Во живописната природа на планината Бистра утре почнува 31. издание на Ликовната колонија „Галичник“. Вкупно 18 уметници од земјава и од странство ќе создаваат уметнички дела во селото Галичник. Поради состојбата со Ковид-19, деветте македонски уметници ќе престојуваат и работат во Галичник, а другите ќе учествуваат онлајн.
- Ваквиот концепт овозможува да се задржи меѓународното реноме на манифестацијата. Предноста на новите технологии овозможува и во вакви кризни времиња да ги одржуваме културните манифестации кои се препознатливи по својот квалитет и во светот, а интернет-платформите ќе ни обезбедат близок виртуелен контакт со меѓународните уметници. Воедно ќе се презентираат пред локалната публика, ќе се запознаат со останатите македонските автори, ќе почувствуваат дел од магијата на прекрасниот Галичник - вели историчарката на уметност Ана Франговска, организатор и куратор на колонијата.
Оваа година колонијата има и тема - „Коегзистенција“, која ја третира релацијата (изгубена) помеѓу природата и човекот (а Галичник со своите природни убавини се надеваме дека ќе придонесе кон преиспитувања за оваа искината нишка). Од Македонија учествуваат уметниците: Ненад Тонкин, Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Борче Богоевски, Тања Ристовка, Зоран Шеќеров, Игор Таневски, Ана Трајковска и Ана Ивановска. Интернационални учесници се: Жангхонг Лиао од Кина, Бурим Муфтиу од Косово, Тарлан Лотфизаде од Иран, Слободан Радојковиќ и Марина Марковиќ од Србија, Франциско Томшик од Уругвај, Ивана Радовановиќ од Црна Гора, Рубен Бас од Холандија и Том Лујтен од Белгија.
Заради поголема безбедност и избегнување групирање, уметниците ќе бидат поделени во две сесии по 5 дена и ќе се придржуваат до протоколи за заштита на здравјето на сите учесници. Колонијата ќе трае до 25 август.