поддршка и услуги за младите луѓе со ментални проблеми на универзитетот.

На новиот курс, кој ќе почне од септември, студентите ќе присуствуваат на едночасовно предавање секоја недела, како и во „среќен центар“ заедно со своите колеги. Предавањата ќе се осврнат на серија прашања, вклучувајќи ги и прашањата дали среќата е во гените и дали навистина може да се промени, како нашите умови ја нарушуваат среќата и каква е улогата на една култура во среќата.

Од студентите ќе биде побарано да изберат една од седумте вежби за вежбање во текот на неделата, а потоа да го проценат ефектот што го има врз нив. Ова ќе биде дискутирано на неделните средби во „среќниот центар“. Вежбите вклучуваат повеќе спиење, медитирање, уживање, изразување благодарност кон луѓето и работите и практикување случајни чинови на добрина.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот